Неколку дена пред крајот на годината, најчесто мислиме на тоа каде да ја дочекаме новата. Оние кои веќе го имаат тоа смислено, можеби мислите ги трошат на тоа како им поминала годината, дали ги оствариле плановите и целите, во кој момент сè тргнало на лошо, или се убедуваат дека 2016 сигурно ќе биде далеку подобра од 2015.

Моите спомени од 2015 (заедно со секоја друга, од 2004 па навака) не се нешто особено весели, што според мајка ми е вообичаено за еден песимист како мене. Оние среќни спомени се ретки, дел од нив се не-толку-Reborn, а другиот дел е директно поврзан со нашите читатели, а најмногу со самиот тим кој стои позади него. Околу пар места гравитиравме оваа година –

Калдрма

Местото каде што се изнаоѓаа одговори на прашањето „Каде вечер?”, каде се планираа многу работи, се од стикерите, па до организацијата на промотивната Reborn забава. Местото на кое Дона секогаш инсистираше, а нè купуваше со пуцкетавци. Јадевме пуканки и пиво и гледавме кој-каде паркира.

Љубов

Тука беа испиени многу, многу, многу црнчиња. Можеби најважното е неговата одлична, стратешка геолокација – близу е до Балет, среда е виски-вечер, а Јанко пушта TV on the Radio.

Лира

Местото на кое се одеше дента после сите пијанства. Местото на кое одиме во потрага по квалитетен, содржаен муабет. Местото каде ја раскажуваме глупоста што сме ја направиле вчера. Една станица пред Сектор.

Сектор 909

Во моментите на високо ниво на самодоверба и оптимизам, нема друга опцијата за финализирање на добра вечер од Сектор. Сектор останува едно од местата што ја одбележаа годината, не само поради нашата мала Reborn забава во ноември.

Балет

Некои вечери се осудени да завршат во Балет. За некого вечерта таму и започнува (читај за Диме кога ќе реши малку да дремне, до 02.00 наутро). Нема многу приказни за Балет кои може сега да ги раскажеме (што е можеби и неговата најсилна страна), затоа што сите се сеќаваме на само пар различни моменти од вечерта, кои често не се комбинираат во една логична сторија.

Office

Нашето творечко гнездо. Тука се креира, спие, јаде, пие кафе, се смее (Бане нè смее, да бидам искрена). Нашата омилена канцеларија од сите канцеларии. Минијатурна, но секогаш опкружена со луѓе, кои исто на некој начин се дел од нас, дел од Reborn. Пред сè, нашите другари – Pogon, Proxy и Brainster.

 

Comments

comments