Фотографии: Владич Бошковски

 

Изложбата на Hybrid Minds Crew, која ќе се одржи во Радост на 26 мај, ни послужи како одличен повод за подетално да ја споделиме нивната приказна.

За оние кои сè уште не ги знаат, Hybrid Minds е група на уметници кои одлучуваат да ги здружат силите и тимски да се погрижат ѕидовите кои нè опкружуваат да преминат во нешто повеќе од досадна, бела површина. Една од работите кои ги прават толку добри е тоа што се вечно жедни за соработка со други локални креативци, кои доаѓаат од било кое поле на уметноста.

Неодамна имав прилика да седнам на разговор со дечките и да им поставам по некое прашање, бидејќи силно верувам дека јавноста треба да знае за нив. Од одговорите во продолжение ќе дознаете нешто повеќе за екипата која стои позади „крајот на сивилото во Битола” и позади изложба во Радост, која ќе се одржи овој месец.

 

 

Сите ве познавам одамна, дури имам и цртано со некои од вас. После толку време се одлучивте да се споите и да оформите нешто поголемо. Што е Hybrid Minds и од каде дојде идејата тоа што го работите да го споите во една целина?

Hybrid Minds Crew е група на артисти од Битола, која веќе две години функционира во оваа форма. Иако како поединци веќе повеќе од десет години сме активни во полето на аудио/визуелните уметности, што пред сè вклучува изработка на графити и мурали како главен фокус, а покрај тоа и илустрација, анимација, графички дизајн, видео и фотографија. Сите наши дела се приготвени во нашето студио, во кое работиме поголем дел од времето, во сончева атмосфера. Бујрум на кафе и сонце.

 

Дали често разговарате со луѓето-минувачи дур работите на некој ѕид. Дали овие случајни разговори ви помагаат или повеќе би рекле дека одмага?

Дали прашуваат кога работиме? Да. Најчесто ги интересира кој ни дозволил да цртаме, од која партија сме, од која телевизија снимаме, зошто не цртаме кај нив дома…

 

 

Без разлика дали вашите дела пренесуваат одредена порака или не, дали мислите дека на некој начин помагаат во подигнувањето на свеста за овој тип на уметност кај луѓето од еден град. Или сè уште се гледа на тоа како „вандализам”?

Целта на нашите дела е потикнување на свеста на граѓаните за тоа дека уличната уметност не треба повеќе да претставува вандализам. Со цртањето на графит или мурал сакаме да пренесеме порака дека површините не се ништо повеќе од обичен ѕид и дека можат да преминат во визуелно дело, кое ако ништо друго, би им го разубавил денот на минувачите.

 

 

Дали имате некогаш досега побарано (финансиска) подршка за изработката на некој проект?

За изработка на делата се финансираме од сопствен „џеб“. Затоа што, нормално, за сè што досега сме побарале помош во форма на финансии, простор или опрема за изработување на мурал или некое парче, било целосно изигнорирано.

 

Дали мислите дека тоа што го работите може да инспирира некого, без разлика дали го разбира тоа или не?

Реакциите на луѓето, кои виделе што досега имаме изработено, биле секогаш позитивни, секогаш ја добиваме нивната целосната поддршка за да продолжиме со тоа што го правиме. Тоа значи дека го разбираат до одреден степен и дека се сосема во ред со тоа. Во однос на тоа дали може да инспирира некого – сигурно.

 

 

Дали имате досега работено на поголем мурал?

Чекаме кран од Али Експрес.

 

За крај, едно класично прашање извадено од типичните интервјуа за работа. Каде го гледате Hybrid Minds за 5 години од сега?

За пет години по некоја случајност се совпаѓа да ја издаваме нашата книга наречена „2023“, во која главна тема е забранетата љубов помеѓу куче и газела. Слободно можe да дојдeте на промоцијата. Ќе има коктел.

 

Comments

comments