Фотографии: Александра Костадиновска

 

Дали е легитимно и оправдано, некој да ти каже „Ај не си дете“ ако боиш боенка, а вистински, веќе подолго време не си дете?

Одговорот на горното прашање е позитивен само ако се одлучиш да „позајмиш“ боенка од некое дете на детски роденден во игротека. Но, затоа ако си ја купиш боенката за возрасни „Скопје 091“ на Васил Шемкоски, која на последниот саем за книга кај нас ја освои првата награда за „Најкреативно издание“ тогаш си чист ко суза.

Пред да ја набавиш оваа боенка, издание на книжарница ТРИ, фино е да знаеш дека зад неа стои Васил Шемкоски. Васил работи како илустратор, по вокација е економист, првото менторство во светот на уметноста и цртањето го добива од својата мајка, добар другар е со Зоран Кардула и беше, и сè уште е, поприлично гласен со своите активистички ставови и идеи.

 

 

По професија си економист, но веќе подолго време работиш како илустратор. Како се случи да влезеш во светот на илустрациите? Има ли некој кој би го нарекол свој ментор?

Уште од дете чкрабав на листови, по тетратки, за време на час во основно и средно, дома по ѕидови… А денес, постојано си го поставувам прашањето „Зошто не се запишав на архитектура или уметност?“. Да можам да го вратам времето назад, сам на себе би си опалил една добра шамарчина, која ќе ме натера да се запишам на факултет со професија која навистина сакам да ја работам. Сепак, се запишав на Економски факултет, отсек маркетинг. По дипломирањето шалтав од една на друга работа и во еден момент ми се разбуди повторно љубовта кон цртањето. Гледав како оди развојот на илустраторите преку социјалните мрежи и си реков – „Зошто не и јас?“.

Поривот ми беше политичката ситуација кај нас. Бев тотално разочаран бидејќи се осетив како да сум дел од таа загубена генерација, која не знае што со иднината. Тогаш решив да си го направам животот поинтересен и почнав да се „ложам“ на ликови како Banksy, Basquiat, Warhol, Dali, Invader, Nychos и други.. Секојдневно читав за нив, гледав документарци… читав работи поврзани со дизајн, илустрации, желбата растеше сè повеќе и повеќе. Тогаш решив да почнам повторно да цртам со цел да ја подигнам свеста кај народот, да пробаме заеднички да не викаме само „уживај брат, ќе биде подобро“, туку да се фокусираме на промена на нештата кои ни сметаат.

Околу менторството поврзано со дизајн и илустрирање, има еден куп луѓе на кои сум им благодарен. Најмногу за дизајнот и илустраторството можеби научив на моето прво работно место во Total Communication SKP. Исто така особена почит имам за мојот другар и колега, уметникот Зоран Кардула, кој секогаш ја разбира мојата работа и знае правилно да ме советува и насочи.

 

Преку своите постери со активистичка тематика беше дел од екипата на графички дизајнери и илустратори кои беа дел од Шарената Револуција. Раскажи ни нешто повеќе за ова.

Првично почнав да цртам од бес. Штом ќе прочитав некоја мизерна вест, инстантно чувствував некаков внатрешен немир и така ми доаѓаше инспирација за да гo исмејувам нашето општество и нашите (не)драги политичари. Kaко што ги цртав веднаш ги објавував по социјалните мрежи. Тогаш почнаа доста луѓе да ми честитаат на храброста, иако не чувствував никаков страв бидејќи бев многу бесен, а имаше и непријатни ситуации поради самите илустрации. Тоа ми беше само дополнителен мотив да цртам уште побрутални цртежи.

Во врска со соработката, се случи сосема рандом. Наеднаш се покрена иницијатива помеѓу сите илустратори, цртачи, дизајнери, уметници и целата креативна заедница кај нас за да се издизајнираат постери кои се политички, економски и социјално поврзани со Македонија. Тоа беше ден-два пред парламентарните избори, кога постерите беа објавени по сите социјални мрежи под назив #ГЛАСАМПРОТИВ. Преку овој активистички потег се отвори една интернет герила кампања која на крајот се испостави дека беше навистина успешна и влијателна.

 

 

Боенката за возрасни „Скопје 091“ на последниот саем на книга ја освои првата награда за „Најкреативно издание“. Честитки за наградата и дали би можел да ни раскажеш како дојдовте, заедно со ТРИ, до идејата за боенка за возрасни и целиот концепт на презентација на Скопје преку објектите на Кензо Танге?

Уште од првиот мој контакт со Љубомир од Издавачкиот центар ТРИ видов дека ќе си имам работа со човек со кој многу лесно ќе најдеме заеднички јазик. Уште од прва му се допадна мојот стил на цртање. Првично разговаравме да изработуваме новогодишни честитки, но сепак не издржав и морав да ја споделам со Љубомир мојата идеја да направиме боенка за возрасни за Скопје. Идејата беше прифатена инстантно и уште истиот ден се фатив за работа.

На боенката активно работев околу три месеци. Кога ќе добиев некоја идеја, веднаш палев компјутер, Mac Demarco во позадина и знаев со саати да се изгубам во илустрациите. На крајот сè излезе како што треба и сум неизмерно благодарен на ТРИ кои ми овозможија боенката да се реализира и што веруваа и сè уште веруваат во мојата приказна.

Инаку, во боенката не се прикажани само објектите на Кензо Танге, тука е и поштата на Јанко Константинов, Ристиќева на Драгутин Маслаќ, ГТЦ на Живко Поповски, Проектот на глупоста СК14, уличниот стил на нашиот град, духот на градот.

 

 

Според тебе, какво влијание ќе има оваа боенка врз стресниот и неконстантен живот на македонците? Какви беа првичните реакции? Дали имаше одредени негативни коментари за сатирата и исмејувањето на одредени делови од Скопје?

Мислам дека оваа боенка ќе допре до оние кои навистина го сакаат Скопје, кои растеле тука, кои не растеле тука, кои биле на поминување, но сепак на крај се вљубиле во градот.

Реакциите беа позитивни и искрени, но сепак загрижувачки е фактот дека голем број на луѓе што се дел од мојот круг на живеење сериозно размислуваат да си го фатат патот надвор од државава. Па можеби и тоа беше еден од главните причини поради кои се зафатив со реализација на боенкава, која е за сите оние кои си заминуваат да им остане во сеќавање дека она скопското, љубовта за градот убав, ќе остане во нив, засекогаш.

 

 

Кои се твоите 3 омилени наши/светски илустратори и графички дизајнери?

Не можам да кажам три наши омилени, бидејќи имам многу другарки и другари кои се многу квалитетни дизајнери. Дизајните на Кардула, Бисера Крцковска, Игор Делов, Мики Стефановски, Воислав Димитријевиќ, Илија Димкоски се врвни. Од илустратори тука е мојата вечна инспирација, легендарниот Дарко Марковиќ. Од актуелните Тхе Мичо, Pig Hands, Dreadpen, Руки, Флим… Има доста и има многу нови кои допрва ќе се појават на сцена.

Од странските илустратори ме воодушевуваат илустрациите и стилот на Nychos, Musketon, Butcher Billy, Dirty Robot, Bryce Wong, Shepard Fairey итн…листата е огромна.

 

 

Знаеме дека си страствен музички слушател. Препорачај ни неколку траки што ти се хит периодов.

Уфф, ќе треба посебна статија да издвоиме за ова :). Во последно време „заразен“ сум со Cocoa Sugar, последниот албум на Young Fathers. Нереално добро звучи албумот. Исто така, овој период сум фокусиран и на Warhaus, феноменален белгиски бенд кои имав шанса пред извесно време да ги гледам и во живо на нивниот концерт во Солун. Одличен концерт, морам да признаам.

Balance од Earl Sweatshirt, со мојот другар Никола ја пуштаме секогаш кога сме во работна атмосфера, за да најдеме баланс, нели. Тука може да го вметнам и Rock and Roll Nightclub, албумот на Mac DeMarco кој никогаш нема да ми здосади. И за цупкање, во последно време, Peggy Gou.

 

Comments

comments