Дојде живот за љубителите на комедијата! Не онаа малограѓанска, ситнодушна #пичкагскургомно комедија, туку една пософистицирана варијанта-која ја провоцира и истакнува вашата интелигенција и секако ги руши менталните огради на довчерашната духовна застоеност.

Синиша Евтимов е новото блок бастер име на македонскот театар, заштитно лице на современата македонска комедија, најпродаваниот и следствено-најзафатениот режисер во последниве години кај нас.

Колку и да звучи болно, неговата примедба дека уметноста е изговор за неуспех, премногу прецизно опишува една сеприсутна состојба не само во театарот, туку и на било која уметничка сцена.

Градејќи врз оваа „максима”, Евтимов го пушта своето „занаетчиство” да лудува врз даските кои живот значат, за публиката да добие сосем свеж, современ и рака на срце ужасно смешен производ, што на крајот на денот е и поентата зошто се работи комедија.

Во оваа сосем хумана мисија, веќе неколку години со него, авторски, рамо до рамо работат двајцата наши најталентирани млади актери, Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.

 

 

Нивниот талент и работна етика ги надминуваат границите на жанрот (комедија) во кој досега главно настапувале и предизвикуваат очекувања за сјајна иднина на македонскиот театар во следните децении.

Вистинско уживање е да се гледаат нивните заеднички остварувања, а последната соработка, претставата „Чао Пријатно” (премиерата беше на средина на ноември 2017, Театар Комедија), работена во приватна продукција на овој автентичен комедиски триумвират, повторно продава повеќе билети отколку што може да постигне да изигра.

Сето ова е згодна причина да поразговараме со Синиша Евтимов, режисер, музичар, студиски манијак, татко и пријател. Човек чиј модерен театарски јазик ја одглави македонската комедија од калта на ситните вулгарности и ја постави како императив за интелигентна забава и соочување со личните и општествени прашања. Комедијата е назад во мода! 

За тоа Синиша Евтимов вели: Веројатно ќе морам да признаам дека сум задоволен од патувањето, досега. Но клучниот момент, е оној кога одлучив дека не сум турист кој ќе пишува патеписни репортажи бесцелно талкајќи низ имагинарни светови. Да поедноставам, моментот кога се договорив со себе дека не сум уметник, туку занаетчија. Од тој момент натаму, сликата за она што јас сакам да го правам во театар, стана многу јасна, конкретна. Останатото е само мало парче историја, која сè уште се пишува.

 

Имаш голем успех во театарот, но твојот тип комедија и твоите решенија делуваат телевизиски, па и филмски. Како ти успева телевизиско-филмската вода да ја претвориш во театарско вино?

Лесно, го користам трикот на Исус :)…..шега на страна, полесно е отколку што звучи. Средствата се исклучиво театарски. Но начинот на кој ги монтирам ситуациите, карактерите е поблизок до филмската уметност. И тука мислам на храбра драматургија (радикални штрихови, брз дијалог, кратки резови), третманот на светлото и звукот и се разбира внимателно одбрана музика која вози паралелно со приказната или како нејзин контрапункт. Не знам дали овие техникалии ќе одговорат на прашањето, но ако мора да бараме алтернативен одговор, можам да кажам дека моите херои многу почесто ги наоѓам во филмската и тв индустрија, па можеби и затоа нивното влијание. Театарот е местото каде овие влијанија се преточуваат во идеи на сцена.

 

 

Неретко изјавуваш дека театарот е застарена уметност и единствената негова поента денес е кога претставата е доволно интересна и доволно добро се продава на билетара. Сега откога продаваш доволно (па и повеќе од тоа), дали можеби во твојата глава има поместување кон некакви уметнички аспирации?

Дефинитивно не. Уметноста е изговор за неуспех и многу е лесно да се фура, особено кога си на државна цицка. Мојата мисија е поинаква. Сакам да видам инди театар, кој е самоодржлив, каде секој се бори за своето место и својата претстава и од квалитетот и перформансите во истата, зависи иднината на куќата. Театар кој постои за публиката, која за возврат ќе ни овозможи, живот.

 

Твоето најново дело, претставата „Чао пријатно” заедно со актерите Валентин Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски (со кои се чини изгради беспрекорна соработка), сепак оди чекор напред (па и на страна) од твојата потврдено успешна комична комфор зона. Дали тоа се предизвикуваш себе, или сопствената публика?

Постојано предизвикување на сопствените убедувања и погледи на свет е една од главните сили кои ме движат. Со секој нов проект се обидувам бар за момент да воведам нешто ново, за да ја задржам возбудата кај себе, пред се, а нормално и да се обидам да ја предизвикам публиката да го дигне нивото на толеранција, затоа што работам комедија. Се разбира, тоа не значи дека нема да видите уште многу претстави кои се токму таму, во мојата класична комична комфор зона. Со „Чао Пријатно, заедно со Атанас и Тино, успеавме конечно да направиме авторски проект, кој лично многу ни значи. Приказната е посебна и ова е само почеток. Едноставно кликнавме и публиката допрва ќе види уште многу од нас.

 

Comments

comments