Превземено од electronicbeats.mk
Фотографии: Ангела Стојковска и Софи Лазовска (Frozen Time Drops)

 

Лично го запознав пред точно една година. Супер впечаток ми остави со разговорот и сè уште се сеќавам на една работа што ја кажа – „Сакам да се издвојам од толпата“.

Со неговиот последен проект, „Понеделник“, се чини дека Matej Foltz (Матеј Милутин) го пронајде својот „глас“. Проектот, од сите аспекти – од музика, до текст, до визуелизации, е оригинален и не наликува на ништо што досега излегло од македонската хип хоп сцена. Не се обидува да биде Трап, не се обидува да исфорсира Траш. Во време кога хип хоп сцената, локална и глобална, е окупирана од фејк гангстери кои рапуваат за коли и пари, навистина е освежувачки да се налета на некој како Foltz.

Очигледно е дека неговата музика е под влијание на иста таа глобална сцена (неговиот вајб потсеќа на Gambino, Drake, Cudi…), но Матеј успева да го земе сето тоа влијание и да го претвори во нешто што звучи автентично и домашно.

 

 

Кога ја слушам „Понеделник“, не можам да не се поврзам со детето од соседството кое поминува низ период на транзиција (во случајов најверојатно од тинејџерство накај возрасен). Матеј има одличен талент да ги преточи овие чувства во едноставен текст со кој секој ќе може да се поврзе: „…Многу ствари кои лежат / малку луѓе кои тешат / многу рани кои не се лечат / горди фаци, често грешат.“  

Со „Понеделник“, Матеј успешно се издвои од толпата. На свои 20 години делува спремно да остави своја трага. Не само на локалната музика и креативна заедница, но можеби и на пошироката хип хоп сцена.

 

Re: Од каде си? Дали мислиш дека твоето опкружување влијаело на твојата креативност?

Матеј: Од Ново Лисиче сум, но покрај фамилијата, како опкружување кое првично ме оформило, околината што најмногу влијаеше на мојата креативност е средното училиште Лазар Личеноски, каде што се запознав со луѓе покрај кои можев да творам слободно и опуштено.

 

Дали се сеќаваш на првиот пат кога успеа да собереш храброст за да седнеш и да напишеш твоја песна?

На почетокот правев само битови, заедно со Шишка (Дамјан Шишковски) и Насте (Никола Настевски) од Зее Бомб. Долго време имав желба да пишам текст, но откако тие го извадија нивниот прв сајфер Boomcore (25.02.2014) мислам дека тоа беше главниот мотив за и јас да го напишам мојот прв текст.

 

Вие сте колектив на креативци кои заедно го работат аудио и визуелниот аутпут за Matej Foltz. Како се запознавте? Кажи ни кој сè е дел од тимот и што е нивната улога?

Ние сме група на луѓе која што заедно креира но сме подвижни, во смисла дека на различни проекти работат различни луѓе и секој придонесува на свој начин.

Поголем дел од тимот се имаме запознаено преку средното училиште Личеноски (Зарија, Ангела, Шишка, Насте, Софи, Димитар). Со TenSixty (Филип Стојановски) се запознав на снимање на реклама, додека со 5R (Петар Трпески) се запознав преку младата рап група Valuti.

Ангела Стојковска и Софи Лазовска (FrozenTimeDrops) работат на видео и фотографија. TenSixty и Димитар Милев работат на инструментали, додека 5R работи и на продукција. Зарија Али работи на шминка и облека.

 

 

Покрај музиката, знаеме дека моментално студираш графички дизајн. Како се одлучи за тоа? Дали мислиш дека има сличности помеѓу двата медиуми: музичка продукција (особено хип хоп) и графичкиот дизајн?

За мене музиката и графичкиот дизајн отсекогаш оделе одлично заедно, иако се две различни полиња. Може да се каже дека дизајнот ми беше прва љубов (портфолио, тука) и ме донесе до музиката, која подоцна стана нешто во кое се пронајдов себеси повеќе. Јас сум сличноста меѓу дизајнот и музиката.

 

Кој е твојот омилен музичар моментално активен на глобалната сцена? Од друга страна, кој е најдобриот текст што си го слушнал во последно време?

Омилен музичар во последно време ми е XXXTentacion, кој за жал веќе не е активен на глобалната сцена, но се надевам дека неговата музика ќе остане, бидејки е вистинска уметност.

Најдобриот текст што го слушам неделава е за „Is There More“ на Drake, која често ми е на рипит. „I only tell lies to who I gotta protect / I would rather have you remember me how we met / I would rather lose my leg than lose their respect.” Сакам да го читам текстот истовремено, дури ја слушам песната.

 

Кажи ни, кои се 3-те песни кои ги слушаш деновиве?

Drake – „Is There More“, Gunna – „Sold Out Dates“ и XXXTentacion – „Moonlight“.

 

Какви планови имаш за наредниот период? Има ли нешто на што сакаш да се сконцентрираш?

Нишанам кон тоа да се осетам себеси, да работам на себеси – многу песни. А паралелно на тоа и да го завршам факултетот.

 

 

Ако ти се допаѓа(ат) __________, __________, __________, можеби ќе ти се допадне и Matej Foltz.

Ако ти се допаѓа(ат), Left 4 Dead и диносауруси, можеби ќе ти се допадне и Matej Foltz.

 

Досега не си настапувал во живо како Matej Foltz. Дали имаш планови за настап во живо?

Имам настапувано два пати досега со Зее Бомб, еднаш во МКЦ како предгрупа и еднаш воКапан Ан. Имам забележано дека додека настапувам своите текстови ги доживувам на многу поинаков начин, чувствувам како заедно со публиката да го живеам по втор пат веќе пишаното. Би сакал да имаме настап, но откако ќе го завршам проектот на кој моментално работам.

 

Дали има некој кој би го нарекол свој ментор? На кој начин ти влијаеле нивните совети и помош?

Ментор ми биле и ми се луѓето околу мене. Тие кои ме инспирираат и со кои можам да зборувам за нештата на коишто работам. Станува збор за размена. Тие се тука за мене, ми даваат совети и за приватниот живот, а јас пробувам да возвратам со истото.

 

Comments

comments