Младата уметница Александра Ацеска е добитник на наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар на Факултетот за ликовни уметности во 2017 година. По овој повод утре (4-ти септември) во Музеј на град Скопје ќе биде отворена првата самостојна изложба на Ацеска со наслов „Porta Pinus“.

Проектот на Ацеска е комбинација на неколку инсталации и други ликовни остварувања кои заедно формираат опкружување или некој единствен простор во кој се презентирани двата основни концепта на проектот. Во првиот дел се презентира шишарката како еден од најстарите симболи на преодот или прагот кон некои поинакви димензии, состојби или вредносни модели, а во вториот дел наидуваме на една сосема женска односно нежна и чувствителна работа со цртежот на хартија или на вода.

Инаку, во договор со семејството на Борко Лазески, Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е младата Александра Ацеска.

 

Comments

comments