Овој четврток (15.03.2018) со почеток во 20.00 часот во Кино Фросина, МКЦ ќе се случи промоцијата на новиот албум на скопскиот музичар и поет Исток Улчар.

Моето долгогодишно активистичко искуство да се биде на креативниот пулс на овој град, покажува дека едно од најголемите задоволства е кога ќе запознаеш млади (би сакал да ги нарекувам нови) скопјани, кои својот потенцијал го влеваат во реката активности кои го цртаат убавото лице на Скопје.

Секако не е случајна мојата средба со младиот господин Исток Ј. Улчар, поет, музичар, студент…и секако сопственик на уште пар неверојатни способности за кои сè уште не знам 🙂

Средбата испадна мошне фина пригода, долж сјајната духовна содржина на неговите амбиентални колажи, или како тој ја нарекува својата музика: plunderphonics.

Елегантен судир на култивизирано обработен „надворешен” ноиз и очигледно богат внатрешен духовен живот, кој веќе резултирал со 2 издадени поетски книги на така кревка возраст.

Интересни естетски превирања, типични за талентирани пост-тинејџери, сепак спакувани со неочекувано возрасна смиреност. Атмосфера која дефинитивно ќе ја посакате во вашата специјализирана одаја за слушање музика. Не би трошел додатни зборови со кои секако би претерал со фалењето на Исток Улчар, кој сепак музички е само на почеток.

Никогаш не можеме да бидеме сосем сигурни дали е ова само почетничка среќа, или добиваме интересен нов лик на независната сцена. Тоа секако ќе го дознаеме ако/кога ќе го добиеме второто издание.

Што се однесува до првото издание, кое носи наслов „Зрцало Света”, можете уште веднаш да го спуштите слободно овде. Извонреден би бил потег, а јас најтопло ви препорачувам, да го дошетате вашето убаво лице кое така адекватно е прикачено на таа ваша паметна глава овој четврток до МКЦ, поточно Кино Фросина на промоцијата на новиот албум на Исток Улчар. Бидете дел од концертната промоција на ова интересно дело, запознајте се со новата генерација скопјани, вложете во независната сцена. Да бидеме малку свет, сами со себе, овде кај нас.

 

 

Здраво Исток, како си овие денови? Деновиве промовираш албум со твоја музика за PMG Recordings, ќе отсвириш концерт. Има ли возбуда околу стео тоа?

Не би сакал да ја нарекувам „моја музика“, зошто е сечена-лепена-монтирана туѓа музика, а такви звучни колажи се музика само условно. За среќа, концертот нема да го свирам јас, но да не комлицираме – ќе се види сето тоа во четврток. Возбудата сега за сега е умерена, со можност за засилување како датумот е сè поблиску.

 

Ти си пред се поет, досега имаш издадено 2 книги поезија, а на пат е и трета. Кажи ни збор-два за тоа и како од поезија се префрли на музика. Откаде и како се разви таа амбиција, дали тие две ти се можеби поврзани, или гледаш на нив засебно?

Од она што го прави дедо ми (книжевност) се префрлив на она што го правеше татко ми (plunderphonics/звучни колажи). На почетокот, во основно, не ми беа поврзани овие две дејности, иако отсекогаш имав желба да ги спојам, но со ова издание мислам дека мојата поезија им се приближи на моите звуци, но тоа ќе биде повоочливо во некоја идна стихозбирка.

 

Зошто „амбиентална” музика, или како веќе се нарекува денес? Се работи за афинитет кон атмосфери, некаков генерациски трип (доста ги има млади луѓе кои тоа го прават деновиве), или можеби чиста случајност.

Јас инсистирам овој „жанр“ да се нарекува plunderphonics, иако многу појасен е терминот cinematic ambient. Би рекол дека до него дојдов сосема случајно, кога еден другар и колега од Радишани, Топер алијас Likvidator, ми го покажа Kreng (чија нумера во голем дел ја употребувам на еден наврат во изданиево) при што бев поттикнат моите колажи да ги направам естетски блиски на неговата музика. Сепак, таа е многу помалку шизофренична од она што имам јас да понудам.

 

Што се те инспирира да креираш звук/музика? Ми се чини дека не се тоа чисто музички влијанија. Како да има поширок спектар причини за тоа, или можеби музиката е само дел од некоја твоја поширока слика за себе…или во себе?

Во секој случај, ова Mini LP прилично јасно го опишува мојот темперамент, така што влијанието дефинитивно доаѓа и одвнатре, но и од фасцинацијата од звукот како физичка појава. Воедно, инспириран сум и од изнаоѓањето интересни парчиња во песните на локалните и на светските естрадни изведувачи (патем, подложни честопати на критика од моите пријатели – љубители на поуметничка музика), така што на истото место каде што се наоѓа Kreng искористен е и гитарски риф на една трака од Тони Зен, а во еден друг колаж се појавува гласот на Lady GaGa. Некаков провокативен омаж на поп-културата му доаѓа сето тоа.

 

Како гледа на музичката/уметничка сцена во светот и Македонија млад човек како тебе (колку имаше 21?) овие денови?

21, точно. Секогаш ќе има добра музика и лоша музика; музика што ќе ни се допаѓа, дури и да е лоша (виновно задоволство, постиронија) и музика што нема да ни се допаѓа, иако е добра (објективност). Главната струја во секоја уметност е популистичка, со што нејзината уметничка вредност е пониска, но тоа не значи дека во подземјето нема творци кои се неинвентивни. Важно е само да се копа, доколку сме вистински музички ентузијасти и да не се потпаѓа под влијанието на масата, но не и да се нема никаков авторитет чии предлози ќе ги уважуваме.

 

Comments

comments