Првиот допир со овој бенд, приватно ми роди шармантна тага.

Не можев да верувам дека никогаш не ми текнало да направам проект со име Svemirko. А сега е предоцна. Не е предоцна, готово е. Овие загрепчани засекогаш ми го земаа најшизичкото име кое можам да го закачам како наслов на нешто мое. Како знам? Едноставно е: бендот е толку добар и ќе остави силен траг на музичката сцена во регионот (им посакувам и пошироко), што нема да има никаква поента било кој друг да го користи тоа име. Свемирко, еј! Фантастично.

Новиот, втор по ред албум Тунгузија, штотуку излезе и звучи феноменално. Комплетно разоружан од убавината, едноставноста и топлината на нивната музика, немав избор, а да не ги поканам да свират во Скопје. Во сабота на 6ти октомври, во рамките на ПМГ Рекордингс Фестивалот 8, на платото пред МКЦ Скопје, Svemirko ќе го доживеат својот дебитантски концерт во Македонија. Длабоко сум уверен дека ќе бидат инстант хит за нашата публика и ќе се враќаат многу пати кај нас да свират. Ајде прочитајте мало интервју со овие супер позитивни ликови од братска Хрватска и проверете ја нивната музика. Ќе ги сакате.

 

 

Svemirko и не е баш најнов бенд на сцената, ете го веќе и вториот албум. Прво беше Vanilija, сега е Tunguzija. Навистина интересни наслови, морам да признаам. Дали можеме да добиеме тронка историја и тронка за духовното ткиво кое го врзува бендот? Како настана и се разви Svemirko?

Со оглед на фактот дека Svemirko првата песна ја објави во јули 2016 година, првиот албум во јануари 2017, а вториот во јуни 2018 година и не е така стар бенд. Марко Вуковиќ е тој кој ја направи целата музика и ја собра екипата да ги свират тие песни во живо. Духовната поврзаност е дефинитивно Марко, него сите го слушаат во бендот по прашање на музиката, а другите имаат други улоги во приказната. Бендот всушност се разви на пробите, а подоцна и на живите настапи.

 

Значи тоа е она што пишува на вашиот bandcamp: „еден лик ја прави целата музика, ама не му е баш све најјасно”.

Па да, мислам Марко изгледа најдобро од сите, но и ние се трудиме. Овде-онде понешто и отсвируваме, помалку денсаме по стејџот, свашта. Нешто ќе му објасниме, а некогаш и тој нас ќе ни објасни. Цело време има некоја акција во Svemirko, воопшто не ни е досадно. Се што сте можеле да прочитате досега за Svemirko е всушност една добра заебанција, па така и ова. Инаку во свемирот се е ОК.

 

Делува дека имате добра фан база во Хрватска, а гледам дека сте популарни и во Словенија. Како ви оди со популарноста?

Година дена наназад се створи една солидна количина на луѓе кои не пратат и доаѓаат на нашите концерти во Словенија, Хрватска и Србија. Мислам дека добро ни оди, но секако може и подобро. Баш пред некој ден свиревме во Љубљана во Кино Шишка, беше тоа нашиот најголем концерт досега, горе-доле 500 луѓе. Како ќе изгледаат следните концерти во Белград или Загреб, но пред се како ќе биде во Скопје на 6ти октомври, тоа тек допрва ќе видиме.

 

 

Svemirko, тоа е поп музика. Онаа паметна, позитивна музика. Луѓето слушаат и велат Хаустор, Боа, па дали на себе гледате како логичен продолжеток на таа културно-сонична линија, или се доживувате некако сосем поинаку?

Луѓето прават споредби затоа што така им е полесно да објаснат. Поп е генерално заедничкиот именител за музиката на Svemirko, но мислам дека она е далеку повеќе од тоа. На бендот му претходеше долгогодишно сериозно занимавање со музика, не е ова настанато ради реда. Пред Svemirko, Марко издаваше музика под името Kimekai и Nikonar, а пред тоа имаше бенд наречен Holandija. Секој од останатите членови има музичка историја позади себе. Кога настапуваме, наша мисија е да ја забавуваме публиката. Што се однесува до некои влијанија и размислувања околу сцената, баш би сакале Svemirko да биде пример за другите бендови, да работат музика на својот мајчин јазик, мислам дека луѓето сакаат токму таква автентичност.

 

Имате ли некои искуства со Македонија? Мене ми се чини дека овде можете да бидете хит. Како се чувствувате во врска со ова, сега кога полека се наближува денот кога ќе ни свирите во Скопје?

Ова е нашето првото гостување во Македонија воопшто. Мислам дека никој од бендот сè уште не ја посетил вашата земја, а јас бев еднаш пред 4 години. Знам некои луѓе од порано, така што навистина се радувам на ова доаѓање. Знам дека ќе биде вистински спектакл, но дали Svemirko ќе бидат хит или не, тоа ќе дознаеме многу брзо 🙂

 

Comments

comments