Факт е дека белградската андерграунд култура има, не сцена, туку сцениште. Tолку развиена и голема, што нема шанси да не најдеш нешто за себе.

Во таа огромна културна понуда скоро невозможно е да дознаеш сè. Затоа сме многу среќни и возбудени што успеавме да стигнеме до мистериозниот Polxer, дизајнерот што стои позади омилениот бренд на белградскиот андерграунд – TOYSBLEED и да го прашаме неколку работи што нè интересираат.

TOYSBLEED во Србија носат ликови како Bvana, Surreal, техно диџејот Дејан Миличевиќ и Super Timor, а српските машки и женски супермодели се амбасадори на брендот низ целиот свет. Хајпот во Македонија пак започна пред скоро една година, кога на Инстаграм се појавија неколку дечки и девојки со „крвави” маици и чорапи со натписот TOYSBLEED, а ние како љубители на контрадикторности од типот мрачно/комично/забрането, веднаш се „закачивме” на филмот што мириса на искрениот и темен андерграунд во кој пораснавме.

Дополнителен буст за ова интервју ни даде и тоа што Polxer е и графити артист и нема шанси да си бил во Белград, а да не си налетал на негов таг.

 

 

Пред да почнеме да те распрашуваме за TOYSBLEED, сакаме да дознаеме повеќе и за твојата поврзаност и опсесија со графити. Има ли некоја конекција помеѓу двете?

Графити почнав да цртам во 1999, а TOYSBLEED во овој облик постои од 2012 или 2013 година. Почна како дел од графити дизајните, а сега графитите се на дизајните на брендот. Така што да, интегрирани се едни во други и навистина подеднакво ме исполнуваат.

 

Името TOYSBLEED ептен ни е по мерак. Од каде доаѓа? Која е целата идеја зад овој концепт?

Концептот на TOYSBLEED претставува начин на живот, односно мојот начин на живот. Името, кој како го доживува. Можеби искреноста и болката на улицата. Затоа и го препознаа луѓе како нешто блиско – it’s the real shit.

Идејата за моден бренд ја добив зашто обожавам улична мода и долго ја следам. Мислам дека на луѓето им е смачено од фејк и фолирање, а уличната мода е секогаш искрен приказ на нештата. Затоа и на глобално ниво, уличната мода влегува на голема врата во светот на високата мода.

 

View this post on Instagram

new tees @toysbleed x @ihatehlvk are out!

A post shared by Nevena Vukovic (@mdngt_) on

 

Зошто толку мистерија околу твојот лик и дело? Дали е можеби заради графитите, или општо си еден од последните дизајнери што не пробуваат да бидат поголеми ѕвезди од сопствениот бренд?

Не е толку голема мистерија, ама да, не се баш легални сите графити што ги цртам. Среќа досега сум немал некоја посериозна фрка. И да, моите графити му даваат кредибилитет на брендот и се дел од него. Ова секогаш треба да биде во преден план.

 

Кои ти се омилени места во Белград, делови од градот кај што секојдневно се движиш? Каде би пратил турист што сака да го искуси белградскиот андерграунд?

Омилен дел од Белград ми е Стари Град. Име повеќе места кои би ги издвоил, но за почеток LIFT, Klub 20/44 и Drugstore се супер. Најубаво ќе ги откриете омилените места во Белград ако сами „скитате” и си ги најдете. Верувајте поинтересен е тој вид на искуство.

 

 

Како да стигнеме до твоите работи? И од каде да си ги нарачаме?

Во концептуалната продавница Palmas Boutique или преку DM на Instagram.

 

Comments

comments