String Forces е еден од најреномираните бендови во современа Македонија.

Уште од нивното формирање во средината на 90тите, успејаа да го привлечат и задржат вниманието на пошироката публика, успевајќи да направат секој нивен потег ДА СЕ БРОИ. Амбициозни, слоевити, автентични и езотерични, успеваат да испишат неколку оригинални страници во книгата на современата македонска музичка уметност.

Новиот албум „Соголи Ме”, две децении постоење и големиот концерт денес во МКЦ, Скопје, беа повеќе од доволни причини да поразговараме со Доријан Јовановиќ, централна фигура на овој бенд низ сите овие години.

 

 

String Forces постои две децении и отсекогаш бил бенд кој ја предизвикува сопствената (бројна) публика со исчекор во непознато. Дали тоа секогаш зависи од вашите моментални музички афинитети, или има тука некој организиран концепт од друг вид?

Реално и едното и другото… На глобално ниво концептот е да предизвикуваме, да (се) менуваме, да (се) движиме. Каде? Како? Тоа е на некаков начин насочено од нашите заеднички моментални афинитети. Не постои некаков мастер-план по кој тоа го правиме, па сѐ ова да се делчиња од тој план. Јас лично тоа го доживувам како едно истражување, како цртање мапа на, за мене или нас, една неистражена територија. Она што го знаеме ние е процесот, но не и што ќе нацртаме – тоа зависи од моменталната територија. Ние како група се држиме до процесот, а не до територијата.

 

Колку „Соголи Ме”, петиот по ред ваш албум музички носи промени/новитети и кои се тие? (ако може тоа со зборови да се изрече:)

Да, некои работи не се секогаш лесни да се изречат со зборови, посебно кога се зборува за апстрактни теми како што е музиката. Како најзабележливо мислам дека е присуството на клавир во звукот, кој сакале или нејќеле, го менува звукот. Од друга страна, јас лично имав идеја за некаков звук кој асоцира на она на што сум растел кога почнала активно да ме интересира музиката (крај на ’70-ти и почеток на ’80-ти, њу вејв, диско, пост панк да кажеме), но од моја лична денешна перспектива. Дали е тоа успешно, во моментов немам дистанца за да го оценам, но тоа е некоја моја појдовна точка во целиот процес.

 

 

Се чини ова беше прилично долга, можеби најдолга пауза помеѓу вашите албуми. Зошто толку долго ве немаше? Не се плашите дека публиката ќе ве подзаборави? Или едноставно амбициите/фокусот се распрснал во меѓувреме?

Да, ова е најголемата албумска пауза, но кога ќе се земе сѐ заедно, нема една причина зашто беше најголема. Многу работи се сменија, и на индивидуално и на општествено ниво и не секогаш со сѐ се справуваме најбрзо, а времето си тече. Згора на тоа групата е збир на единки, така што сите ние заедно го одредуваме темпото на движење. Сигурен сум дека публиката, барем таа пошироката, нѐ подзаборавила, освен посветените фанови кои знаат дека сето ова време ние сепак работевме и свиревме и полека се движевме кон ова денес. Имаше и одредени персонални промени во овој период, од 2010 до 2015 година дел од String Forces беше Ади Имери, потоа Дамјан Темков на клавир, и скоро истовремено во групата се врати и Александар Стојанов-Зорин.

 

Со концертот овој петок во МКЦ Скопје, ќе прославите 20 години постоење. Задоволен ли си од работата и постигнатото со бендот? Дали String Forces денес е бендот кој го сонувавте, или поприми некаков непредвидлив облик?

Знаеш и сам дека група над три луѓе е посебна форма на ѕвер којшто на моменти добива непредвидливи форми колку и ти да се трудиш да се држиш до некакви форми. До сега некако се справувам/справуваме. Иако се пет албуми, што не е некоја импозантна бројка, сепак воспоставивме перцепција дека ја предизвикуваме публиката, дека секој албум е различен, дека менувањето е дел од нас. Мене тоа ме задоволува затоа што лично ми дава голема слобода. Јас лично сонував за бенд кој што ќе ја има слободата да „оди каде што сака“, иако тоа не секогаш било артикулирано во таа форма. Би сакал да можевме побрзо да одиме, и би сакал да можеме многу почесто да сме на сцена онака како што ќе бидеме во петок. Од друга страна, пет албуми се само, да кажам, она што е јавно достапно од нашата работа. Постои и многу музика која што не е објавена, а е снимена. Имаме два или три живи албуми кои што некако чекаат згодна прилика, потоа постои наменска музика која не е издадена, па со одредена селекција барем 2 експериментални албуми кои што чекаат да најдеме форма за да ги издадеме.

 

 

Планирате ли да бидете концертно поактивни во следниот период? Можеби некоја турнеја…

Онолку колку што можеме да бидеме поактивни во македонски услови, сигурно! Турнеја е добредојдена, но ние ден-денес работиме без менаџер или промотер и тоа е хендикеп сам по себе, затоа што не можеме сѐ сами. Не сум сигурен дали групава било кога порано била поспремна за што и да ни налета како предизвик.

 

Знам дека работевте на документарен филм за бендот. До каде е таа работа, ќе имаме ли можност да го погледнеме во блиска иднина?

Документарцеот е една од точките со која што ги одбележуваме двете децении, но ќе има своја премиера на некој од филмските фестивали годинава.

 

Comments

comments