Град во градот, Скопје во Скопјето. Како можело да изгледа Скопје, какво е сега и каква судбина му се пишува во блиска иднина?

За момент заборави на тажната реалност во дворот на УКИМ, исечените дрвја, прашината, бетонските и стиропорните бесцелни плочи.

Замисли го кампусот на УКИМ со многу повеќе објекти и спортски центар, замисли студентски град. Замисли на левата страна од МОБ комплекс од кино сали, а од десната театар. Сето тоа модернистичко и фасцинантно во стилот на нашиот МОБ и УКИМ.

Велат секое архитектонско дело има душа. Најверојатно се мисли на љубовта што во него ја вградува творецот – архитект. Но и пораката што се праќа со градбата, нејзината намена и желбата да опстои. Скопје има неколку такви души што лебдат и опстојуваат со децении и што се недделиви од телото на градот кој полека згаснува. Но Скопје е и градот што памети! Дали се тие искрите кои повторно може да го запалат огнот на историско и архитектонско паметење?

Токму такво паметење или будење е изложбата која ја организира Галеријата „SIA“, под покровителство на Словенечка амбасада во Р. Македонија, насловена: „Херои за еден ден, навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“.

Изложбата одново ги согледува делата на трите словенечки автори/бироа, чии градби во Скопје станаа клучни обележја, дефинирајќи „градови во Градот“: МОБ – Македонската опера и балет како дел на Културниот Центар на Биро 71 (изградена 1972-’81), УКИМ – Универзитетскиот центар „Свети Кирил и Методиј“ на Марко Мушич (изграден 1970-’74) и ПМФ – Природно-математичкиот факултет на Едвард Равникар (изграден 1949-’51).

Кога по речиси седум децении се прави урбано сеќавање на „архитектонски артефакти“ кои во еден историски момент биле архитектонска авангарда и повик кон модерното и иднината, тогаш е сосема легитимно прашањето, дали овие „градови во Градот, овие „херои“ на Градот, не се можеби фениксот кој ќе му го врати здивот на Скопје?

 

1

2

3

 

 

7

8

 

Во рамки на изложбата ќе се издаде книга, во издание на издавачка куќа „Готен“ и Галеријата „SIA“. Во книгата ќе биде документирана изложбата и ќе бидат претставени делата на некои од македонските уметници кои во својата работа реферираат на трите згради (МОБ, УКИМ и ПМФ), но, ќе содржи и голем број на текстови од истакнати македонски и странски архитекти кои говорат за објектите што ќе бидат претставени на изложбата.

Како и да е, изложбата е прекрасен урбан и креативен предизвик да му се вратиме на градот, да се потсетиме на сите оние словенечки архитекти кои му подариле на Скопје дел од својата визија, надеж и култура, нов имулс за ново живеење.

Скопје памети преку делата! Последен повик да не се заборават и уништат обележјата на Скопје, последен повик да се оживее незавршената приказна за модерно Скопје.

 

Comments

comments