Ова е единствениот текст на кој досега имам работено кој ме расплакал.

Ме расплака на убав начин, на ист начин на кој те расплакува почетокот на цртанот „Up“ или видеото што ти го испрати мајка ти од кучето што го остави во Македонија кога се исели.

Идејата да ги споделам и ислушам четирите приказни од четири локалци ја добив кога неодамна другарка ми ја раскажуваше својата. Тогаш сфатив дека колку и да се нарекуваме слободоумни, колку и да веруваме дека целосно ги разбираме сите различни ситуации, ние всушност не разбираме ништо. Ја гледаме и ја прифаќаме површината, ги прифаќаме и поддржуваме фактите, но често тоа е без да навлеземе во деталите. А додека не навлеземе во деталите, може само да продолжиме да погодуваме како е да се живее во туѓа кожа.

Затоа те замолувам, да си направиш шолја кафе, да ги исклучиш нотификациите на телефон и да одвоиш 15 минути за да ги прочиташ овие прекрасни приказни. Ова се приказни кои сите треба да ги знаат, приказни за љубов и борба, приказни за победа.

Ова е мојот омилен текст на кој досега сум работела. Релна сум и се сомневам дека ќе промени нешто во големата слика на случувањата, се сомневам дека ќе ја намали омразата со која многу наши пријатели се соочуваат, но верувам дека ќе им послужат како кураж и потпора на оние кои водат слична битка. Ќе ги потсети дека без разлика на средината, секогаш, секогаш вреди да бидеш тоа што си.

 

 

Анонимна, 33 години

Во мое време, кога се откривав себеси и реализирав на различни полиња, да не кажам – кога растев како сите „нормални“, добро паметам дека геј/лезбејка беше толку далечна, фиктивна и нетолерирана ствар. Па дури и за мене самата. А можеш само да замислиш што бевме ние ЛГБТ, во очите на другите.

Кога почнав да приметувам дека ме привлекува истиот пол – женски, во мојот случај, и кога ќе се присетам на оној момент кога за прв пат си признав себеси дека се заљубувам во девојка, сега ми е смешно, но тогаш беше неверојатно каква паника ми предизвика во глава. Целосно бунило, кое во моментов ми е предизвик да го опишам.

Ми текнува на една сцена, во која заедно со мојата прва девојка која јас толку многу ја обожавав, седиме на клупа спроти Хотел Карпош, а низ стомакот ми летаат љубовни пеперутки. Си викав: „Ја сакам. Ама што ми е? Не е добро ова. Не е нормално. Не смееш, женско си, женско е и она. Како ќе им кажам на другарките дека имам девојка?“ Нормално, многумина поминале низ истото и добро знаат за што зборувам.

Да љубиш тоа што сакаш да љубиш и да не си осуден од околината е вистински благослов. Да не смееш да ја бакнеш саканата кога ќе се видите, не е лесно. Иако израснав во прекрасна фамилија, сепак им беше навистина тешко да ме сфатат, беа конзервативни по тоа прашање.

Уште од мала слушав за тоа како свадбите се прекрасна ствар. Да пораснеш, да имаш маж и деца е тоа кон што треба да се стремиш. Таквите муабети толку знаат да те ограничат и да не ти дозволат да сфатиш самата што чувствуваш и што сакаш. Те бунат, те кочат и те потонуваат.

Поради врска со девојка бев исфрлена од дома на еден период, изгубив една голема љубов затоа што не бев спремна да бидам тоа што сум. Но не повеќе. Дечки, девојки, да се сакаме е најубавото нешто на светот.

Родители, дозволете им на децата да бидат она што се, не ги менувајте во тоа што вие би сакале да бидат. За да израснат среќни и здрави треба само да ги поддржувата во патот и изборот и да знаете дека геј е ок. Сè е добро кога е од срце и со искрени чувства.

 

 

Анонимен, 27 години

За разлика од очекувањата за тоа што значи да се биде геј кај нас (па и пошироко), додека растев немав баш некој поразличен начин на одење или зборување од другите машки на моја возраст, ниту пак преферирав да се дружам многу со девојки.

Заради нашата, во главно конзервативна средина, многу полека се опуштав да зборувам на темата. Од денешна гледна точка, повеќе ме спречуваа моите очекувања за другите, отколку реалните реакции кои ги добивав. Сите што не се стрејт кај нас во главно се соочуваат со дополнителни замарања од различни страни, но искуството досега ми има покажано дека луѓето кои те ценат како личност, полесно прифаќаат кога ќе дознаат дека си геј. Ова ти дозволува повнимателно да оформиш еден круг на луѓе во чија близина можеш да бидеш онолку опуштен колку што ти е потребно.

 

 

Анонимна, 35 години

Процесот на соопштување некому отворено за сексуалната ориентација воопшто не е лесен. Мене не ми бил. Ако се вратам наназад низ годините, една од работите кои комплетно би ги променила е да зборувам со луѓето за мојата сексуална ориентација многу порано. Имав 18 години кога ја имав првата девојка. Се случи сосема природно, сосема спонтано. Мислам дека и двете не знаевме што значи тоа. Не ни разговаравме што се случува, едноставно се љубевме.

Се чувствував своја на своето, не знаејќи што ми се случува, едноставно беше уживање. Ваквите чувства не беа случај кога се работеше за машки. Ми се допаѓаа машки само заради тоа што „мораше“. Имав краткотрајни врски со момчиња во кои немаше сексуален чин, само бакнување. Не можев да имам секс со машко, едноставно не се чувствував комотно да го правам тоа. После првата врска со девојка, почнав да се мачам. За мене беше тежок раскин, не знаев да се соочам со тоа, бев сама и штотуку запишана на факултет, немав со кого да зборувам. Никој не знаеше што ми се случува. Ништо не ме интересираше, почнав да не посетувам часови на факултет, од дома ми се јавуваа да прашаат дали сум добро, поради тоа што прв пат во животот увидоа дека нешто не е во ред со мене штом „попуштам“ со учење и не се враќам дома.

Во тој период си реков себеси – во ред, морам да истражам дали навистина сакам девојки и дали можам истото што го имав со првата девојка да го имам и со машко. Пробував повеќе пати, но сè беше различно, едноставно не можев да остварам емотивна конекција со момче, сè правев со сила. После неколку години мачење, едноставно кренав раце, се ослободив пред себе и си признав: Јас сум лезбејка!

Се аутирав на дел од моите најблиски пријатели дури на 26 години. Бев прифатена, немав проблеми и всушност не беше ништо поразлично од претходно. Сè си продолжи како што беше, но јас се чувствував поразлично, исполнето, заради тоа што имав слобода да бидам јас, да можам да зборувам за сè она што ми се случува исто како и пријателите хетеросексуалци. Немав пријатели од ЛГБТИ заедницата. Не можев да го изговорам зборот „лезбејка“, кога сакав да се аутирам некому го користев: „па јас сум геј…“

Да се води таен живот воопшто не е примамливо, но од друга страна си среќен што барем уживаш во она што си го сакаш и си најдуваш начин за тоа. Се чувствуваш среќен но не можеш да споделиш за тоа. Се бакнуваш во некоја темна уличка после диско, и потоа страдаш неколку дена, некој да не те видел, некој да не дознал…

Да се биде различен во Македонија, по било кој основ, е претешко. Но, она што од искуство имам сфатено е дека, на крајот на денот, различноста е предност, мора да се грижиме за себе повеќе и да сме храбри да ја живееме различноста! Јас не сум била физички нападната но сум била повеќепати вербално навредувана и психички малтретирана заради мојата различна сексуална ориентација. На моите родители и најблиски роднини не им имам кажано за мене. Од страв дека ќе ги изгубам и дека можеби ќе трпам физичко и економско насилство.

Она што во Македонија мене лично многу ми помогна беше тоа што до некаде се ослободив од стравот, срамот и почнав да одам на настани кои беа поврзани со ЛГБТИ тематика. Почнав да учам од луѓе оснажнети, борбени… Тоа навистина ми помогна да сфатам дека мојот идентитет е мој и нема од што да бегам и да се срамам.

„Здраво, драго ми е, ова е мојата партнерка, запознајте се“, кажав дури на мои 30 години, кога веќе живеев надвор од Македонија. Живеејќи надвор, токму тогаш навистински почуствував како е да си слободен од предрасуди, страв, стигма, како е да живееш без некој да ти наметнува ставови за она што си, без страв дека некој ќе ме деградира ако дознае за мене. Почнав да го користам зборот лезбејка за себеси со радост.

Таму уште повеќе научив и се охрабрив дека секој си има право на свое мислење, но никој нема право да ни забранува кого да сакаме, и дека не е нормално сè ова што се случува во Македонија. Не е прифатливо некој да ме исмејува, не е прифатливо некој да ми се меша во приватноста, не е прифатливо некој да ме навредува на улица, во кафич. Не е нормално некоја личност да биде сведувана само на едно, а тоа е сексуалната ориентација. Јас сум целосна личност како и сите други, работам, напредувам, допринесувам, социјално битие сум, не сум само „една лезбејка“.

Но, надежно е дека работите сега се менуваат, имаме млади генерации кои се ослободени и храбри, тоа ми влева надеж дека нештата ќе се сменат! Би сакала да има повеќе отворени луѓе од заедницата, така само би покажале дека сме постоеле и ќе постоиме и дека е најнормална работа, но длабоко во себе разбирам дека промените се многу бавни. Огромен проблем е тоа што владее огромна интернализирана хомофобија во заедницата, но и тоа е разбирливо земајќи ги сите фактори кои влијаат на нашето неприфаќање во општеството, па од лично искуство сфаќам дека на луѓето не им е лесно да се прифатат себеси.

 

 

Анонимна, 20 години

Сè за мене започна кога аплицирав, и бев примена на еден квир фото активистички проект. Во истиот момент кога влегов во просторијата, тогаш сè започна. За прв пат во животот бев опкружена со луѓе кои за еден ден почнав да ги осеќам за толку блиски. Сè течеше толку природно и прекрасно, само затоа што некако потсвесно осетив дека имаме нешто заедничко, нешто што нè спојува на еден толку чуден но длабок начин, бидејќи тие не беа како никои други луѓе што дотогаш биле во моја околина, беа слободни, опуштени, отворени за својот идентитет и расположени искрено да разговараат за тоа. Тогаш за прв пат се осетив како целосно да припаѓам некаде.

Целта на проектот беше да продуцираме изложба со активистички фотографии насочени кон квир културата во нашата средина, јас искрено во тоа време и не бев толку упатена во тој свет, сè ми беше ново, но толку јасно, звучеше далечно но го чувстував како дел од мене. Дојде еден клучен момент каде што требаше да смислиме свои лични проекти, секој имаше некој план во главата, а јас искрено, навистина немав никаква идеја што ќе сликам, како ќе го сликам и што ќе биде поентата на сето тоа. Во еден момент решив дека сакам да ја покажам мојата околина, луѓето кои поголемиот дел од мојот живот ми биле најблиски, а сепак ги ставам во ист кош со овие што скоро ги запознав.

Долго време размислував, и во еден многу чуден момент ми текна. Веќе некое време размислував за тоа како да им кажам на моите блиски и пријатели дека имам девојка, но немав со кого да разговарам за тоа, немав на кого да му се пофалам гордо и да знам дека ќе добијам целосна поддршка. Решив дека ќе направам фоторафија од тројца мои најблиски пријатели во моментот во кој јас им кажувам дека имам девојка, а фотографијата ќе биде пред и потоа, односно пред да им кажам и првата секунда во која им кажувам.

Знаев точно на кои луѓе ќе им кажам, знаев како и знаев каде, бев толку самоуверена сè до моментот додека не требаше тоа да го направам. Првиот обид ми траеше толку долго, го памтам секој момент во тие два часа додека се врткав со мојот најблизок другар низ парк и измислував приказни за да му објаснам зошто толку долго време го сликам на едно исто место.

Се решив дека готово, ќе му кажам, го наместив апаратот, молчев една, можеби и две минути додека тој ме прашуваше “Што ти е?”, ми се пресекоа нозете, и му кажав – „Имам девојка…“

Во тој момент ја видов најискрената негова насмевка што некогаш ја имав видено, а мене ми паднаа еден тон грижи од грб кога рече: „Многу ми е мило што ми кажа”. Истото се повтори и со уште една другарка, мислам дека не би можела да го опишам чувството, нема зборови само емоции.

Дојде и крајниот момент каде што осетив дека треба ова и да го споделам со најважната личност во мојот живот, со неа беше и најтешко но и најлесно. Еден час пред да треба да го испрезентирам мојот проект јас ја сликав мојата мајка. И кажав, се смеевме, плачевме, се гушкавме, се гледавме, зборевме, пак плачевме пак се гушкавме и пак се смеевме. Бевме радосни. Имав целосна поддршка.

Тоа беше еден од најважните денови во мојот живот. Тогаш сè се смени, од тогаш сè беше различно, не требаше повеќе да се кријам, да лажам каде и со кој сум, секој ден да се плашам дека некој на улица ќе ме види со девојката што најмногу ми значи, не морав повеќе да ги кријам чувствата и можев да кажам сè што ми лежи на срце и да знам дека не сум сама. Мислев дека оттогаш бев друга личност, но… Мислев.

Сè всушност започна цела година пред оваа приказна, кога запознав една прекрасна, препаметна, преупорна, пречиста и преубава личност која ми го смени животот засекогаш. Беше девојка. Прв пат ми се случуваше, пробував да избегам, пробував да се лажам себе дека ништо не се случува, пробував и воопшто да не мислам на тоа. Но не можев, тогаш сфатив дека се заљубив, толку неописливо многу. Се заљубив во неа, се заљубив во девојка.

Ова е една кратка ретроспектива на мојата најважна приказна од доцните тинејџерски и средношколски денови. Уште не ми се верува дека живееме во едно такво оштество каде што сме осудувани за нашиот избор на луѓе во кои што се заљубуваме и луѓе кои не прават среќни. Уште не ми се верува дека ни требаат години на собирање на храброст, борби со самите себе, тажење и плачење само за да бидеме она што сме.

Ова го мислам, но од денешна перспектива сè уште не ми е јасно како издржав цела година да водам таен живот, скриена позади сите лаги кои мислев дека бев приморана да ги измислувам, и уште поневеројатно ми е како некои други издржуваат тоа да го порават поголемиот дел од својот живот.

Јас имам 20 годиини, мене ми се свиѓаат точаци, ми се свиѓаат искачања со разни луѓе, ми се свиѓа музика, ми се свиѓа јадење сладолед, ми се свиѓа фотографирање, но ми се свиѓаат и девојки.

Поддршката што ја добивам од моето семејство, сакам да ја имаат и сите кои што се од заедницата, сакам да сфатат дека нивните деца се нај ок, без разлика кого сакаат.

Сексуалноста е флуидна, ние се заљубуваме во луѓето. Затоа прифатив да ја пишувам оваа статија. Радосна сум и сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа со мене низ овој период, на сите пријатели, на сите луѓе што беа со мене во овој период, најмногу на моите родители и… На неа.

 

Comments

comments