Фотографии: Александра Костадиновска

 

Да расчистиме една работа пред да навлеземе подлабоко во текстот – ништо, ништо нема да ја замени љубовната афера која ја имаме со доброто еспресо.

Но има денови кога сакаме да си го почастиме телото со нешто здраво, да се почувствуваме „возрасно“ и да се залажеме дека имаме контрола врз животот. Тогаш го ставаме кафето на пауза и посегнуваме по нешто друго.

Се разбира, тоа нешто друго не го избираме случајно, не е тоа што прво ни доаѓа при рака кога ќе ја отвориме вратата од фрижидерот, туку е внимателно смислено. Тоа нешто, за секој од нашиот тим е различно, но има едно нешто заедничко – успева да не залаже со слични ефекти кои ги добиваме од кафе.

Доколку некогаш почувствуваш дека треба малку да се оттргнеш од интензивниот ролеркостер на кој кафето секогаш успева да те вози, и дека ти треба нешто безбедно и мирно за промена, разгледај ги опциите кон кои секој од нашиот тим се обраќа.

 

Црн чај со млеко

Јачина: ⚡⚡⚡
Препорака на Дона
Каде може да се купи: Сите маркети
Цена на една шолја: 20-30 денари

Ретко се чувствувам дека ми треба пауза од кафе. Но деновите кога веќе имам испиено неколку бокали кафе, а сè уште нема ни 11 часот наутро, се обидувам да се успорам малце и да се залажам со црн чај. Во принцип, ова е добар избор кога не можеш да се одлепиш целосно од кофеинот, но сакаш внимателно да го дозираш.

За успешен црн чај со млеко трикот е во типот на чај што ќе го избереш. Имам пробано неколку до сега и оној кој убедливо најмногу ми се допаѓа е типот наречен „English Breakfast“. Некогаш се наоѓа тешко по маркети, но јас го купувам од La Cha на грамажа. Друго важно е да не претераш со млекото – доволно се неколку капки, и да не претераш со колку време ги држиш ливчињата во вода – доволно е само 1 минута.

За разлика од кафе, ако не ги погодиш овие работи, чајот може да биде одвратен. Но после неколку обиди ќе ги совладаш, не се предавај, и ќе добиеш чај што има 80% ист вкус како кафе со млеко, само со хербален шмек!

 

 

Енергетски чај од Herbalife

Јачина: ⚡⚡⚡⚡⚡
Препорака на Димитар
Каде може да се купи: Herbalife
Цена на една доза: 45 денари

Јас сум најверојатно најголемиот зависник од кофеин од сите на листава. Пред отприлика 2 години, почнаа да ми се јавуваат проблеми со желудникот, што ме исфорсира да се лимитирам на едно кафе дневно. Тешки времиња за некој навикнат да пие по 4-5 шолји. Тоа значеше дека морав да најдам добра (и природна) замена, што ќе има сличен ефект на кафе. Зелен или црн чај едноставно го немаат тој „kick“, а и на вкус не ми се нешто посебно.

Знам што ќе помислиш, да, има одредена стигма поврзана со Herbalife производите… и јас истото го помислив тогаш. Но откако другар ми даде да пробам од чајов, искрено, бев многу изненаден. Чајов е сериозна работа. Ако сакаш нешто да те дигне некаде помеѓу дупло еспресо и Red Bull, тогаш ќе го обожаваш.

Мало предупредување: Не го пиј 5-6 часа пред легнување – сум имал доволно непреспиени ноќи за да ја научам лекцијата. Најдобро е да се напиеш една чаша наутро и можеби уште една после ручек. Две дози ти се повеќе од доволни за да бидеш остар цел ден.

 

 

Зелено Смути

Јачина:
Препорака на Бане
Каде може да се купи: Маркт, Вега, Squeeze Me…
Цена на еден пијалок: 120-200 денари

Ок, можеби нема толку слични ефекти како кафето, но дефинитивно успева да ме расони. Главната причина поради која пијам зелени смутиња, не е затоа што ми треба енергетски кик што ќе ме држи час и половина и после нагло ќе ме спушти, туку затоа што ми треба нешто што ќе ме направи поздрав и поенергичен на долги патишта.

Зеленото смути дозволува прилично експериментирање со комбинации и состојки. Користам спанаќ како основа на која додавам што овошје и да имам дома (или што и да нуди местото од кај го купувам смутито по пат накај канцеларија). На зелената база многу добро одговараат боровници, банани, малини, кајсии, и скоро сè овошно што можеш да помислиш.

Деновите кога навистина ми треба нешто што ќе ми даде инстантна енергија, знам да додадам спирулина во прав или путер од кикирики.

 

 

Кока Кола

Јачина: ⚡⚡⚡
Препорака на Теа
Каде може да се купи: Сите маркети
Цена на еден пијалок: 100 денари

Ок, може ова нема потреба од кажување – ама викендите кога малку сум, кхм, претерала минатата вечер, ништо не ме спасува како Кока Кола со многу мраз. Студот од коцките мраз и дозата кофеин во комбинација никогаш не ме разочаруваат кога треба да ме расонат и вратат во нормала.

Дефинитивно не викам дека е добра замена за кафе или дека можам да се замислам често да пијам Кока Кола наутро, но верувај ми, има денови кога ни 2 литри кафе нема да успеат да ме дигнат на нога, како што може 1 чаша стара добра Кока Кола.

 

 

Мача чај

Јачина: ⚡⚡
Препорака на Инес
Каде може да се купи: Маркет за органска храна
Цена на една доза: 40-50 денари

Мача чајот е прашок од зелен чај кој се расте на посебен начин, во сенка. Поради ваквиот начин на растење има поголема концентрација на хлорофил, амино-киселината танин, како и дури 137 пати повеќе анти-оксиданси од обичниот зелен чај. Лисјата од чајот се берат рачно и се мелат на специјални камени воденици. Уникатниот процес на производство го прави овој прашок концентрат на најдоброто од зелениот чај.

За Мача чајот дознав сосема случајно, читајќи статија за здрав живот. Ми беше интересно името, па продолжив да гуглам и набрзо потоа го купив. Инаку, пред да го откријам пиев загрижувачки големи количини на кафе. Но, сега можам да кажам дека целосно ми го замени кафето. Најомилениот дел ми е што дава енергија, ама не те прави „растресен“ и на „сите страни“ како кафето. Напротив, добиваш енергија, ама и фокус, па многу поуспешно обавуваш работи така, отколку кога си во кафе еуфорија.

 

 

Сок од калинка или боровница

Јачина:
Препорака на Александра
Каде може да се купи: Маркет за органска храна
Цена на еден пијалок: 50-100 денари

Кога не сум расположена за кафе, а ми треба нешто што ќе „ме крене“, пијам сок од калинка или од боровница. За жал, не се едноставни за правење дома, но се продаваат во сите маркети за органска храна и имаат супер доза на енергија и многу антиоксиданти.

Можеш да ги пиеш „чисти“, како што ги пијам јас, но можеш и да ги пробаш како состојка во некое енергетско смути. Пример можеш да пробаш сок од калинка, изблендан со млеко од соја, банана, јагоди и јогурт. Во овој случај, не само што ќе добиеш здрава замена за кафе, туку и цела замена за појадок.

 

Comments

comments