Скратена верзија објавена во „Портрет“ (јануари 2017)
Фотографии: Елена Фиданска

 

Една од работите кои подеднакво го возбудуваат целиот тим на Reborn е ловење на добри тетоважи по Pinterest и Instagram.

Ги обожаваме, секој од нас има шлапнато по некоја на телото – некој застанал на една, а некој е моментално на 4-5 и не може да престане (па не се ни труди).

Сега се обраќаме до тебе, безразлика дали сè уште ја размислуваш твојата прва тетоважа или веќе си самопрогласен тату-зависник, време е да се запознаеш со Nameless Tattoo и Ирина, девојката која заедно со Блаже и Драш, веќе една година создава тату-уметност.

 

 

Кој е најчудната идеја што некој посакал да му ја истетовираш?

Реално, колку почудна толку подобро, секогаш повеќе ги ценам лудите идеи наместо некои кои веќе сите ги знаеме и ги има секој втор. Затоа не можам да издвојам една, сите уникатни тетоважи ми биле драги. Сум имала неколку „прави што сакаш” искуства, најверојатно тие се најчудни за луѓето што ги ставаат, зашто не знаат што ќе добијат на крајот, ама секогаш е забавно и предизвикувачки.

 

Имате работено/тетовирано во повеќе држави и на пар тату-конвенции. Каде си поминавте најубаво? Каде ќе тетовирате следно?

Дап, минатото лето тетовираме на Кипар и во Грција, ова лето направивме малку подолга тура, Грција-Малта-Германија-Данска. Секаде каде што одам за првпат ми е најубаво, ама би ја издвоила Малта како моја најомилена за сега. Во студиото каде што работиме (Тetinu Tattoo) имаме многу убава конекција со другите тату-артисти, има одличен work-flow, и општо Малтежаните ги доживувам како многу топол народ и најблиску до нашата балканска култура. До сега бевме два пати и најверојатно одиме пак во јануари, а потоа во план ни е Германија во февруари.

Од конвенции, скоро ги посетивме оние во Малта и Ријека, во Малта Блаже освои 1-во место за „best of show black and gray tattoo”, а во Ријека јас освоив 2-ро место за „best avantgarde” tattoo. Се надевам дека во скоро време пак ќе посетиме некоја, ама морам малку да поседам и во Скопје за да си го завршам последниот семестар на факс.

 

 

Со кој тату артист би делела студио? А кој тату артист сакаш да те тетовира тебе?

Со Блаже, и веќе делам со него, супер ни иде, хаха.

Од македонските артисти, од тие што сум сакала да ме тетовираат, од повеќето веќе си имам mark for life, ама има уште неколку на листата од кои би сакала да имам. Од странски има премногу добри, сцената моментално е луда, секој ден се подобри и подобри тетоважи излегуваат по интернет. Неколку што би ги издвоила што ми се многу кул се Dave Paulo, Kelly Violence, Timur Lysenko, Lauren Winzer и многу други кои сигурно до после ќе ми биде криво што не сум ги набројала, минимум уште 5.

 

Колку тетоважи имаш, дали имаш омилена?

После 20-тата престанав да бројам, моментално омилена ми е последната, од пред недела дена, ми ја направи Блаже и го репрезентира cupcake-shop-от од Two Broke Girls, или во мојот случај, нашето тату студио.

 

 

Колку тетоважи имаш изработено (отприлика)?

Во просек 4 неделно, 52 недели, две години активно тетовирање плус три години неактивно тетовирање (би им дала 50 тетоважи тие години), значи отприлика 450.

 

Која е првата тетоважа која ја изработи и како изгледаше процесот?

Првата тетоважа си ја направив на себе, после месец дена чекање ми стигна tattoo starter pack што си го нарачав од интернет, гледав Youtube туторијали за како се мести машинка, и уште неколку за како се тетовира. Не ми се веруваше дека стварно работи машинката, па морав да пробам.

 

 

Кој ти е омилен момент во твојата кариера досега?

Тоа што можам да патувам со работата, константно запознавам нови луѓе и фактот дека правиш нешто многу важно за некого, истовремено оставајќи дел од себе во тоа. Не можам да одделам еден момент, повеќе би бил целогодишен период.

 

Што те заинтресира да почнеш да тетовираш? Дали е нешто што отсекогаш си сакала да го правиш или нешто што едноставно се случи непланирано?

Од кога паметам за себе цртам, а фактот дека овој начин на цртање не ти дава да избришеш го прави по возбудливо. Не беше непланирано, сакав да тетовирам откако дознав што е тоа. Се запишав во средно уметничко со една мала цел која си ја имав тајно зацртана – дека ќе научам да тетовирам кога ќе завршам средно и навистина си го остварив тоа.

 

 

Има ли некои познати (не само) тату артисти кои влијаеле врз твојата кариера на било каков начин?

Најпрво би го спомнала Блаже. Уште пред да почне да тетовира почна да врши влијание врз мене со тоа што ме научи да бидам многу повеќе самокритична, и да не се убедувам дека нешто е добро само затоа што сум потрошила многу време на истото. Покрај него почнав повеќе да истражувам за тетоважите низ светот, и да црпам инспирација од секаде, додека претходно многу бев ограничена на тоа што се случува околу мене. И трето, од него научив да бидам трпелива кога работам, дека нема ништо поважно од тоа што го правам во моментот и целосно да се посветам на тоа.

Секогаш кога малку ќе залутам во работата, кога нема да имам доволно инспирација или волја да работам, одење на конвенција знае да влијае врз мене, заедно со луѓето кои тетовираат таму. Секогаш успевам да се мотивирам одново кога гледам како сите околу мене работат, кога има позитивна атмосвера, и кога гледам колку луѓето знаат да ја ценат нашата уметност.

И, last but not least, морам да признаам дека за развивање на мојот стил многу влијае и факултетот кој го учам – архитектура. Најпрво во прва и втора година многу ја изострив линијата во мојот цртеж, а потоа и самите геометриски дизајни што ги правам се некако производ од она што го правам на факултет. Често знам да припремам подлога за геометриски дизајни во Autocad, а лани на предметот архитектонска композиција, правев студиа на образци во природата кои подоцна, и сè уште, ги користам при дизајни за тетоважи.

 

 

Што би го советувала некој кој размислува за тетоважа, но не може да се одлучи конечно? Имаш ли некој совет за како да избереш тату артист? Или уште повеќе, како да се одлучиш што да истетовираш?

Доколку се мислат дали да стават тетоважа затоа што мислат дека ќе се каат подоцна – јас никогаш се немам каено до сега за тетоважа, а истовремено можам да ги потсетам дека целото време додека размислуваш дали да ставиш е понапорно од времето кога можеби некогаш може да ти здосади тетоважата.

Тетоважите не мора да симболизираат нешто конкретно, да не се оптеретуваат да најдат симболика во нештата, тетоважата е парче уметност, а и самиот период во кој е ставена и дава значење на самата тетоважа.

Кога бираат тату артист, секогаш претходно да го видат неговото портфолио, како тој работи, што работи, и дека е важно да го испочитуваат стилот кој артистот го работи. Има доволно добри артисти во Македонија, за секој стил на тетоважа. Артистот треба да е среќен што ја работи тетоважата исто колку тој што ја става.

А за тоа како да се одлучи некој што да тетовира, не можам да помогнам, можам да кажам што да не одлучи – да не избере некоја сликичка симната од интернет, напротив, да дојде во студио со идеја и да го остави својот артист да работи на случајот.

И секако, за крај, да се грижат за тетоважата откако ќе ја стават, процесот на ставање тетоважа не завршува со гасењето на машинката, туку неколку недели (месеци) подоцна.

 

Comments

comments