Оцена
5.0Оцена
Reader Rating 3 Votes

Од оцената до насловот можеш да забележиш дека ова е прашање кое не си го само-поставувам. Јас сум убедена дека е најдобриот.

Но некој одамна ми рече, и од тогаш не прекина да ми повторува, дека не смеам да ги наметнувам своите мислења на други луѓе како единствена вистина. Во право е. Затоа, еве, оставам простор да го изгледаш, да искоментираш дека „Grand Budapest Hotel“ е пошарен и посмешен, да се насмевнам, да си помислам дека не си во право и да го оставам светот да продолжи да се врти.

 

 

Ги обожавам сите Wes Anderson филмови, но „Isle of Dogs“ е кинематографска пита за еден слој тесто повисока. Покрај прекрасните палети на бои, неверојатните детали и дијалози на кои само Tarantino може да им парира, „Isle of Dogs“ е парче активизам. Исмејување и предупредување за комбинацијата на човековата глупавост и политичкото лудило. Одлично се сместува, но ги надминува, минатите два филма од што се чини дека е трилогија на приказни на револт – „Moonrise Kingdom“ и „The Grand Budapest Hotel”. Зашто со „Isle of Dogs“ Anderson стапнува за уште еден чекор поблизу до небулозноста, теророт и жртвите на еден радикален владетел.

Но константно-засилувачката доза активизам со секој нареден филм не е единствената причина зад идејата дека неговите дела стануваат само подобри. Стануваат сè поостри, посигурни во себе, похрабри и секогаш пооригинални од тоа што било пред нив. Што може да се каже дека е вистинска реткост во светот на кинематографијата, каде вообичаено квалитетот на еден режисер опаѓа со секој издаден хит и секоја додадена година старост.

 

 

Накратко, приказната на „Isle of Dogs“ се одвива во блиска иднина, во фиктивниот јапонски град Megasaki, каде поради наводна опасност од ширење на „кучешки вирус“, градоначалникот на градот ги истерува сите кучиња и ги транспортира на апокалиптична остров-депонија, која наликува на светот од Wall-E.

Знаев дека ќе го обожавам филмот кога првата работа што се појави на екранот беше реченицата „All barks have been rendered into English“. А само продолжив да си потврдувам и да се заљубувам со секое прекрасно парче типографија кое се појави по неа, со секој внимателно изработен детал и со идејата дека само тим на генијалци може да изработат stop-motion филм од овој квалитет.

 

 

Црешата на милкшејкот, она што ме доубеди дека станува збор за дело направено од човек кој навистина знае максимално да ужива и да ја злоупотреби слободата на филмот како медиум, беше начинот на кој филмот во себе сместува два цели света. Едниот англиски, другиот јапонски.

Тоа што од многу медиуми (на кои не им верувам) беше опишано како маргинализирање и нефер третман кон Јапонците, фактот дека сите кучиња во филмот зборуваат англиски, а сите Јапонци зборуваат непреведен јапонски, јас и Јапонецот-новинар од The New Yorker се сложуваме дека е само вешто сместување на два света во еден. Филмот ја препознава моќта на јазикот, на интерпретацијата и на преводот, истовремено отворајќи им пат на емоциите да ја играат улогата на lingua franca.

 

 

Најновото ремек-дело на Wes Anderson доаѓа спакувано во пораки и лекции, кои за да се издвојат и соодветно издискутираат заслужуваат многу повеќе параграфи и написи. Филмот предупредува на одалечувањето на човекот од природата, на опасностите на политичката хистерија, ја истакнува никогаш-досадната моќ на љубовта и лојалноста, и сето тоа го сместува во прекрасна јапонска архитектура прелиена во најубавите бои кои некогаш си ги видел.

Доколку никогаш досега не сонуваше да патуваш за Јапонија, сега ќе започнеш.

 

Comments

comments