Фотографии: Симоне Калица

 

Одамна ни беше желба и конечно имавме прилика да поразговараме со Џијан Емин за неговата кариера како диригент, бројни успешни проекти и планови за во иднина.

За неговото значење и квалитет како диригент говорат бројните досегашни успешни проекти од типот на: „Скопје за Боуви“, „Пинк флојд“, „Види музика, слушни слика, добиј книга“, „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Derrick May, „Neuland Sensorium“ и многу други.

Меѓу кои наскоро ќе може да го вброиме и неговиот следен настап, кој ќе се одржи на 2 август во Античкиот театар во Охрид, каде ќе го предводи музичкиот спектакл „Juan Atkins и Македонска Филхармонија“, под покровителство на Izlet Music, Music Incubator, Balance, Sektor 909 и Neuland. Каде веднаш по настапот, забавата ќе продолжи со афтер на плажа Парк, со легендарниот техно диџеј, Jeff Mills.

Како загревање на настанот имавме прилика да поразговараме со Џијан за неговото досегашно искуство, мислења за светот на музиката и планови за во иднина.

 

 

Џијан, здраво. Како си? Како одат подготовките за престојниот настан во Охрид, каде заедно со Македонската Филхармонија и Juan Atkins ќе ни приредите необично шоу? Што да очекуваме?

Здраво, добар сум. Во акција 🙂 Овој проект е многу комплексен на продукциско и логистичко ниво и секако процесот не е едноставен и лежерен. Предизвикот е голем, а со тоа и енергијата која се вложува е уште поголема, затоа што сакаме реализацијата да биде на високо ниво.

Пред 4 години на истото место имавме концерт со Derrick May кој помина фантастично. Оваа година, на наше огромно задоволство, гостин ни е Juan Atkins, многу важна фигура во светот на електронската музика, човек кој го носи епитетот ОРИГИНАТОР. Juan носи оригинален сензибилитет во неговата музика и на естетски план се разликува скоро од сè што постои на електронската сцена. Сметам дека публиката ќе има прилика да биде дел од една убава енергија која заедно со Juan и Македонската Филхармонија ќе биде неповторлива.

 

Позади себе имаш пребогата кариера, полна со заеднички настапи со големи светски и домашни ѕвезди. Кои три остварувања би ги издвоил како најзначајни во твојата кариера?

Најзначајни за мојата кариера секако дека се сите овие големи настани кои се случија изминативе години со Derrick, Jeff, Juan, Femi Kuti,…, концертите со филхармонија во градскиот парк. Но ако ме прашавте кои ми се најдраги, секако дека сите ми се посебно драги, па дури и оние мали концерти кои ги правевме порано низ клубовите. Секој ден е значаен и секој момент поврзан со музика носи нова енергија со нови предизвици и нови уметнички дилеми.

 

 

Раскажи ни нешто повеќе за твојот прв проект со Македонска Филхармонија, Derrick May и Огнен Узуновски, како продуцент, кој започна во 2014 година? Како започна сè и дали очекуваше овој концепт да прерасне во серијал на настани?

Идејата за тој концерт дојде од Огнен Узуновски-Оги, кој неколку години пред тоа почна да зборува за таков тип на концерт. Дојде момент кога стана извесно дека е возможен таков проект и публиката беше сведок на реализацијата. Оги беше убеден уште од самиот почеток дека проектот ќе добие светски размери. Јас тогаш не размислував што ќе биде со проектот, бидејќи веднаш по премиерата сè уште бев премногу влезен во самиот процес и ме интересираше само реализацијата да биде на квалитено ниво и покрај многуте технички недостатоци. Искрено, не очекував дека ќе одиме низ цел свет да го претставиме проектот и со тоа радоста за секој нареден настап беше огромна.

 

Neuland платформата за мултисензорни доживувања и несекојдневни музички искуства минатата година ти даде прилика да се изразиш на еден сосема поинаков начин преку Neuland Sensorium, „настанот за 2017 година“, според Reborn. Бидејќи за прв пат беше дел од ваков тип на настан, какво искуство беше ова за тебе?

Neuland Sensorium беше проект во кој беа инволвирани многу луѓе со единствена цел, да се доближи до публиката звукот, вкусот и визуелната естетика на еден сосема поинаков начин. Neuland ја подржа и помогна реализацијата на мојата комплексна идеја за да на крај бидеме сведоци на едно прекрасно искуство, каде тимски имавме прилика да помрднеме одредени стандарди. Изборот на просторот, Мала Станица, донесе нови идеи и со помош на одредени технички помагала имавме несекојдневно случување со музичари во различни простории кои свират заедно и публика која го слуша концертот на безжични слушалки и може да се движи низ просториите.

Ваков тип на проект се случи за првпат во светски рамки од ваков ранг, каде имаме 70 музичари инволвирани во процесот. Сето тоа поткрепено со визуелизации и анимации го направи овој настан посебен. Овој ми е еден од најдрагите настапи досега.

 

 

Дали можеш да ни раскажеш нешто повеќе за Project Zlust и работата со арт-рок составот DNO? Какво значење имаат овие проекти за тебе?

Тоа беше магичен период од мојот живот. Имавме наше студио каде поминувавме многу време заедно и самите ја снимавме и продуциравме музиката на двата состави. ДНО го претставувавме како арт-рок бенд, а Project Zlust како состав кој се занимава со уметничка музика. Носам прекрасни сеќавањата од овој период, затоа што бендот е како семејство и сите работи што ни се случуваа во тој период ги преживувавме заедно.

Снимивме многу музика, направивме неколку изданија, но за жал во еден момент енергијата која нè држеше заедно почна да слабее и некако неславно престанавме да создаваме заедничка музика. Сè уште сме другари и не ја исклучувам можноста дека ќе дојде момент кога повторно ќе ги здружиме силите да направиме нешто убаво и силно.

 

Бидејќи си исклучително успешен македонски диригент, дали некогаш си размислувал за професорка дејност и пренесување на своето знаење на помладите генерации?

И покрај тоа што почнав да носам очила за читање, сè уште немам инситуционални професорски амбиции 🙂

 

Дали би можел да ни откриеш кои се идните планови на Македонската Филхармонија и Џијан Емин?

Јас сум вработен во Македонската филхармонија и сега извршувам функција на раководител на музичка продукција. Нашата соработка е во два правци: кога филхармонијата ме ангажира да работам проекти кои се во нивна продукција и кога јас ја ангажирам филхармонијата за проекти кои се во заедничка продукција со Izlet Music.

Досега оваа соработка била повеќе од фантастична и реализиравме многу успешни проекти. Секако дека имаме заеднички планови, но не би можел да ги откријам во моментов. Во наредниот период би сакал да се фокусирам на реализација на одредени изданија бидејќи имаме многу снимена музика која спремна, чека во фиока.

 

 

Што мислиш, зошто помеѓу диригентите доминираат мажи, односно зошто мал број на жени се одлучуваат за оваа професија?

Во поново време има подобар баланс на оваа тема. Во Македонија јас познавам 6 жени диригенти, а и мажи се отприлика толку.

 

Имаш и повеќе од доволно искуство, па можеш објективно да направиш паралела помеѓу македонската музичка сцена и светската. Колку сме далеку од современите текови? Во што сме пак пред останатите, уникатни?

Според мене, денес светот ни е на дланка. Интернетот направи секоја информација да биде достапна секому и секаде. Сметам дека новите генерации ќе бидат уште повеќе „територијално“ ослободени и ќе можат да делуваат повеќе во универзални рамки, мисловно и духовно. Дали сме далеку или блиску е многу релативно и зависи од кој аспект се гледаат нештата, а за уникатноста да не правиме муабет. Поуникатен народ од овој нема никаде.

 

Comments

comments