Фотографии: Александра Костадиновска

 

Неодамна на еден од скопските базари вниманието ми го задржа една тезга со накит која се двоеше од сите останати.

Се двоеше по посебноста и синилото, мистичноста, авангардноста, несовршените форми и совршените графики. Всушност тоа беше најновата колаборативна колекција на накит насловена „Bizarre“ на Ивана Секуловска (Factory Girl) во соработка со Емилија Миткоска од Урбан Ера.

Ивана студира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а веќе позади себе има неколку успешни проекти и засенети минувачи од нејзината работа. На креативен начин, со четка и многу имагинација, таа како да успева цела овоземска бизарност да ја преслика на своите дела. Но, затоа што секогаш останува нешто недокажано, веруваме дека Factory Girl пред себе има уште многу креативни експлозии и приказни за раскажување, кои ние едвај чекаме да ги дознаеме.

 

 

Која е Factory Girl? На какви проекти имаш досега работено и која е приказната која ја раскажувате со колекцијата „Bizzare“?

Factory girl е една девојка со немирен и истражувачки дух, која сè уште се открива себеси и има потреба од себеизразување преку различни техники и медиуми. Ова резултира со различни проекти од доменот на уметноста во кои сум била вклучена. Тука се неколкуте факултетски изложби од кои последната беше „Градот“ во мобилната галерија во паркот на Франкофонијата, неколку групни изложби на Интернационалниот институт за мода на Изет Цури, меѓу кои изложбата „Вон Шаблон“, капсулна колекција од која засега се реализирани 3 креации (јас носам една од нив на сликите). Исто така тука може да се спомене и проектот „Plastic is fantastic“ со кои се претставив на Fashion federation Paris во 2016 година.

Летово бев вклучена во изработка на еден краток филм на мој добар другар Андреј „Stuff happens in nowhere“ како костимограф и секако мора да ја напоменам колаборативната колекција на накит насловена „Bizarre“ во соработка со Емилија Миткоска од платформата за изработка на накит Урбан Ера.

Овој проект вклучува интерпретација на моите графики во техника линорез и илустрации, кои ги имам изработено во текот на првата академска година со парчиња современ накит со цел примена на графиката во бизарен, уникатен накит кој ја истакнува индивидуалноста и различноста во овој свет на mass production, односно бунт и непокор кон мејнстрим трендовите.

 

 

Како се одвиваше процесот на изработка на колекцијата „Bizzare“ и со какви материјали работеше?

Јас ги изработував графиките, а за процесот на изработка на накитот беше задолжена Ема, која веќе три години активно изработува накит од полимерна глина и епоксидна смола, материјали од кои е изработена и „Bizzare“.

 

Просторот, бескрајот и контурите честопати ги употребуваш во твоите креации. Како успеваш да му дадеш форма на имагинарното?

„Сè што имам во животот е мојата имагинација“, што би рекол и Вуди Ален. Бесконечноста по дефиниција е бесконечно голема количина. Тешко е да се сфати големината на таквата идеја. Кога понатаму ја испитуваме бесконечноста со поставување на една преписка помеѓу множества гледаме неколку особености.

За мене таа особеност е линијата. Сакам да и се препуштам на линијата и да видам каде се таа може да ме одведе. Никогаш не тргнувам со конкретна и јасна идеја, најчесто се водам интуитивно и во зависност од моменталното расположение или емоционалната фаза низ која минувам.

 

 

Имам впечаток дека сината боја ти преовладува во делата. Дали со тоа на твоите дела им даваш меланхолична и емотивна нота или можеби постои друга приказна позади оваа боја?

Некако сум „скарана“ со боите, па сината односно индиго сината е една од ретките бои кои ги употребувам во моите дела. Се смета за „боја на умот“ односно боја која влијае на нас психички, спротивно од физичкото влијание кое го има црвената боја врз нас.

Така што и покрај тоа што многумина сината боја ги асоцира на студенило и не емоционалност, таа нијанса на индиго сина мене ми дава доза на емоционална мистичност и длабочина. „Сината нема димензија, таа е над димензијата“  – вели Ив Клајн, еден од моите омилени уметници и причина плус која јас сум опседната со оваа боја.

 

Модниот дизајн е уште една сфера преку која се изразуваш. Дали може во иднина да очекуваме и твоја модна колекција?

Модниот дизаjн е всушност мојата вистинска љубов, која во иднина би сакала да биде и моја професија. Моментално работам како pattern maker кај македонскиот дизајнер Драган Христов кој стои зад брендот Лудус, но дефинитивно се стремам за започнување на свој, сопствен бренд за облека и аксесоари. Доколку се тече според планот, сакам првата колекција да излезе кон крајот на оваа година.

 

Comments

comments