Како викаат на филмовите, кога би добила долар за секој пат кога некој ме има прашано „Еј, фотограф си? И, шо е подобро, што да си купам, Canon или Nikon, а?“, сега ќе ги имав сите апарати од листата подолу како моја скромна, приватна колекција.

Да не должам многу, да почнеме од некаде. Помеѓу Canon и Nikon нема некоја разлика, барем не разлика која можеш да ја забележиш во овој момент од твојата фотографска кариера. Најмногу се сведува на тоа која марка мислиш дека најдобро ќе му „лежи“ на твојот карактер.

Затоа, без разлика за кој бренд според „звучност” ќе се одлучиш, најпрвин е неопходно да направиш неколку круцијални чекори/одлуки: (1) Одреди го твојот буџет, (2) Одреди за што ќе го користиш фотоапаратот, и (3) Одлучи дали сакаш да станеш фотограф, или само ти треба фотоапарат.

Многу важно во овој момент е да ги разбереш основите за тоа како функционираат објективите. Поврзано со тоа, еден од моите совети за тоа каков објектив да набавиш при првото купување на опрема е:

Најзастапениот, 18-55mm објектив кој најчесто го даваат во комбинација при купување на фотоапарат, е толку basic што можеби и нема да направи некоја разлика од тоа дали имаш идиотче фотоапаратче или мобилен телефон. Затоа, размисли за еден 50mm обектив кој се движи околу 120-130 € и ќе имаш одлични портрети или пак пријатна атмосфера (hygge!?) со кафе во рака и bokeh од сијаличките во позадина. Основната разлика е тоа што 18-55mm објективите имаат помал отвор на блендата, влегува помалку светлина, и немаат толку длабок фокус како 50mm. Во принцип фиксните 50mm објективи доаѓаат со поголем отвор од f1.4 или f1.8 што на фотографијата и дава позаматена позадина и поостар предмет во фокус.

Да се вратиме на фотоапаратите. Затоа што буџетот, е нели, најважниот дел, фотоапаратите кои ти ги предлагам ги поделив во секции во кои секоја одговара на различна длабочина на џеб.

 

Ако имаш собрано 500-600 €

Canon 1300D

Цената само на телото се движи околу 400 €. Секако, заедно со стандардниот објектив 18-55mm ќе достигне и до 550 €. Препорачливо е секогаш кога избираш фотоапарат да го планираш прво телото, а потоа во зависност од тоа што би фотографирале во иднина да дополниш со објектив.

 

 

Nikon P600 или P530

Не е DSLR и за жал нема да изгледаш толку опасно како кога би го имале Canon-от погоре или Nikon D3300/D5300. Не дека ги форсираме P600 или P530, но доколку си решил да правиш Euro Trip со авионски летови и не сакаш да носиш или плаќаш уште еден ранец со тебе – тогаш P серијата на Nikon е најидеалниот гаџет што може да ве дружи низ целото патување. Накратко, имаш најмалку 3 објективи во едно. Еден широк 24mm кој е сосема доволен за сите згради и стари куќи низ уличките, еден 70-200 зум кој сигурно ќе го долови човекот со весникот преку булеварот и еден… еден што ќе ви помогне да ѕирнеш во собата што свети преку реката. Секако, тука е и wi-fi опцијата за лесно поврзување со телефонот и експресно споделување на твоите фотографии.

 

 

 

По некоја случајност имаш повеќе од 700 €

Sony a6000

Пак не изгледа опасно, но доколку не ти е намерата да фотографираш свадби (на свадба, секогаш си посериозен со голем, многу голем апарат), туку да се посветиш на фотографија во која главен дел ќе бидат движењата и брзината, сериозно земи го во предвид ова „фотоапаратче“. Ама доволно сериозно е доколку го земеш податокот дека ова подразбира детски родендени на отворено, но и идеален за семеен фотоапарат за семејства со 2+ деца кои не се плашат да јадат многу благо. Автофокусот ќе ги долови и на најмаксималната брзина на трчање низ двор или плажа.

Но, и да немаш деца. Боите, контрастот и пак ќе напоменеме брзината на фокусот, ќе направат одлична фотографија од било кој момент околу вас. Плус, електронскиот smart viewfinder е многу кул и практична работа ;). Кит објективот што доаѓа со овој модел од 16-50mm ќе ви биде сосема доволен за почеток.

 

 

Nikon D5500

Цената се движи околу 600 €, само на телото. Објективите се дополнителен „терет“ на буџетот, но нели веќе сте решени да станете фотограф?

 

 

Canon 760D

Сега веќе преминуваме на едно ниво погоре. 760-ката веќе може да се сфати посериозно од сè претходно и да почнеме да зборуваме за вашата професија како фотограф или режисер. Во секој случај, одличен 2 во 1 избор. Можеби е индивидуално, но има нешто шмекерско во помеките бои и не толку контрастниот фокус кај скоро сите Canon фотографии. Она што сега станува поважно од објективот е моќниот процесор и ISO осетливоста од 100 до 12800. Нормално, да не претеруваме, ISO без зрно до 3200, врши работа.

Дополнително, доста практичен е ротирачкиот дисплеј кој што работи/фокусира и на допир.

 

 

Ако имаш заштедено над 1000 € и не си подлегнал на искушението да си купиш веспа со тие пари

*Забелешка: Mirrorless апаратите се еднакво кул како и старата добра италијанска Vespa на Piaggio.

 

Fujifilm X-E2 S

Не би рекле дека е профи и дека можеби ќе ви ги исплати вложените пари со некоја тезга. А тоа се баш околу 1000 €. Во секој случај, перформансите не смеат да се занемарат. Процесорот може многу лесно да се справи со секој предизвик за фокусирање или измачување во темни простории. Стандардниот kit објектив кој доаѓа со него, 18-55mm F2.8-4, е сосема доволен за одлична улична фотографија и ќе ви даде некое чудно чувство на њујоркчанец од 70-тите години на изминатиот век. За дизајнот нема многу да се објаснуваме. Совршен надворешен изглед и пријателски настроен софтвер. Фотоапаратот е со веќе изграден карактер.

 

 

 

Sony Alpha 7 II – малиот ѕвер

Доколку не си имале претходно искуство со многу фотоапарти, нема да го забележиш чувството дека фокусот доцни. Тоа е поради електронскиот viewfinder на кој му треба подолго време да те убеди дека треба да му се верува на сè што ќе ви прикаже низ него. Со тек на време ќе си изградиш меѓусебна доверба и работите ќе станат посериозни.

Кога ќе подразмислам, па и нема нешто поважно од изградената доверба. Да можеш точно да знаеш со која ситуација како да се справиш со заеднички сили. Практичен и лесен за управување, со добро смислена шема за тоа кој прст каде треба да притисне при подесувањето на некој од сетинзите. Моментално Sony работат на нова серија објективи кои ќе можат да се користат на full frame сензори, па затоа сите што сега можеш да ги поставиш на фотоапаратот ќе дoдаваат малку vignette. Но верувај, не е воопшто страшно.

Цената се движи од 1400 € само тело, до 1800 € заедно со објектив 28-70mm f/3.5-5.6.

 

 

За крај

Не заборавај дека објективите се подобра инвестиција од самото тело. Инвестирај во нив, но инвестирај и во патувања.

И уште еден бонус совет, кога фотографираш портрети на случајни минувачи на улица глуми дека си турист и дека фотогафираш нешто зад нив. Не им давај до знаење дека токму нив си ги фотографирал. Делувај малку изгубено, се исплати 😉

 

*Цените на производите зависат од различни дистрибутери и држави. Државите членки на EУ враќаат ДДВ.

 

Comments

comments