Пред да ја запознаам Ирина мислев дека со неа имаме само една заедничка работа – љубовта кон модните парчиња. Разликата беше, што таа ги дизајнира, а јас трошам плати на нив.

Ирина ја запознавме во нејзината природна средина, нејзиното ателје кое е мало, шарено, симпатично и инспиративно. Ирина Тошева е млада модна дизајнерка со која всушност разбрав дека делиме повеќе заеднички љубови. Би ги издвоила љубовта кон животните (има преслатко кутре, но не послатко од моето) и љубовта кон сè што е квалитетно и македонско. Не сум сигурна колку беа успешни оние кампањите за купување на македонски производи, но Ирина успеа да изработи вистински успешен, македонски продукт. Македонски материјали, македонска млада дизајнерка, македонска музика, македонски фонтови и принтови, од македонски уметник. Сето ова успешно спакувано во последната ревија на Ирина, која беше дел од овогодишниот FSWK.

Преку овој разговор со Ирина, ви нудиме мало потсетување дека кај нас се творат вистински добри работи, само треба да ги препознаеме, негуваме и да се фалиме со нив.

Како се роди љубовта за мода и дизајн? Има ли интересна приказна за тоа како започна да дизајнираш?

Од сечењето на омилените фармерки на татко ми, до пoстдипломските студии во Фирeнца, сите животни ситуации ме градеа како дизајнер. Никогаш не размислував за тоа што сакам да бидам. Едноставно како да беше предодредено. Во моето ателје стојат врамени и моите детски модни скици, веднаш до успесите кои некои ги нарекуваат големи.

Љубовта кон модата и дизајнот најчесто ја делиш со љубов кон…?

Урбаното живеење, улиците, природата. Кон сѐ што ослободува, но и она што притиска, затоа што колку излишно и да звучи, само со љубов може да се трансформираат работите.

 

Ценети ли се дизајнерите кај нас, на ист начин како оние кои ги гледаме низ светот?

За жал сѐ уште е рано да се споредуваме со развиените земји. Околностите се многу различни. Сепак, дизајнот сѐ повеќе се цени кај нас и клиентите ја разбираат неговата вредност споредено со неквалитетниот текстил што нѐ опкружува. Имаме уште многу да учиме, но и концентрацијата на толку талент на мал простор воодушевува.

Има ли култура на купување на дизајнерски парчиња?

Се градат потрошувачки навики, но економските околности го прават нашиот пазар ограничен. Затоа македонскиот моден дизајн почнува да се произведува и како извозен продукт. Ова е одлично, бидејки така се подобрува и квалитетот, a и идеите. Сепак сè додека голем дел од народот сѐ што е дизајнерско го поистоветува со екстремно високи цени без да се информира и шиењето по мерка само со свадби, матури и разни свечености, имаме проблем. Модната култура е многу повеќе од прв ред на ревија, лоша копија на скап фустан и фотографија на црвен килим.

 

Од каде вообичаено црпиш инспирација?

Мотив за креирање ми дава реалноста, местата кои ми значат, животните филозофии и сопствените перцепции. Колекцијата „Дома“ е креативна рефлексија на потребата од нешто само свое. Фотографската приказна е инспирирана од скопскиот ноќен живот со сите негови култни локации, бидејќи секој од нас во одреден период од животот тие простори ги чувствувал за своја дома. Но, секој во дадена околина се почувствувал и отсутен. Фотографиите на Миладин Паповиќ јасно го отсликуваат овој импулс.

 

Кои се следните проекти и соработки кои ти се во план?/ на што работиш во моментов?

Како дел од бизнис едукативната програма на Моден Викенд Скопје и проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу дизајнерите и фабриките“, во моментов подготвувам капсулна activewear колекција со фабриката за спортска гардероба „Цеботекс“. Колекцијата ќе биде премиерно прикажана следниот месец. Неодамна започнав и како предавач на курсот по моден дизајн во Кариера плус. Интересни искуства и нови предизвици.

Последната колекција беше соработка со Ване Костуранов. Дали си задоволна? Дали ги надмина твоите очекувања?

Со Ване делиме слична естетика и шарена визија. Навистина сум пријатно изненадена од приемот кај публиката и срцето ми се полни од искрените пофалби што сѐ уште пристигнуваат.

 

Користиш македонски фонтови и македонска музика на ревиите, како дојде до тоа? Дали и твојата идеја е промоција на нашите квалитетни артисти?

Уморна од изјавите од типот: „Македонија/македонско, што сакаш?“, „Што очекуваш?“, „Толку знаеме“ и слични коментари кои се провлекле низ муабети на различни теми, на почетоците на мојата работа решив дека секогаш (зависно од можностите) ќе нудам автентичен македонски производ. Креативните индустрии секогаш биле еден од начините на промоција на културата. Ние навистина имаме што да понудиме.

Постои одличен избор на нумери што се во согласност со пораките кои сакам да ги пренесам. По Foolish Green, The John, Марија Каева и PMG, за новата колекција бев почестена од настапот во живо на Нокаут со коишто неодамна започнавме долгорочна соработка.

 

Што е најбарано периодов?

Последната колекција. Плетените џемпери, кошулите и ташните со принтовите на Костуранов, како и маиците и фустаните на кои има извезени, љубовни пораки. Ме радува што и голем број момци ги купуваат за да ги израдуваат своите девојки. Се бара парче повеќе, што верувам дека се должи и на пристапните цени.

Како можат да се купат твоите парчиња?

Во моето ателје, онлајн на irinatosheva.com, bastetnoir.com, а наскоро и на asos.com. На социјалните мрежи секој може да ме исконтактира и да закаже термин. Мојот процес на работа со клиенти претставува дијалог помеѓу личните желби и мојот индивидуализиран дизајн.

 

Ирина Тошева е само една од младите уметниции која константно ни дава надеж дека неверојатните луѓе активно творат, дека создаваат навистина квалитетни продукти на кои смееме и на кои треба да бидеме горди.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments