Фотографии: Александра Костадиновска

 

За нас бордање отсекогаш бил еден од оние спортови кои изгледаат неверојатно лесно сè додека не ги испробаш.

А тогаш ќе сфатиш дека првите неколку денови и сезони ќе ги поминеш претежно во паѓање. Но доколку го поминеш тој период и дочекаш да дојдеш до моментот на чисто уживање, чувството е незаменливо.

Оваа наша теорија ја потврдуваат и најдобрите, истите оние кои на почетокот нè убедиле дека ќе биде лесно, само затоа што успеваат тоа што го прават да го прават неверојатно добро. Иван Георгиев е еден од нив. Тој денес има 20 години и е дел од клубот Полар, а низ овој период поминал на 15 години, кога за прв пат „застанал на даска“ и времето го поминувал претежно во паѓање, анализирање и учење од другите бордери на планината.

Иван подобро го запознавме неодамна кога му се придруживме на една „сесија“ во Osogovo Fun Park во Бугарија. А преку интервјуто подолу ќе можеш да го запознаеш и ти и да дознаеш нешто повеќе за натпреварите во кои планира да учествува, местата кои сонува да ги посети и како ги исполнува деновите од годината додека го чека почетокот на следната снег-сезона.

Овој текст во кој ја раскажуваме неговата приказна е прв од серијалот на написи направен во партнерство со Herbalife24, во кој ќе споделуваме профили на локални успешни спортисти. Herbalife24 е линија на 7 нутритивни продукти чија цел е овозможување на 24-часовна поддршка на спортистите, односно на комплетна нутритивна поддршка соодветна за конзумирање пред, за време на и после вежбање.

Подетални информации за производите може да најдете тука.

 

 

Многу луѓе кои допрва започнуваат зимски спорт се мислат помеѓу сноубординг и скијање. Зошто треба да изберат сноубординг? Кои се работите кои најмногу ги сакаш кај сноубордингот?

Моментот кога се спушташ од било која планина е незаменлив. Овој спорт има многу различни начини на уживање, но јас се чувствувам најубаво кога сум со добра екипа во некој snow park. За мене движењето на даската и тоа чувство ми се многу поубави од скијањето и затоа јас секогаш го одбирам сноубордингот.

 

Живееме во земја во која сезоната не трае долго и не секоја година има услови за зимски спорт. Како се справуваш со ова? Колку време од годината поминуваш во тренирање? Како се одржуваш во форма за сноубординг кога не е сезона?

Кога условите на нашите ски центри се поволни гледам да искористам колку можам повеќе денови да сум таму. Кога овие услови не постојат кај нас, тогаш редовно ги посетувам соседните ски центри (Бугарија, Србија, Косово), а ако и на Балканот е слаба сезона, тогаш клубот Полар организира тренинзи на глечери во Австрија, Франција, Италија или некоја друга дестинација. Додека пак кога не е зимска, ски сезона, тогаш осетот и чувството на возење сноуборд го заменувам со возење скејт или велосипед.

 

 

Како сноубординг за тебе премина од рекреативност во сериозна окупација?  Дали досега се имаш натпреварувано и/или освоено некоја награда? Доколку се натпреваруваш, во кој стил поконкретно?

Кога добив можност со мојот тренер Бојан Андонов заедно да учествуваме на Free Style Developement Camp, двајцата сфативме дека може сноубоардингот да биде нешто повеќе од рекреативно хоби.

До сега сме биле на три сноуборд кампови, два во Холандија и еден во Швајцарија. Исто така имам учествувано само на еден натпревар, но сè уште сум нов во тоа поле и план ми е во оваа и во наредните сезони да учествувам на повеќе натпревари и да постигнам добри резултати. Се натпреварувам во slopestyle и big air, а од оваа година почнувам и со слалом и giant слалом.

 

Колку долго траат и како изгледаат припремите за еден натпревар?

Припремите за еден натпревар, конкретно во наши услови траат еден или два дена пред натпреварот. Тоа е така бидејќи во Македонија немаме ниту еден snow парк и автоматски со тоа не постојат соодветни услови за тренирање. Тренажниот процес е клучен затоа што сноубордингот е спорт каде се изведуваат многу различни трикови во воздух и голем број на трикови за кои кај нас нема услови за нивна изведба.

 

 

На кои места во светот сонуваш да бордаш еден ден? Кои места во Македонија пак ти се омилени за бордање?

Еден од моите омилени сноуборд места е Laax во Швајцарија. Голема желба ми е да одам и да возам таму затоа што има четири различни snow паркови, а токму тие паркови се едни од најдобрите во светот. Друго интересно место кое сакам да го посетам е Јапонија, затоа што е идеалното место за возење powder. Исто така би сакал да бордам и во Yawgoo Valley, Америка, затоа што е домаќин на еден од најзабавните snow паркови, со најкреативно поставени сноуборд елементи.

Додека пак во Македонија омилено место за бордање ми е Попова Шапка затоа што има многу добри опции за free ride и многу добро гравче 🙂

 

Кои три совети би им ги дал на сноубордерите почетници?

Да бидат опуштени, што и да прават да го прават со flow и да бордаат колку повеќе можат.

 

Иван и Љубен Дерибан (во Оsogovo Fun Park, Бугарија)

 

Како спортист сигурно внимаваш многу на исхраната. Кажи ни нешто повеќе за тоа – на кои работи внимаваш и како се храниш за да останеш во форма?

Немам некоја конкретна и стриктна диета, но сепак гледам да се хранам здраво. Внимавам да ја одржам истата телесна тежина. Гледам да избегнувам брза храна, па затоа си готвам дома и со тоа не внесувам непотребни додатни калории.

 

Comments

comments