Фотографи: Ерина Богоева и Мирко Вујисиќ

 

Кој вели дека не можеле да се спојат Софокле, Жан Ануј и Миро Гавран на иста сцена? Кој вели дека мора да се покоруваме, да замолчиме или пак да не го кажеме она што сакаме да го кажеме? Кој тоа ќе ни забрани?

Кога ќе се спојат талентот, визијата, храброста и креативноста – ќе ја добиеме Нела Витошевиќ. Со многу претстави, награди и пофалби позади неа, Нела донесе свежина на македонската театарска сцена. Најновиот проект на режисерката Нела е претставата Антигона и Креонт.

Со Нела разговаравме за театарот, љубовта, омразата, слободата и иднината. Со Нела разговаравме за еден куп убави работи.

 

Зошто се реши токму за Антигона, што те инспирираше?

Антигона како олицетворение на храброста и репрезент на индивидуалната волја, наспроти нејзиниот вујко Креонт како симбол на апсолутистичкото владење, претставува универзален проблем кој воедно е и одраз на она што го живееме денес. Нема сомневање дека темата на драмата е безвременска и актуелна, а јазикот толку поетичен и префинет што веднаш те освојува.

Освен политичкиот контекст, во драмата има и нешто магично и мистично, изобилува со морничави но истовремено нежни слики. Ми се превртуваат пеперутки во стомакот кога ја замислував таа мала и слаба девојка како се искрадува доцна во ноќта со железна лопатка во раката и тајно фрла песок врз телото на братот. Спојот на детската бутовност, непокорот и наглото созревање што го носат околностите како и жртвата што ја прави во име на слободата, на принципите, на љубовта кон братот, наспроти ненаситноста за моќ и спремноста на владетелот да убива само за да ја зацврсти позицијата на престолот, беше главниот опозит кој мене ме инспирираше да ја создадам оваа претстава.

Исто така многу ми се допаѓа и човечкиот аспект во драмата, прикажан преку љубовта на сестрата кон братот. За време на процесот, многу размислував колку всушност луѓето се оттуѓени едни од други. Колку само случаи и примери може да наведеме во кои брат со брат, родител со дете, пријател со пријател не сакаат да се погледнат. За тоа колку политиката ги подели луѓето, колку луѓето се закрвија поради различните гледишта. Оваа претстава зборува и за хуманото, за меѓучовечките односи, за тоа колку лесно повлекуваме линија со другите луѓе и колку лесно судиме без да се обидеме да се разбереме. Колку и е всушност лесно на омразата да не проголта. Омразата е многу страшна и силна и мора што поскоро да се отарасиме од неа.

 

 

Што значи Антигона гледана од денешницата?

Антигона е мојата/нашата реалност, моето/нашето секојдневие. Кога велам нашето секојдневие мислам на борбата за слобода со која поединецот се соочува, овде во земјава. Затоа сметав дека сега е вистинското време да прозборам за значењето на индивидуалната слобода и говорејќи гласно за проблемите што не опседнуваат, да ја натерам публиката да размислува за истите, а со тоа да извојуваме и една „мала победа“ во однос на неправдата која ја живееме.

Во тој контекст денешната Антигона зборува за процесот на созревање на иднивидуата и важноста на слободата за поединецот. За да разбере дека не сака да игра во однапред напишани и изрежирани сценарија, кај современата Антигона мора да се случи пресвртна точка која ќе ја освести. Таквите точки на пресврт се многу важни за личноста воопшто. Пронаоѓањето на тие „точки на пресврт“ е пат кон себеспознавањето. Поради тоа, денешната Антигона мора да разбере, за да ја даде својата жртва за слобода. Од друга страна таа е и гласот на младата генерација која треба да ја донесе промената во општеството.

 

 

Како се одвиваше процесот? Какво е искуството да се работи во независен театар?

Ивана, Наталија, Симона, Зоки, Стефан и Блажо се екипа каква што секој режисер може да посака. Кога гледам сега од дистанца можам со сигурност да кажам дека ова беше еден прекрасен и продуктивен процес. Тимот имаше огромна желба да навлезе длабоко во материјалот, одлично се разбиравме и надополнувавме и за релативно кратко време стигнавме до премиера. Една од предностите на независната сцена е токму тоа што екипата можеш да ја формираш сам, што не е случај кога работиш во институција бидејќи таму глумците мораш да ги одбереш од постоечкиот ансамбл на театарот.

Независната сцена е жива, енергична и полна со ентузијазам. Иако скоро никогаш нема доволно пари, најчесто и нема воопшто пари, сепак ми се чини дека екипата во овие проекти работи со многу поголема волја отколку во проектите во државните институции. Никој не брза да си оди од проба и сите работат за доброто на претставата. Независната сцена е толку искрена и привлечна што еве јас после толку сработени проекти, уште не можам да и откажам љубов.

 

Кога е Антигона најсреќна?

Антигона не сака да живее живот по туѓи правила и не дозволува да биде втурната во системот во кој не верува. Ако ја изгуби оваа битка против кралот, ако сега се покори, цел живот ќе оди со свиткана глава и ќе испорачува туѓи агенди. Затоа и ја одбира смртта. Ниту една од Антигоните не се плаши да умре затоа што во контекстот во кој е ставена, тоа е единствениот пат до слободата. Затоа таа оди среќна во смрт. Среќна и слободна.

 

 

Со кој би направила заедничка претстава?

Со Џули Тејмор. Насловот би бил „Зимска бајка” од Вилијам Шекспир. На оваа тема мислам дека одлично би се разбрале.

 

Со кој не би направила?

Ќути, не прашувај.

 

Дали се чувствуваш дека можеш да кажеш сѐ пред нашата публика? Постојат ли предрасуди, цензура?

Јас имам должност кон себе и кон професијата да кажам се пред публиката, без разлика дали тоа ќе и се допадне или не. Целта на претставата не е само да те растажи или да те насмее. Некогаш треба да те наполни со агресија, да те запрепасти, да те измачува, се во зависност од тоа што е битно за моментумот. На театарот не треба да се гледа како на добар провод. Тоа е крајно површно.

Што се однесува до ограничувањата, и да постојат јас лично не ги перцепирам. Никој нема право да ми наметнува и наредува. Веројатно и зрачам со таква енергија па поради тоа „надлежните“ не си дозволуваат да ми се мешаат. Веќе неколку пати сум рекла дека театарот е мојата слободна зона и тука никој ама баш никој нема да ми каже што да правам.

 

 

Што да очекуваме следно од Нела?

Има еден проект кој ми е особено важен и верувам дека следната година ќе успеам да го реализирам. Се работи за прва соработка помеѓу мене и една наша авторка која е воедно и моја добра пријателка. Многу ми се допаѓа тоа што го пишува и со оглед на околностите осеќам голема возбуда и радост по повод нашата прва заедничка соработка. Истовремено имам позитивно чувство дека ќе се разбереме и одлично ќе работиме. Едвај чекам да почнеме.

 

Comments

comments