На 23 јуни (сабота), во летното Сектор, со почеток на полноќ, по трет пат ќе гостува јапонскиот диџеј Takasi Nakajima.

Takasi со диџејство активно се занимава од 1993, а во 2005 се запознава со еден од најдобрите Detroit Techno диџеи, Claude Young, со кој го формираат диџеј дуото наречено „Different World“.

Од тогаш Takasi има настапувано насекаде низ светот, од Лос Анџелес до Берлин, каде дуото настапи како хедлајнер во фамозниот TRESOR клуб. По нивниот последен настап како дуо во во 2011, Takasi целосно се посветува на својата соло кариера, продуцирајќи своја музика и основање на својот лејбел наречен „BM“.

Сега, оваа сабота, благодарение на Neuland и Сектор 909, ќе имаме прилика да уживаме во диџеј сетот на Takasi, а во продолжение е нашиот краток разговор со него во кој не „предупреди“ што може да очекуваме од неговиот настап.

 

 

Ти си еден од оние јапонски диџеи кои што сè уште го негуваат Hi Tech Soul Detroit звукот. Кажи ни како и кога за првпат дојде во допир со оваа музика? Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци.

Мислам дека за прв пат настапив како диџеј во 1993, на свои 16 години. Тогаш за прв пат слушнав хип-хоп, се инспирирав од диџеј битките и почнав секојдневно да вежбам. Истовремено почнав да креирам и сопствени битови. Во 1997 учествував во DMC JAPAN FINAL (не можев да победам во Јапонија). Тој период бев под огромно влијание на Њујоршката хип-хоп сцена, особено од Wu-Tang Clan, DJ Premiere како Gang Starr, Pete Rock, итн.

Во овој момент од откривањето на хип-хопот, случајно наидов и почнав да слушам соул, џез и блуз, а во 1998/99 за прв пат дознав за Detroit Techno. Објавувањето на „Planet-E“ имаше огромно влијание врз мене, па преминав во техно водите со слушање на Claude Young, Carl Craig, Underground Resistance, Derrick May, Kevin Saunderson, Juan Atkins, Jeff Mills, Robert Hood, Kenny Larkin, итн.

 

Раскажи ни како се запознавте со Claude Young, со кого го имате оформено и започнато музичкиот проект „Different World“? Дали би можеле во иднина да очекуваме ваши заеднички настапи или целосно си фокусиран на твојата соло кариера?

Мислам дека тоа беше во 2004 или 2005 година. Тој живееше во Токио во моментот и искоментира на објава на мојот блог. Почнавме да разговараме на интернет, преку имејл, после што и се запознавме во живо. Неколку месеци подоцна поради работа и музика се преселив во близина на местото каде тој живееше и почнавме да се среќаваме секојдневно. Разговаравме за музика, технологија, политика, филм, навистина убаво си поминувавме.

Тогаш започнавме да правиме музика заедно и да настапуваме заедно како диџеи. Се нарековме „Different World“. За мене „Different World“ е многу повеќе од музичка група, тоа е братство. Затоа мислам дека доколку добиеме понуда да настапиме како „Different World“ би го направиле тоа. Исто така мислам дека доколку добиеме прилика да поминеме време заедно сигурно ќе објавиме и нова трака.

 

 

Раскажи ни нешто повеќе за последниот настап на Different World во 2011 година во легендарниот њујоршки диско клуб „Bunker“ кој траел цели 8 часа? Која беше мислата која ти пројде низ глава кога заврши настапот?

Искрено, првата работа која ја помислив откако настапот заврши беше транспорт затоа што тој ден моравме веднаш по шоуто да отидеме во Вашингтон. Немавме можност да спиеме, да одмориме, моравме веднаш да патуваме. Истото се случи и по настапот во Вашингтон, повторно немавме време да здивнеме, моравме веднаш да отидеме во Питсбург. Цели два дена без сон и без одмор, тоа беше нашиот распоред. Тоа значеше дека по завршувањето на секое шоу моравме веднаш да почнеме да размислуваме како ќе стигнеме до следната дестинација.

Неодамна го стартуваше твојот лејбл „BM“. Која е идејата позади овој проект? Дали оформувањето на сопствен лејбл значи дека ексклузивно ќе издаваш и продуцираш твоја авторска музика или пак ќе им оставиш простор на нови млади продуценти и потенцијални идни соработки со нив?

„BM“, игнорирајќи ги сите трендови и целата мода што моментално се случува на сцената, беше започнат со цел да ја објави уметноста на еден мој драг пријател и мојата. Навистина би сакал да овозможам вистинска уметност и уметници да се случат во иднина, затоа секогаш сум во потрага по добри уметнички дела од пријатели, млади артисти и всушност секој што е талентиран.

 

Оваа сабота ќе гостуваш по трет пат во клубот Сектор 909. Што е тоа што те враќа по трет пат во Скопје? Каков сет да очекуваме од тебе во сабота?

Секогаш се трудам да пуштам музика во која луѓето ќе уживаат, ова е мојот трет пат во Скопје, па мислам дека веќе почнувам да ги разбирам вкусовите и што публиката најмногу би сакала да слушне.

Со себе понесувам нова музика која моментално многу ми се допаѓа, но и стара музика која засекогаш ќе ја почитувам. На пример знам во еден сет да пуштам хаус траки со африкански грув моменти, техно и вистинското, Детроит техно.

 

Comments

comments