Феноменалниот Frank Lloyd Wright првенствено бил генијален архитект, но познат е и по тоа што често самиот ја дизајнирал својата облека. Можеби не е познат по тоа, ама дефинитивно треба да биде.

Многумина се веќе убедени дека да се биде креативен значи да се биде креативен во секое поле. Слично како што на одбојкарот лесно му иде совладувањето тениски форхенд, така еден сликар не го лимитира неговата вештина за повлекување линии, туку (не)ограниченоста на неговата имагинација. Токму таа (не)ограниченост му дозволува на креативецот да биде одличен во секој можен начин на творење и уметничко изразување.     

Како совршен пример за уметноста на комбинирањето и злоупотребата на сета уметничка слобода ги земаме нашиот пријател и архитект Никола Кунгуловски, кој обожаваме да го викаме Кољо и нашата пријателка и модната дизајнерка Ирина Тошева, која обожаваме да ја викаме Ирина Тошева.

Неодамна, Ирина и Никола #заедно ја изработија и промовираа својата нова модна колекција наречена „Риза”, која е неверојатно освежување — спој на автентични национални ракотворби и 3Д технологија.

Заинтересирани за необичниот производ до кој #заедно дојдоа, не оставивме простор, а да не го дознаеме секој, и најмал, детаљ од нивната соработка. Затоа, слично како агентите од сериите, се поделивме на добар и подобар детектив, па еден по еден со светло од ламба вперено во очите, ги натеравме да споделат сè.

 

 

Како дојде до оваа колаборација? Зошто се реши да бидеш дел од неа?  

Ирина: Секогаш трагам кон поврзување на модниот дизајн со сите други уметности, обидувајќи се да градам споеви на нешто што можеби на прв поглед е и несродно. Никола е креативец кој многу го ценам и спонтано дојде до понуда за соработка. Колекцијата претставува истражување кое заеднички го почнавме и на почеток не знаевме каде ќе не однесе.

Никола: Мислам дека взаемната почит што ја имаме еден кон друг како артисти беше причина да почнеме една ваква соработка, а дополнително и концпетот да се сплотат световите на архитектурата и модата беше доста возбудлив. Од самиот старт ни звучеше фасцинантно, а воеднo и незамисливо што точно би направиле, така да копнежот кон непознатото беше движечка сила, хаха.

 

Дали ова ви е прво искуство од овој тип, ако не, со кои други артисти си соработувал/а?

И: Во време кога креативците стануваат лута конкуренција водена од егото, соработките се единствен начин да се навратиме на вистинските вредности и несушната потреба од творештво што нè поврзува. Неретко соработувам со креативци од различни сфери, со цел креативната идеја да се изрази низ различни медиуми станувајќи појака и посилна. Ова е моја четврта соработка.

Првата соработка беше предновогодишното надополнување на колекцијата за есен/зима ’13/’14 со накитот на Design & berries, „Memento mori 2.0“.

Пред две години со Нина Симовска (Just because.) изработивме капсулна модна колекција „Месиер 45“, која беше презентирана преку интересен и несекојдневен мултимедијален настан во Планетариум.

Минатата колекција наречена „Дома“ беше соработка со нашиот ликовен уметник Ване Костуранов, а воедно и еден вид продолжување на неговата приказна со изложбата „Улица Љубов“.

Н: Сум соработувал најчесто со колеги архитекти и графички дизајнери, но никогаш досега со моден креатор. Отсекогаш сум сакал да направам една ваква колаборација бидејќи мислам дека и двете професии се специфично експресивни и доколку се спојат би се добила една несекојдневна приказна.

 

IMG_0064 copy

 

Како се одвиваше целиот процес? Колку долго работевте на колекцијата?

И: Неколку месеци работевме на селекција на најинспиративните македонски везови, нивна графичка анализа и идентификација на елементи кои се заеднички за нив.  Преведувајќи ги во модерни и симплифицирани варијанти, го создадовме кодот кој е сржта на колекцијaта. Собиравме стручна литература, се консултиравме и со етнолози, истражувавме околу материјалите и печатевме прототипи. Вкупно процесот траеше околу половина година.

Н: Целиот процес започна со истражување на највпечатливите македонски везови и нивното дигитализирање, кој впрочем беше и навистина многу интересен и едукативен процес за нас. Доста време поминавме во преведувањето на тие везови во еден модерен и тридимензионален јазик, и како и секој проект поминавме низ многу trials & errors додека конечно стигнеме до посакуваниот продукт.

 

Кој е првиот збор што ти текнува кога некој ќе ја спомене оваа колекција?

И: Пастели.

Н: 3D

 

IMG_0234

 

Дали имаше проблеми околу 3D инсталациите на дизајните? Што беше најтешко да се изведе?

И: Беше вистински предизвик пластиката, која има мала флексибилност и голема кршливост, да се внесе со практична примена во секојдневната мода. Најпрвин имавме безброј замисли. Некои беа невозможни за изведба, некои беа премногу кревки, некои случајно си најдоа нова примена.

Н: Па да хах, во прицнип целата 3D технологија сè уште не е доразвиена до ниво да може се што ќе се замисли да се изведе, доста интересни концепти пропаднаа само затоа што беа комплицирани да се испринтаат, но сепак сум задоволен од тоа што успеавме да го направиме, некогаш ограничувањата допринесуваат за една поинтересна креација.

 

IMG_0206

 

Дали доколку работеше сам/а на колекцијата некои работи ќе ги направеше различно?

И: Целиот приод во создавањето на колекцијата беше базиран на соработка и огромна доверба. Секој дијалог меѓу креативците претставува додадена вредност и несомнено води кон успешен продукт.

Н: Сигурно дизајните би биле поразлични, но тоа не значи дека би биле подобри, самата колаборација беше со цел да се добие продукт што не ми можеле сами да го создадеме. Имавме потполно искрена комуникација и меѓусебно разбирање во целиот процес што допринесе кон успешноста на колекцијата.

 

Креативни луѓе, а особено оние кои се имаат веќе докажано во полето во кое работат, вообичаено имаат силни ставови и сопствени идеи. Тоа некогаш знае да ги искомплицира соработките од ваков тип. Дали ова беше случајот кај вашата соработка? Како го надминавте тоа?

И: Имавме многу отворена комуникација и разбирање околу креативното читање на нештата. Отворено дискутиравме за сè и во ниту еден момент нашите ставови не беа различни до степен на разидување.

Н: Најдобрите креации без разлика во кое поле, се плод на соработка и отсуство на его. Да се биде успешен креативец значи да може паметно да се селектира секоја идеја и да се преточи во нешто убаво, во нашиот случај тоа беше навистина лесно бидејќи покрај тоа што сме професионалци во тоа што го работиме, ние сме и истомисленици, истомисленици во поглед на отворениот пристап кон дизајнот, од самиот почеток генериравме многу идеи на кои непристрасно успеавме да се фокусираме и да ги лоцираме недостатоците и предностите на истите.

 

IMG_0567

 

Според тебе, што е тоа што ве прави вас добри соработници (т.е. Зошто мислиш дека бевте успешни како тим?).

И: Имаме меѓусебна доверба и голема почит кон целото искуство и минат труд. Умешно се разбиравме и без многу вербална комуникација. Сличното естетско гледање на работите ја направи оваа соработка ефективна и вредна.

Н: Сметам дека и двајцата сме посветени млади креативци со несебичен креативен дух, успеавме да ги материализираме нашите идеи без ниедна страна да остане незадоволна, имавме безпрекорна комуникација и разбирање во секој сегмент од целокупниот процес и на крај најбитно бевме горди на тоа што сме го сработиле, создадовме нешто уникатно и вредно не само за нас туку и за целиот македноски креативен свет нешто на кое секогаш ќе се потсеќаме.

 

Опишете го финалниот продукт.

И: Создадовме колекција од 12 изгледи, во пастелни тонови, надополнети со 3Д печатени дeтали благодарение на MK3D и машинско везење на дезените, инспирирани од геометријата на највпечатливите македонски везови. Колекцијата премиерно беше претставена на Моден викенд Скопје, а една недела подоцна на Prishtina Fashion Nights. Неделава беше објавен и едиторијалот за колекцијата, изработен со мојот веќе докажан тим.

Н: Финалниот продукт е нешто што јас го нарекувам full package product, самата соработка, везовите, материјалите, тридимензионалните елементи, фотосесијата, едиторијалот и ред други работи, буквално на сè беше посветено максимално влијание и затоа овој проект е навистина успешен проект.

 

IMG_0555

IMG_0573 copy

 

Ви текнува ли на некоја друга колаборација (тимски проект), во било која категорија на дизајн и уметност, што ви оставила посебен впечаток?

И: NOVA чевлите дизајнирани од Заха Хадид за UNITED NUDE.

Н: Има навистина многу фасцинантни соработки, но нешто последно што сум го прочитал и со нетрпение го чекам финалниот продукт е соработката помеѓу Elon Musk и Јоse Fernandez. Накратко, Fernandez, костимографот на Batman v Superman, Tron: Legacy, The Avengers, Iron Man…, ќе го претстави дизајнот на костумите на астронаутите за новното летало на приватната компанија за вселенско патување Space X на Elon Musk.

 

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.

 

Comments

comments