Доказ за нашата не-толку-дамнешна констатација дека во Македонија се играло, се игра и дефинитивно ќе продолжи да се игра хокеј на мраз е освоеното прво место на IHF Development Cup, турнир за држави без хокеј арена.

Само што дознавме дека Македонија го освои првото место на IHF Development Cup, турнирот за држави без хокеј арена. Па, најдоброто нешто што можевме да го сториме за оваа информација да не остане незабележана и непроследена е кратко блиц интервју со Самуел и Владимир, македонски репрезентативни хокеари.

 

 

Најпрво честитки до огромниот успех и освоеното прво место на IHF Development Cup, турнирот за држави без хокеј арена. Дали може да ни раскажете, знаејќи го фактот дека во Македонија нема хокеј арена, како се подготвувавте за овој турнир? Каде тренирате?

Самуел: Јас лично се подготвував во Шведска кај што работам и живеам. Тренирам три пати во неделата хокеј на мраз и дополнително неколку пати неделно одам во теретана.

Владимир: Најпрво да ви се заблагодарам за честитките и големо фала до сите оние кој не подржуваа изминативе години. За IHF Development Cup, знаејќи дека немаме хокеј арена каде да се подготвуваме, сите од тимот се снаоѓаа кој како знае и умее. Јас, и покрај работните обврски, го искористував секој слободен момент да излезам на кејот на Вардар и кондициски да се подготвувам преку возење ролери, трчање и слично. Оваа година поради високите температури, лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски со доцнење беше замрзнато и пуштено во функција, па поради тој факт бевме приморани пред Development Cup да одиме во Блед и Јесенице, Словенија, каде што одработивме 2 тренинга на мраз. Од таму заминавме за Фусен, Германија, каде што се одржа IHF Development Cup.

 

Што е следно? По победава следи по опуштен период, или продолжувате турбо со нови натпревари? Кои се вашите амбиции за иднината?

Самуел: Моментално не се знае кога ќе се играат следните натпревари. Јас се враќам во Шведска каде што ќе продолжам да тренирам и да се подготвувам за следните борби за нашата држава. Амбициите сега за сега се да се изгради хокеарска арена во Македонија за да можеме нормално да тренирамe и играме официјални квалификациски натпревари за Светско првенство во Хокеј на мраз и евентуално да стигнеме до поголеми успеси на национално ниво.

Владимир: Следно за Македонската хокеарска репрезентација е Турнирот во Скопје- Skopje Ice Festival кој од година во година прераснува во се посилен и позначаен турнир. Skopje Ice Festival постои од 2013 година и во него освен македонски учествувале и тимови од Бугарија, Грција, Русија, Романија, Германија, Србија и други. Оваа година турнирот ке се оддржи од 7-9 декември на Лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски.

Нашите амбиции за во иднина се, прво да добиеме затворена хокеј арена, со што би добиле право да настапуваме на Светско Првенство во Хокеј на мраз. Исто така за во иднина приоритет ни е да успееме да се квалификуваме на Светско првенство во Хокеј на Ролери, каде што секоја година сме се поблиску и поблиску до квалификација. И покрај тоа што немаме услови за тренинг поради немањето затворена хокеј арена и терен за Инлајн Хокеј (Хокеј на ролери) ние остануваме истрајни во нашите намери да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

 

 

*Самуел, од сигурни извори дознавме дека ти си човекот кој стои позади најуспешниот Инстаграм профил за промоција на Шведска? Раскажи ни нешто повеќе за овој твој проект. Како дојде до оваа идеја? Дали мислиш дека сличен ваков проект би успеал и во Македонија?

Точно така, овој проект го започнав пред 5 години и сега за сега ужива огромен успех. Мислам дека истиов модел може да профункционира и во Македонија, само треба упорност, време и јасна визија.

 

Comments

comments