Човекот има еден куп театарски, филмски, телевизиски, видео-арт режии позади себе. Човекот прави музика, пишува книги, глуми, настапува како диџеј…Човекот изгледа ТОП, или што би рекле помладите „супер се држи за свои години”.

Човекот е пример, ма вистински role model (што би рекле нашите англосаксонски браќа) за помладите генерации со културно-уметнички и естетски аспирации.

Срѓан Јаниќијевиќ е лик кој во секој миг доволно инспирира, или пак има некое ново дело со кое заслужува целосно внимание. Од сите можни возбудувања, овој текст главно ќе се занимава со музиката.

Се чини дека музиката е сосем посебен вид преокупација на Срѓан, засебна димензија во неговиот креативен процес, некогаш полу-главна, некогаш навидум споредна активност, но никогаш помалку амбициозна (и претенциозна) од неговиот животно-уметнички чин, кој го произведе во засебна појава на македонската сцена. Дали сме изгубени души на крајот на толку љубените 80ти и плутаме на изместената убавина на Ninotchka, или сме сведоци на чудесните и на моменти дезориентирачки Pogan Pagan, неговата сонична преокупација во 21виот век, остануваме заробени во неговата приватна звучна слика.

Токму таква музичка визија и атмосфера преовладуваат на новиот Pogan Pagan Е.П. Ashes to Ashes.

Со мојата топла препорака за спуштање и преслушување, еве мало објаснување за културолошко-естетската позадина на ова парче современа македонска музика:

„8 август 1980 – David Bowie со Ashes to Ashes го најавува албумот Scary Monsters (And Super Creeps). 8 август, 37 години подоцна, Поган Паган конечно ја снимаат обработката на Ashes која долго време ја свиреле на живите настапи, но никогаш претходно не била снимена.

Да, Поган Паган во 2017 се враќаат со EP-то Ashes to „Ashes“ токму во негова чест. На ова проширено издание, Срѓан Јаниќијевиќ и паганите поганат уште обработки, овојпат „Erotica“ на Madonna, која купила некое „парче“ од модната креаторка Лидија Геогиева, а Поган Паган направиле своја верзија на „Erotica“, снимена на iPhone токму за нејзината ревија.

„Ombra mai fu“ („Никогаш немало сенка“), воведната арија од операта „Ксеркс“ на Георг Фридрих Хендл е следното поганување на музичко ремек дело, на ова EP сместена како снимка во живо. „Ashes to Ashes“ EP-то го затвора „Златце“, инструментална верзија од панк операта „Купидона“ и воедно поканува да ги следите случувањата со Поган Паган, кој веќе во септември го подготвуваат своето албумско издание.”

Него да баталиме музика дечки. Сакате да ја дознаете тајната за вечната младост? Прочитајте го следново.

 

 

Депресија и безнадежност ме обземаат при помислата за психофизичката форма на современиот македонскиот мажјак на свои 50 години. Твоите 5 децении изгледаат сосем поинаку, тукуречи како да си една од главните улоги од филмот The Hunger. Која е тајната на твојот неверојатно добар изглед на оваа возраст?

Види го портретот што го кријам на таван. Ко копиљ го обожавав филмот, така да фала на комплимент.

Тоа што го сакав во тој филм е тоа инсистирање на убаво. Catherine Deneuve, Bowie, Bauhaus, гудачи, празен стан, бели завеси. Можда и сум вампир, на некој начин. Не знам. Реално, каросеријата е очувана ама многу километри има извозено машината. Да бидам искрен до ден денес се шокирам кога ќе сфатам дека многу често сум најстар во друштво. Што е малку глупо зошто секогаш можеш да се повикаш на тој глупав авторитет. Она као, „ај по пиво помал си“. Пали таа финта тука. Ама јас па мразам авторитети и често ми се случува за другите да мислам дека се постари од мене (иако може и цела деценија да се помлади).

Едноставно секогаш се чувствувам помлад од другите. Единствено со син ми го немам тоа чувство. Тоа ми прави големи проблеми во ваква средина, на зависници од авторитет, ама пак мислам дека тоа е тајната на изгледот. Секогаш сакам да научам нешто, повеќе од тоа да предавам. Не сакам да солам памет. Многу ретко и тоа кога мислам дека е навистина потребно го споделувам искуството со некој помлад кога ќе видам дека има некој проблем за да му помогнам. Таа потреба за учење, а не за предавање, да бидам ученик, а не учител, веројатно ме прави дете.

 

Денешните клинци растат на touch sreen и information overload. Во наше време се напојувавме на потешко достапни извори, а диетата беше стриктна, високо естетизирана и недопирливо cool. Можеш ли да ни фрлиш во лице неколку есенцијални имиња или идеи/процеси, кои придонесоа за исцртување на релјефот на твојата личност денес?

Крајности најверојатно. Popism на Warhol и „мракот” на Sabato. Шминката на Bauhaus и „длабочината” на Tuxedomoon. Monty Python и „Лимениот Добош” на Schlondorff, Окупација во 26 слики, Царство Чула… Japan повеќе од Sylvian. Журките во чест на Ian Curtis што ги правев со уште неколку другарчиња во подземниот паркинг на МОБ додека „Црвената Буржоазија” одеше на Мајски оперски вечери и нивната индигнација. Такви работи.

 

 

По вокација режисер, цел живот правиш музика, веќе 35 години високо котираш во Премиер Лигата на најбољи градски шизици, а од неодамна си и татко. Многу трансформации, како лични, така и општествени во овој животен век. Како се чувствуваш овде и сега?

Преполн со идеи, ама без доволно нерви и време да ги спроведам. И тоа ме нервира. Башка што се претворивме во зачмаена бирократско конформистичка средина, зборувам за она што би требало да биде универзумот на културата. Чест на исклучоците ама многу ретко гледам страст и лудило. Има некоја опседнатост со потреба од авторитети (замисли во уметноста!?!) Од ред. Од правила, рамки итн. Тоа не ми е јасно. Може треба да пораснам.

 

Comments

comments