Слушна ли за дизајн конкурсите на HOIOOOD?

Зашто ние сме целосно опседнати со добар дизајн на мебел и возбудливо ја ѕиркаме секоја апликација која пристига за конкурсите. А во потрага по добра инспирација која ќе ни помогне во скицирањето столчиња и смислување на совршената работна маса, налетавме на младата дизајнерка, Натали Ристовска.

Немањето добра локална инспирација, успешна приказна што ќе ја спомнеш кога некој ќе проба да те убеди дека „ништо добро не се случува кај нас“, го споредуваме со кризата на немање добра музика за слушање. Последните неколку недели, Натали Ристовска ја користевме како безбеден одговор во секој разговор чија цел беше потрага по (не само) дизајнери кои мислиме дека вреди светот да ги знае

Периодов сме опседнати со дизајн на продукти. Reborn заедницата моментално работи на дизајни кои ќе победат на првиот отворен продукт дизајн конкурс на HOIOOOD. Во потрага по инспирација, дојдовме до неколку млади наши дизајнери кои веќе имаат искуство и некаков успех во полето на продукт дизајн. Еден од нив е Натали Ристовска.

Воодушевувањето со Натали не е случајно, тоа одлично се поклопува со нашата опседнатост со добар дизајн и добри производи, а најмногу од сè – со добар дизајн на производи. Од истата таа причина, неодамна се лансираше платформата House of Thousand Designers, која меѓу другото ќе ни служи како помош во наоѓањето на талентирани локални дизајнери.

Натали, која студираше додипломски студии по индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје, моментално ги проследува нејзините мастер студии на Академијата за иновативни уметности и дизајн, NABA во Милано. Таа, како што и доликува на една млада талентирана девојка, верува во многу работи, а една од нив е еднаквата важност на формалното и неформалното образование и константната жед за знаење.

Во продолжение е нашето кратко интервју со Натали. Продолжи да читаш за да ја дознаеш нејзината историја, приказната зад нејзиниот мултифукнционален производ Stripe и неколку корисни лекции кои Натали ја научи искуството, а кои таа сега ти ги пренесува тебе.

 

 

Натали, кога би можела да издвоиш нешто што најмногу влијаело на начинот на кој креативно си се развивала и начинот на кој твојот стил се истенчил, што би издвоила (или кого)? Можеби имаш некој „ментор“ или можеби некои јавни и познати личности кои би сакала да ги издвоиш?

Од менторите кои ми влијаат во изградувањето како дизајнер, би го издвоила Паоло Рицато, кој иако има 75 години сѐ уште дизајнира и секој негов дизајн е high tech. Неговите дизајни од пред 30 години се сѐ уште актуелни на пазарот и се продаваат како да се дизајнирани денес. Би ги споменала и Патрисиа Уркуиола, заради емоциите и деталите, и Оки Сато заради едноставноста.

 

Раскажи ни ја приказната на „Stripe”. Започни од самата идеја за создавање, па сè до вкупниот процес на реализација и развивање? Дали можеби научи нешто ново во процесот, некоја нова лекција која би сакала да ја споделиш?

„Stripe“ е проект на кој работев заедно со Мики Стефаноски. Тој беше задолжен за брендирањето, а јас за производот.

Идејата почна да се развива на една летна работилница, пред неколку години, на која имавме ограничени ресурси за работа. Од материјалите кои ни се нудеа се одлучив да користам метал, па токму од таму започна сѐ. Предизвик ми беше да работам процес кој го немав работено претходно. Првичната идеја беше да дизајнирам столче со едноставна форма, кое ќе биде наменето за облекување чевли во ходник (сите седиме или на скали, или на под, или на столица која е со друга намена, односно несоодветна димензија), но идејата прерасна во дизајн на мултифукнционален производ, модуларен елемент кој може да се мултиплицира за да се добијат различни решенија во ентериерот.

Развојот на производ е најтежок, но според мене е најинтересен процес во дизајнирањето. Производството во нашава земја не идеше лесно, со оглед на тоа што повеќето од производителите не дозволуваат да бидеш дел од процесот на работа. Но за производот да биде успешен, дизајнерот мора да е во работилница и да го следи секој чекор. Невозможно е да се добие добар производ без постојан контакт помеѓу дизајнерот и производителот, па затоа морав да креирам своја лабораторија каде пробував различни видови на заварување и правев промени во првичниот дизајн, сѐ со цел да го решам инженерскиот дел, за потоа да можам да го споделам процесот на производство со фирмата која сега го изработува „Stripe“.

Најдобриот аспект од тоа да се биде дизајнер на производ е тоа што секој производ ти е нов предизвик, нема процес што се повторува, па така учиш и се надоградуваш со секој нов дизајн.

 

 

Кога би можела да го вратиш времето, дали би постапила различно во некој момент од развојот на „Stripe”?

Од денешна перспектива, со искуството кое го стекнав и го стекнувам секој ден, нормално е дека би го развила производот на поинаков начин. Инженерски гледано, производството е решено на најдобар можен начин, но после неколку години работа и следење на пазарот, би го поедноставила дизајнот со што би ги намалила работните часови за реализација.

 

Со што си „опседната“ периодов, за што читаш секојдневно и на што мислиш постојано? Како твоите моментални интереси влијаат врз твојата работа?

Опседната сум со нови материјали, нова технологија, computational design, нови откритија во сите сфери на науката, микроскопски слики од живиот свет итн. Верувам дека нов дизајн значи користење на нова технологија, па и од таму најчесто ја црпам инспирацијата за мојата работа.

 

Кога би требала да споделиш некој совет за младите идни дизајнери, што би ги посоветувала?

Бидејќи и јас сум млада, можам да дадам совет само на помладите студенти од мене :). Би ги посоветувала да си го пронајдат сами својот метод на работа, бидејќи во дизајнирањето не постои формула; да не дозволат професорите да влијаат на нивниот стил и метод на дизајнирање, но да ги слушаат кога станува збор за техничка поддршка и изводливост на идејата.

 

 

Дали има одреден добро издизајниран нов продукт, кој неодамна те воодушевил?

Секојдневно на пазарот излегуваат добри производи, но бидејќи сум опседната со нова технологија, сакам да направам една компарација во технологии за производ кој првично е дизајниран во 1945 од страна на Чарлс и Реј Ејмс – „The Elephant.

Првично, The Elephant е произведен од шперплочa. Но, традиционалниот процес на виткање на дрво (за кој Ејмс добиваат и патент) во комплексна форма е значително тешко, заради физичките карактеристики на дрвото, па затоа овој производ останува како прототип во 50-тите години, за подоцна да биде реализиран во пластика. Но денес, со помош на нов материјал т.н. програмирано дрво, пронајден од Self-Assembly Lab, процесот на реализација е значително олеснат. Овој материјал се добива со 4D принтање и софтвери за оптимизација/симулација на карактеристиките на материјалот.

Самоформирачкиот материјал е составен од испринтани дрвени честички во зададената форма. Па така од 2D форма, се добива 3D производ. Програмираните материјали се во фаза на истражување, затоа вака произвоеден сѐ уште не може да се набави на пазарот, но во блиска иднина ќе гледаме многу вака дизајнирани производи, кои освен што брзо би се изработувале, би имале и ефективен транспорт.

 

Comments

comments