Фотографии: Елена Бојаџиева

 

Крајот на летото беше почеток на приказна која на 17 ноември во Мала Станица, со почеток во 19.00 часот, ќе биде откриена и за пошироката публика.

„Во моите чевли„ или „In My Shoes” е проект кој има за цел да ги разбие стереотипните убедувања околу поимањето на убавината, преку изложба на фотографии чии модели се лица со посебни потреби. Идејата е да се согледаат нивните потреби и во иднина да се создадат еднакви можности за сите при селекција и купување на облека на домашниот пазар. Проектот е исто така истражување на можноста за развој на локален бренд за адаптабилна  облека.

За да дознаеме повеќе за проектот, разговаравме со тимот кој стои зад „Во моите чевли“.  

 

 

Што е точно значењето на адаптабилна облека?

Најчесто овој термин се врзува со лицата со посебни потреби или сениори или постари лица, кои поради одредени причини не може да се облечат сами или имаат проблем со механизмите за закопчување (или местото на поставеност на механизмите) на стандардизираната облека. За таа цел се дизајнира облека која би им овозможила на овие лица независно да се облекуваат, а истата би одговарала на нивните ергономски потреби. Она што претставува предизвик за нас како дизајнери е да создаваме универзален дизајн, колку што е можно поприлагоден на сечии потреби.   

 

Каков е нашиот пазар и дали соодвесвтува на потребите на лица со попреченост?

За жал, не наидовме на странски или домашен бренд за адаптабилна облека на нашите пазари. Исто така, поголем дел од малопродажниот сектор не нуди услуги за корекција и адаптација на облеката на потрошувачите, услуга која е големо значење за лицата со посебни потреби. Суштината на овој проект е токму тоа, да ги истакне основните разлики и едноставните мерки кои може да се преземат од страна на малопродажниот сектор со цел да се постигне поголема инклузија.

Се надеваме дека во иднина ќе ги поттикнеме малопродажните канали да вложат во обука на продажните кадри за услуга на лица со различни потреби и дека ќе воведат понуди и производи кои се достапни за нив; едноставен пример: креирање на аудио декларација за лица со попречен вид преку примена на QR-код.

Светските пазари веќе го земаат во предвид овој посебен сегмент, кој е во континуиран развој, сé со цел да одговорат на различните секојдневни предизвици со кои се соочуваат сите луѓе во едно општество.

 

 

Како дојдовте до идејата за овој проект?

На полето на инклузивниот дизајн работиме веќе подолго време. Идејата за овој проект дојде органски, како резултат на досегашното истражување и работа во оваа област.  

Иако се работи за фотографски медиум, проектот Radical Beauty на авторот Daniel Vais ни беше една од инспирациите за создавање на ,,Во моите чевли’’ – проект кој се пронижи низ светот поради својот гласен естетски израз. Секоја чест за храброста.  

 

Која екипа стои зад целиот проект?

Автори на проектот се Маја Ѓуреска (моден дизајнер), Антонија Гугинска Јорданоска (моден дизајнер) и Росица Колева (специјален едукатор). Автор на фотографија е Елена Бојаџиева (фотограф), а комуникацискиот дел го спроведе Мартина Димовска.

Меѓутоа, главен дел на овој проект се нашите исклучителни модели, кои несебично ни дозволија за момент да се ставиме во нивни чевли и зачекориме во нивната интимност: Јулијана Петковска, Никола Колев, Ема Ананиевска, Игор Петров и Искра Донева. Им благодариме на целата поддршка, професионалност и најважно, позитивната енергија која се преслика и на самите фотографии.

Изненадени сме и од бројните пријатели кои ни помогнаа да се реализира проектот во целост: Министерство за култура на Р.М., како главен поддржувач на настанот; Мала станица – кои ни го отстапија просторот за изложување; Музеј на современа уметност – кои ни ги отворија вратите секој понеделник изминативе два месеци, со цел да ги изработиме фотографиите во одличен амбиент; Fashion Group – кои ни го понудија целиот асортиман за да дојдеме до најсоодветен стајлинг за нашите учесници.

Благодарност и до Гораст Цветковски, Ирена Сенокозлиоска (шминка), Јована Соколоски (фризура), Винарија Картал, Винарија Камник, Скопска Пивара и сите останати пријатели.  

 

 

Каде и кога ќе го поставите проектот?

Завршната фаза на проектот е во форма на изложбени модни фотографии кои публиката ќе има можност да ги погледне на 17-ти ноември во Мала Станица. Се надевам ќе се дружиме во голем број.  

 

Comments

comments