Exit, Здраво Млади, Таксират и оваа година Sziget се фестивалите кои веќе беа сведоци на звуците на June. Ние „удривме“ една дружба на покривот на една скопска зграда, пиевме по некое пиво и притоа ни дадоа едно интервју кое вреди да се прочита.

June (Џун). Бенд кој можеби сè уште не го знаат кај нас, но е веќе промовиран и има свои фанови надвор од нашата ни државичка. Инди-звуци, млади, урбани, талентирани и амбициозни дечки и една девојка со неверојатен глас. Сите различни по карактер, но одлично сплотени преку љубовта кон музиката во оваа работа.

 

 

Кои се June?

June се тројца момчиња и една девојка, каде што девојката е главниот „виновник“ за самиот бенд. Бендот почна под сосема поинакво име, односно како Бомзич, тоа беше соло, името на Бојана која сама има почнато да настапува на предлог на Грга (поздрав до Грга).

Подоцна Бојана почнува да свири заедно со Филип а.к.а Фико, како дуо-гитари, и Анте се приклучува како басист. По кратко, Анте напушта, а се вклучуваат Данчо а.к.а Либре (не знаме зошто Либре, така дојде) и Гоце со кој June започнува да постои како официјален бенд. Заедно четворицата го имаат снимено првиот албум Someday Soon. По снимањето на првиот албум, Гоце заминува и Анте се враќа на бубањ. Тоа е составот кој постои како June до денес. Заедно го снимавме последниот албум Indian Summer и во моментов подготвуваме нови звуци кои наскоро ќе ги чуете.

Желбата да се издава музика и да се вклопуваат сите различни стилови во музиката е тоа што нè врзува и ја прави June.

Идејата на постоењето на бендот се различностите во стилови на музика кои сите ги имаме. Но, желбата да се издава музика и да се вклопуваат сите различни стилови во музиката е тоа што нè врзува и ја прави June.

Зашто June?

На Аларм фестивал во далечната 2010та Бомзич добива коментар дека многу потсеќа на женска верзија на Johnny Cash. Жена му на Johnny Cash се вика June Carter Cash и така доаѓа до идејата бендот да се вика June (не е врзано со месецот Јуни).

Од каде црпите инспирација?

Секој од нас различно црпи инспирација. Имаме пар артисти за кои се согласуваме сите дека се одлични и сите ги слушаме. Дел од нив се: Ben Howard, Bon Iver, John Mayer, Mumford and Sons, Силви Бенд, и Ристо Самарџиев.

Нека се претстави секој член со по збор-два.

Бојана – Вокал, гитара
Анте – Бубањ, придружни вокали, усна хармоника, што се најде
Данчо – Либре, бас, откачен брк
Фико – Директорот, придружни вокали и соло-гитара.

Фестивал или соло-концерт?

Секогаш концерт, по можност во интимна атмосфера на убаво озвучено место.

Дали би пееле на свадби?

Само на нашите свадби. Сме свиреле на родендени додуша, кај поблиски луѓе на приватни затворени забави.

 

Дали размислувате за носење на иста облека на настапи, како ваше идно обележје?

Не сме размислувале ама звучи кул како идеја.

Дали имате ритуали пред настап или некоја амајлија што ја носите секогаш?

Не пиеме алкохол никогаш, секогаш се бркаме низ гужвата пред да почнеме да свириме.

По Таскират и Exit стигна и позив од Sziget? Како се случи тој момент?

Sziget дојде мошне неочекувано, но пријатно нѐ изненади. Благодарение на нашиот букинг мастер Лина Угриновска (поздрав Лина) и програмите за размена на бендови, успеавме да добиеме таму настап. Ќе свириме на не толку големиот British Knights Europe Stage и сепак се надеваме на одлична забава и таму

Кои се плановите по Indian Summer?

Cowboy Winter. Хехе. Работиме на нови материјали, различни се од Indian Summer, најверојатно затоа што созреавме музички на некое повисоко ниво. Не знам како ќе го кoристиме сето тоа, но кога ќе дојде време ќе смислиме нешто.

Кај ги правите пробите?

Во студио June. Сега гаража е демоде и затоа студио. Локација ќе ја чуваме во тајност затоа што „хараат“ крадци последниов период.

Пари или лична сатисфакција?

Не сме Шведска да кажеме дека пари не се лична сатисфакција. Не дека парите се приоритет, повеќе од сѐ е лична сатисфакција, ама убаво е кога некој го цени твојот труд со некој денар.

Имате ли конкуренција во вашиот стил кај нас?

Не можеме да кажеме дека има, веројатно затоа и не сме прифатени многу кај нас. Повеќето слушаат стилови на музика што им се блиски. Нажалост не се отворени кон нови стилови на музика и нашиот им е прилично далечен.

Дали ова ви е хоби или професија? Ако е хоби, кои се вашите професии?

Бојана работи во невладина организација. Данчо е ИТ и по потреба „поддржи малце клештиве“ хирург во болница. Филип е сам свој газда на фирма за веб девелопмент. Анте работи маркетинг во моментов.

Дали имате други странични проекти?

Анте свири во Furion (одамна пред да дојде во June).

Омилени места за излегување кај нас?

Па чаршија, MAD Kitchen and Bar, Дебар Маало по кафиќи, и во парк.

Надвор или тука планирате да го промовирате и доградувате June?

Секогаш е поубаво кога можеш да се промовираш и доградуваш дома, но како што рековме најверојатно заради стилот повеќе имаме надеж за доградување надвор. Секако даваме и ќе даваме сѐ од себе за да не биде изоставена домашната публика.

Кога концерт?

Летово сме прилично договорени по фестивали, така што се надеваме дека ќе имаме убав концерт во интимна атмосфера како што сакаме за роденденот нa June во октомври (колку и чудно да звучи, роденденот на June е во октомври.

Зашто текстовите се на англиски?

Бојана пишува 99.102 % од текстовите, ние додаваме по некој збор или придружен вокал. Музиката која таа ја слушала и ја слуша сѐ уште секогаш била на англиски – нема екс-ју, нема естрада итн.. И најлесно ѝ е да пишува текстови на англиски. Но тоа не значи дека не владее кога пее во кафана.

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

 

Comments

comments