Фотографии: Кети Талевска

 

На 30 јуни, сабота, битолскиот елетро музички колектив HAUZ ќе го прослави својот четврти роденден во Сектор 909.

Интервјуто со HAUZ доаѓа во период кога Reborn сè повеќе се труди да се доближи до битолската културна сцена. Пред неколку недели имавме прилика да се запознаеме и со уште еден битолски колектив, GREEN Community, а дел од програмата на овогодинешниот „Музеј Дебар Маало“ беше и Berryqajt, токму еден од ДЏ-ите од HAUZ.

HAUZ се музички ентузијасти кои се повеќе од еден вообичаен музички колектив на артисти/диџеи. Станува збор за платформа на која се пласираат миксови, видео подкасти и останати музички продукти на продуцентската куќа која егзистира под името HAUZ, како и реализација на уметнички настани, предавања, работилници и настани поврзани со културата.

Дознај повеќе за колективот од нашиот разговор со нив во продолжение и, се разбира, се гледаме во сабота на роденденскиот настан одрганизран од Neuland и Сектор 909.

Инаку, пред оваа роденденска прослава, како загревање, утре (29 јуни) одиме на првата Neuland Night (повеќе инфо за „Neuland Nights“ наскоро), која ќе се случи во Винил, каде ќе имаме можност да ги слушнеме Uzun Brothers.

 

 

Раскажете ни нешто повеќе за почетоците и оформувањето на HAUZ. Кои се членовите на колективот моментално?

HAUZ, како организација, со својата мисија започна 2014 година во еден битолски кафе-бар за викенд со идеја да се организираат настани и презентација од палетата македонски артисти вклучени во електронската сцена. По само две години постоење, организацијата продолжи самостојно да функционира и да се занимава со настани, видео продукција, промоција и едукација.

Во сето тоа своите креативни мисли ги преточуваат Александар Србин, Васко Димовски, Александар Гроздановски (Herzel), Дејан Талевски (Dejan Dex), Стефан Милевски (Berryqajt) и Стефан Јосифовски (JosS). Ова се само дел од најактивните членови, а во секој од настаните се вклучуваат многу други креативци од најразлични сфери кои го даваат својот удел.

 

 

Знаејќи го фактот дека електронската музика е скоро целосно „окупирана“ од страна на соло изведувачи и ДЏ-и, зошто се решивте да оформите музички колектив? Дали сметате дека полесен е патот до успехот ако сте здружени?

Може да се каже дека го одбравме овој пат поради споделување на повеќе идеи, како и можноста да инспирираме повеќе луѓе да се занимаваат со оваа работа. Сцената навидум е окупирана, но според нас не доволно со добро музика и свежи идеи. Така што, целта не е стриктно врзана за успехот, туку потикнување и инспирирање на што е можно повеќе луѓе, кои имаат љубов кон електронската музика и ваков тип на настани, за да бидат што е можно повеќе проактивни.

 

Кои битолски музички имиња, без разлика дали се дел од електронската сцена или не, би требало да ги знаеме? Каква е ситуацијата со битолската електронска музичка сцена?

Пред сè мораме да го споменеме Saso Recyd, кој со дуото Xavier Acid го издаде првиот техно албум во Македонија, уште во рани 90-ти. Потоа Herzel, кој веќе е на правиот пат да биде дел од мапата на светска електронска сцена, преку издавање на музика за странски издавачи. А исто така со своја продукција константно работат Dejan Dex и Димитар Додовски.

Ова се само неколку артисти кои ќе ги споменеме, се надеваме нема да замери некој кој нема да е споменат. Инаку сцената во Битола моментално не е на некое завидно ниво, но има доста настани, најчесто помали, кои се трудат да не изумре битолската „алтернатива“.

 

 

Оваа сабота во летниот клуб Сектор 909 ќе се случи прослава по повод 4-тиот роденден на HAUZ. Што научивте за овие 4 години? Што се има променето оттогаш?

Среќни поради тоа што го правиме и нè опкрижува, низ овие 4 години стекнавме одлична публика и пријателства, резиденција во која сме супер комотни, континуитет на настани и пред сè – музика со која сме особено позитивно расположени.

 

Како се случи вашата соработка со клубот Сектор 909?

Со екипата од Сектор знаеме долги години, уште пред да се оформи HAUZ, пример нашиот Dejan Dex првиот настап во Сектор го имаше уште во 2009 година. Поинтензивно почнаа да се разменуваат идеи со Сектор по настапот во декември минатата година на Uzun Baba во Радост, нашата неделна резиденција во Битола. Оттогаш наваму, поконстантно е дружењето и разговорите за подобрување на сцената во Македонија.

 

 

Кажете ни малку за процесот на селекција на музиката која ја пуштате како колектив.

Селекцијата на музика ја прави засебно секој наш артист, а кога ќе се спои сето тоа на денот на настанот секогаш звучи супер интересно за публиката. Миксот на аналогниот и дигиталниот звук е нешто кое се стремиме да го достигнеме, односно спој на нова и непозната стара музика која сметаме дека не добила доволно внимание.

 

Кои се трите работи кои најмногу и фалат на Битола моментално?

Три работи кои навистина ни фалат во Битола моментално се: Клуб за електронска музика, поголема поддршка од институциите за алтернативни настани и поголем фидбек од публиката, кој дополнително би нè мотивирал за наредни настани.

 

Comments

comments