Фотографии: Елена Фиданска

 

ВАЖНО! На 14.07.2017 година (петок) во Сектор 909 ќе се случи журката по повод 17 години постоење Balance.

 

Оги е градски лик, од старата гарда. Заедно со неговите соработници и љубители на префинетиот електронски звук, помешан со џез, фанк, хаус и афрички битови, Оги повеќе од 17 години е еден од основните оддржавачи на темпото на скопскиот ноќен живот.

Накратко, тој во 1999 година заедно со Самоил Радински, Иван Тодоровски и Смилен Димитров ја формираат музичката продуцентска куќа, „Balance”, во 2008 година станува дел од „Сектор 909”, во 2009 го отвара локалот „Излет”, a во 2014 година заедно со познатиот македонски диригент, Џијан Емин го формираат „Izlet Music Production”.

За да не ти снемаат теми на муабет додека нарачуваш џин-тоник или чекаш ред во ВЦ на престојната журка, сега е добар момент да ги слушнеш неверојатните приказни кои Оги ни ги раскажа пред некој ден.

 

 

Во 1999 година, заедно со Самоил Радински, Иван Тодоровски и Смилен Димитров ја формиравте музичката продукциска куќа, „Balance“. Кажи ни повеќе за како дојде до тоа? Што правеше пред „Balance“?

Моето минато, пред да започнеме со „Balance”, беше доста бурно… Токму формирањето на музичката продукциска куќа „Balance” и запознавањето со Самоил, Иван и Смилен ми го променија начинот на живот. Заедно почнавме да креираме нови моменти во електронската сцена во Македонија.

 

Кажи ни нешто повеќе за првата сериозно јака журка на „Balance“ во 2000 година – настапот на Derrick May? Што очекувавте, а што добивте?

Првата јака „Ballance” журка можам слободно да кажам дека за мене беше најдоброто нешто што се случило во врска со „Balance”, најверојатно дека „нема втора шанса за прв впечаток“. Не бевме предводени од моќта на парите, единствено ни беше важно да се реализира таа журка и да биде најдобриот музички настан што до тогаш се има случено.

Настанот се случи во Охрид на 15.07.2000 година на плажата Градиште, под отворено небо. Како се будиме сабајлето на 15-ти, гледаме дека врне, не престанува цел ден, а Derrick требаше да слета во Скопје во 22 часот.

Тргаме по дождот со Смилен од Охрид за Скопје, стигаме на аеродром и гледаме дека авионот ќе задоцни цели 2 часа. Шок. Се стаписавме. Чекавме на аеродром и од возбуда и збунетост не ни помисливме да се вратиме до Скопје. Дојде судбоносниот час, жив и здрав слета Derrick May. Целиот беше разигран и весел, најверојатно нè препозна мене и Смилен дека сме стрaшно возбудени, па реши да не опушти малце. Пробуваше да нè развесели и му успеваше.

Стигаме во Охрид околу 02.30 часот по полноќ, а Derrick инстантно ни „наредува” „ај до соба на 5 минути”. Нормално одиме со него до горе и ни одбројува 5,4,3,2,1 и за 5 минути он е веќе спремен да се/нè забавува.

Стигаме пред кампот во Градиште и горе гужва од коли, едвај некако се пробивам до рецепцијата и на рампата им викам – „Ве молам доцниме, ние сме организатори на журкава, со диџејот сме, отварајте ја рампата”. И се појавува еден човек ми покажува значка на прозор и вика – „паркирај на страна, НТШ”.

Паркирам со колата и отворам гепек, ги вадам торбите со плочите на Derrick и тргаме тројцата со полицаецов накај рецепција. Влегуваме во просторијата и гледам десетина ликови залепени со фаците накај ѕид, со рацете на глава ги претресуваат. Влегуваме во некоја импровизирана канцеларија и полицаецот му вика на Derrick – „вади се од џебови”. Derrick вади клуч од соба и слушалици, а јас упорно пробувам да им објаснам на надлежните дека се работи за светски познат музичар. На крај со молење и кукање и откако не најдоа ништо, полицајците се смилуваа да не пуштат.

После тој немил настан продолжувам со одисејата, се симнуваме накај плажа и веднаш се јавувам да нè пречека обезбедување за да можеме некако да се пробиеме низ публиката. Пристигнуваме доле каде нè пречека тотален позитивен хаос. Публиката беше енергична и очиглено повеќе од возбудена (се случи инстанстно влечење и тегнење на Derrick преку обезбедувањето). Derrick почна со својот ДЏ сет околу 02.45 часот наутро и не престана се до 08.30.

Тоа беше навистина еден незаборавен сет, откачена атмосфера, чудна возбуда и среќа и огромен мотив да продолжиме понатаму со тоа што сме започнале. Таа журка беше дел од проектот наречен „Точка на топење”. Подоцна под „Точка на топење” се случија забавите со Kevin Saunderson и новата 2000-2001 со Gene Farris на Скопски Саем.

 

 

Раскажи ни нешто повеќе за проектот „Izlet Music Production“?

Izlet Music Production“ е партнерство помеѓу мене и познатиот наш диригент, Џијан Емин. Тој е човекот кој како со магично стапче да се појави од нигде-никаде и реши да ги исполнува моите соништата. Од првиот момент кога го запознав Џијан Емин и после краток разговор со него бев убеден дека Џијан треба да оствари соработка со некои електро артисти од Детроит т.е. да направиме една колаборација со врвната електронска музичка сцена. Првичната идеја ми беше да се направи концерт со UR и Македонска филхармонија.

За таа цел отидов во 2012 година во Детроит, за да се сретнам со стариот мој пријател, Derrick May и да започнеме со муабет за некаква идна соработка. Но, во тој момент во Детроит се случуваше “Movement festival”, еден од најдобрите светски музички фестивали за електронска музика.

Детроит беше преполн со туристи од цел свет, музичари, диџеи и што уште не. Отидов до Submerge, една од попознатите Детроитски студија и продавница за плочи, каде имав средба за договарање на потенцијалниот концерт на UR со Македонска Филхармонија. Но заради големата гужва и бидејќи тогаш сите сакаат да го посетат Submerge, не успеав прецизно да договорам сè.

Подоцна кога се вратив во хотелот дојдов на идеја да го прашам Derrick дали би сакал да направиме концерт со него и Македонска филхармонија. Дечкото без многу размислување прифати, од прва.

Проектот “Musica Universalis” го крчкавме околу 2 години за да на 02.08.2014 да се случи бум и да биде прогласен како проект од национална важност за Република Македонија од страна на Министерството за култура на Македонија.

После тој чин, “Musica Universalis” достигна светска популарност и заедно со Џијан бевме гости во градови од типот на: Гент, Париз, Ница, Детроит и Мелбурн.

Следната година, во 2015-та направивме договор со EXIT Festival, Нови Сад и требаше UR и Македонска филхармонија да го отворат јубилејното 15-то издание на EXIT. Но, не успеавме во тоа бидејќи тогаш бевме жестоко излажани од Министерство за Култура.

Без разлика на сè, „Izlet Music Production“ продолжи да работи самостојно и минатата година премиерно го претставивме проектот со Juan Atkins и Белградски Симфониски оркестар, фестивалот Dev9t во Белград.

 

 

Голем поборник си за легализација или декриминализација на марихуаната. На кој начин овие легислативни промени може да влијаат врз идниот развој на младината?

Марихуаната или конопот, исто како и музиката, веќе доста долго време се дел од мојот живот и дефинитивно имаат извршено само позитивно влијание врз мене и луѓето во мојот најблизок округ. Порано темата „марихуана” важеше за табу тема, но денес тоа правило полека избледува и младите, па и постарите, сè повеќе градат позитивно мислење за марихуаната и нејзиното дејство.

Кај нас во моментов се наоѓаме во фаза каде е легализирана медицинската употреба на марихуаната, а како следни логични чекори би требало да бидат: најпрвин декриминализација и следно легализација за рекреативна употреба, како што е случај во повеќето европски земји.

Идејата е да може секој да поседува по три билки за своја лична употреба и да се отворат Социјални клубови за рекреативна употреба на марихуана. Дури мислам дека е паметно да се формира и Министерство за Канабис, преку кое ќе се регулира нејзината употреба во сите облици.

Чинот на декриминализација на марихуаната ќе придонесе и за привлекување на голем број на не субвенционирани туристи, огрмони економски бенефити и за мене најважното – дека ќе се смени енергијата кај народот и Македонија ќе стане посебна дестинација на Балканот.

 

Кои се трите работи кои му фалат најмногу на Скопје моментално?

Поголема култура, лупење на фасадата на Владата (за почеток) и тотална легализација на канабисот.

 

Comments

comments