Kraftwerk, New Order, Bronskey Beat, Derrick May, Frankie Knuckles, Prodigy, Orbital, Danny Tenaglia, DJ Rolando, Moby, Takasi Nakajima, Layo & Bushwaka, The Shapeshifters…

Сите овие имиња се на репертоарот на концертот на Еми Попивода и Александар Петров насловен како Acoustic Electronics, кој ќе се случи овој четврток во Станица 26, со почеток во 22.00 часот.

На Acoustic Electronics ќе имаме можност сите погореспоменати хитови да ги слушнеме во сосем друго светло, но не помалку интересно и амбициозно од електронските оригинали. Сонично трансформирани за пијано и тапан (да, оној македонскиот традиционален) и со нови аранжмани. Очекуваме да слушнеме свежо видување на еден куп популарни техно класики, во простор и амбиент кои гарантираат совршени електроакустични услови. Интересен, помалку лизгав, но за македонски услови неиспитан и потенцијално мошне возбудлив терен, комбинирањето на електроника и класика на овие простори сè повеќе добива замав.

Пијанистката Ема Попивода веќе подолго време истражува и ја развива својата естетска амбиција токму во овој правец. Acoustic Electronic е концертот каде ќе имаме уникатна можност да го послушаме нејзиното видување и транскрипција на некои од најрелевантните песни со кои израснаа електронските генерации во изминативе две децении.

Заинтригирани од оваа нејзина амбиција и поставивме неколку прашања, со надеж дека ќе ја доближиме оваа интересна акција до вашите ценети уши.

 

 

Здраво Ема, како си овие денови? Имам впечаток дека концертот кој го подготвуваш е мошне важен за тебе лично и твојата музичка кариера. Возбуда? Нервоза? Трема?

Овие денови сум максимално ангажирана околу подготовките на концертот, со повеќе часовни проби, вежбање, но и околу организацијата на целиот настан. Едноставно нема време за трема и нервоза. Секогаш со голема возбуда, но и со многу голема посветеност и љубов ги спремам сите мои концерти.

Овој пат можеби со уште поголем ентузијазам, бидејќи овој концерт е од поинаков карактер отколку досегашните мои концерти со класична музика. Иако сум настапувала и со програма од современи автори, на концерти со експериментална музика, сум учествувала во проекти со музички фузии и на проект со електронска музика и оркестар, ова е прв концерт во кој настапувам солистички со свои аранжмани во соработка со перкусионистот Александар Петров.

Затоа и со нетрпение го очекувам концертот и искрено се надевам дека музиката и целиот концепт на еден поинаков концерт за пијано збогатен со моќниот звук на тапанот, ќе и се допадне на публиката.

 

Што токму те натера да работиш/обработуваш електронска музика и да ја транскрибираш во оваа „класичарска“ форма? Како го направи токму овој избор на „техно“ класици?

Секогаш сум во потрага по нови иновативни музички стилови. Следејќи ги новите трендови на музички фузии и експериментирања и по многуте brainstrom разговори со мојот сопруг Давор Попивода, кој е и организатор (заедно со Станица 26) на овој настан, дојдовме до идејата дека ќе биде необично, можеби и уникатно да се направи еден реверзибилен процес во кој „најновата“ електронска музика ќе се врати во класичен стил за изведба на пијано.

Пијаното е инструмент кој има неограничени можности и во кој може да се слушнат сите оркестарски бои и токму затоа сметам дека е интересна идејата да се слушне електронската музика со нејзините особености токму на акустичен инструмент. Звукот на македонскиот етно тапан, неговата ритмичка и звучна моќ е совршено надополнување на целосната идеја.

Со Александар најпрво снимивме промо видео на тема од Orbital кое наиде на многу позитивни реакции кај публиката. Позитивни реакции и поддршка добив и од неколку познати диџеи кои ја слушнаа музиката како Egorhytmia, Еvil Eddie Richards, Gary Martin, David Morales, Takashi Nakajima, The Shapeshifters. Им се допадна музичкиот начин на размислување, но и начинот и звукот на кој песните звучат на пијано.

Изборот на композициите беше голем предизвик. Најпрво се трудевме хронолошки да бидат застапени теми и да направиме еден вид мал историјат со песни што одбележале различни децении на електронската музика. Од друга страна пак, барав композиции кои ќе бидат погодни за обработка на пијано, со побогата мелодиска и хармонска структура. Беше навистина предизвик сите оние елементи од електронската музика постигнати со компјутерски ефекти да се преточат во овој акустичен инструмент. Но, како што споменав, можностите на пијаното се неограничени.

 

 

Која е Ема Попивода? Можеш ли да ни дадеш мал портрет за себе и како гледаш на себе?

Пред сè, јас сум мајка на малата Вивиен Лола. Понатаму пијанистка, педагог, вистински вљубеник во музиката. Професионално активно настапувам долг временски период и концертирам и се трудам да го дадам најдоброто од себе на музичката сцена.

Во досегашната кариера сум настапувала на врвни музички сцени во Њујорк, Лондон, Токио, Рим, Брисел, Будимпешта, Гдањск, Салзбург, Девон и речиси насекаде низ Балканот и како солист, но и во различни музички состави. Ги завршив докторските студии по пијано интерпретација на ФМУ и работам како професор по пијано на  Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Повеќе од 10 години сум организатор на Фестивалот за современа музика „Модоарс“.

 

Кои се твоите музички планови, амбиции? Како/каде се гледаш себе во иднина?

Следуваат концерти со класична музика во Италија, Србија и Црна Гора. Продолжувам со настапите и музичките проекти. Како нов проект е соработката со сопранот Росалба Колосимо од Италија и поетесата и писателка Наташа Сарџовска, со која ќе одржиме концерт „Amore il canto“ во јуни во Скопје.

Размислувам и за проект со музика за пијано и диџеј, кој е сè уште во почетна фаза, па е рано за било каква најава. Следува уште многу музика.

 

Comments

comments