Фотографии: Александра Костадиновска

 

Двајца читатели ќе имаат можност да добијат едно ЦД компилација од овогодинешниот Prilep Jazz Weekend, во знак на нашата љубов кон џезот како концепт, атмосфера, начин на живот и искулиран животен сопатник. Лајкни го статусот на Facebook и тагни го твојот пријател/ка (во Facebook коментар) на кого би му се допадналa оваа музичка компилација. Добитникот ќе биде одреден на 06.10.2017 (петок).

Владан Дробицки е еден од најистакнатите претставници на актуелната џез генерација во нашата земја.

Тоа е онаа генерација која е одговорна за продолжување на извонредните традиции кои во аманет ни ги оставије имиња како Драган Ѓаконовски – Шпато, Илија Пејовски, Драгиша Солдативиќ Лабиш, па што да не и Влатко Стефановски.

Освен преку моментални проблесоци и „октомвриски иди”, џезот во Македонија никогаш не успеа да се пробие до меинстрим, што како (европска) култура, сè уште  не одржува во плиткото, онаму каде што пливкаат примитивните организими.

Но потполното отсуството на културна политика на високо ниво и присуството на болен невкус помеѓу масите, никогаш не ги поколебало македонските џез визионери во нивниот детерминиран стремеж кон квалитетни остварувања и континуитет.

 

 

За квалитетот и континуитетот на господинот Дробицки, пред се, прецизно говорат 26 години, 7 албуми и стотици концерти со неговиот бенд Sethstat, но и неговата катадневна работа во оркестарот при МОБ (Македонска опера и балет), потоа активноста во Биг Бендот при МРТ, Градскиот Оркестар, еден куп џез проекти, па и „директорување” со некои џез фестивали.

Детално сум запознаен со неговиот фанатизам за џезот, но не само како музика, туку и движење, идеја… и нема да претерам дури ако речам сингуларитет. Еден од оние луѓе кои секојдневно ја ставаат рударската капа на глава и се нурнуваат во длабочините, подготвени да копаат се додека не излезе/блесне светлината.

All around играч на сцената, секогаш расположен за соработка од било какво вид, под услов да се задржи квалитетот и интегритетот на музиката (за) која се работи.

 

 

Предизвикани од неодамнешната мошне успешна реализација на 6тото издание на Prilep Jazz Weekend, но и најновото Sethstat издание Лунатика, му поставивме на господинот Владан Дробицки неколку прашања.

 

Како си Владан? Што е актуелно за тебе овие денови, што се работи?

Здраво. Штотуку го завршивме и издадовме новиот сингл Лунатика (PMG Recordings144 free download http://www.pmgrecordings.com/discography.php?id=153) и ја одработуваме мини турнејата од Новиот Културен Бран низ Македонија. Концертиравме во Гевгелија, Струга, а во четврток на 5 октомври и во Скопје, во новиот независен културен центар Кино Култура (почеток 21:00 часот)

 

Знам дека подготвуваш и нов материјал со твојот матичен бенд Sethstat. Како се развива таа приказна? Тоа би бил 7-8ми, кој ли веќе албум за вас?

Композициите се веќе направени, а првите демо снимки завршени. Најверојатно не сме толку брзи колку што би сакале, ама ете и тоа е дел од некој креативен процес на компонирање-правење албум. Се мислам, ќе биде тоа нашиот 8ми албум.

 

 

Освен работата со Sethstat, ти си прв тромбон на Македонска опера и балет, свириш во Градскиот оркестар, Биг Бендот при МРТ и уште неколку странични џез проекти. Како успеваш сето тоа да го координираш? Дали тоа за тебе е потешкотија или е „песна”?

Повеќето мои обврски се дел од „борбата за опстанок”. Некако низ годините научив да не работам се и сешто, а сепак да ми останат доволно материјални ресурси за работата со Sethstat. Можноста да бирам што ќе работам ми дава фокус кон нештата и целосна посветеност, така да поимот тешкотија не постои. Или работиш, или не работиш. Нешто е полесно за работа, нешто е потешко, но генерално се е добро и убаво. На крајот, претпоставувам, на сите ни се работи за убавина.

 

Последниве неколку години си уметнички директор на Prilep Jazz Weekend, што значи се грижиш за тоа кој ќе настапи на оваа мошне ретка и важна манифестација во внатрешноста. Кои се твоите искуства во таа работа? Тешко ли е да се прави џез фестивал во Прилеп, или било каде во Македонија, а вон Скопје?

Во Прилеп сум селектор на програмата, но и еден од основачите на Prilep Jazz Weekend.

Фасцинантно ми е да сведочам за енормен прогрес на фестивалот, како организациски, така и социолошки. Се судираме со доста глупости, за кои во други средини (држави) не би ни размислувале, но така е како што е и ги прифаќаме предизвиците какви се.

Локалната самоуправа досега цврсто стоеше позади фестивалот, така што техничкиот дел беше значително олеснет. Што се однесува до селектирањето на програмата, тоа е подолгорочен процес и не завршува во една фестивалска година. Веќе имаме најави за наредните години. Буквално се зависи од нашата способност како организатори да ја спроведеме програмата. Претпоставувам дека е така со сите сериозни џез фестивалски организатори кај нас.

 

 

Џез, џез, џез, џез…..зошто побогу сиот тој џез?

Затоа што џезот е уметничка творба која овозможува потполна слобода во сите сегменти на музичкото општење. Слобода во музицирање, размислување, движење, однесување, живеење, облекување, љубов, дружење…Се е jazz, и најдобро е да живееш jazzy.

 

Апендикс:

Prilep Jazz Weekend, промовира џез и импро музика. Првото издание го доживеа во 2012та година и оттогаш прерасна во еден од водечките џез настани во земјата.

Висококвалитетната програма и бескомпромисниот концепт на фестивалот, го привлекоа вниманието на музичарите, но и голем број на вљубеници во џез музиката од регионот и пошироко.

Сите артисти кои настапуваа на фестивалот во изминатите години, оставија значаен траг во урбаната прилепска номенклатура и создадоа уникатна историја, која кореспондира со потребите, но и соништата на локалната ентузијастичка екипа и секако публиката со која заедно изградија единствен бренд.

Како мал артефакт за монументалноста и значењето на овој фестивал во регионот, а особено домаќинот Прилеп, оваа година, фестивалот издаде двојна ЦД компилација на која се најдоа голем дел од артистите кои во живо ја напишаа приказната за овој фестивал.

 

Comments

comments