Годинава, од сите епски пиздарии што ги напраив, би ги издвоил: посетата на Исланд; изодувањето на Првата Македонска Западна Трансверзала (со минимум опрема, зашто сум од Радишани, а не Скопје); приватниот концерт на Орце Стефковски Царот, а една од нив беше и концертот на мојата единствена и вистинска љубов – Florence Welch, наскоро Марковиќ (или Масната, уште не сме се договориле).

Во Холандија стигнав на 9ти декември во Лајден, каде што другарка ми Мара ми направи престојот тие 5 дена да ми биде најбоље. Мара т.е. Марија е човек, не тревка. Вистински човек. Не дека не дував 5 дена. Концертот се одржа на 10ти декември во Ziggo Dome, што е одма до овој стадинов кај што играа Ајакс, беше лудница-пуно, не пратам фудбал али делуваше забавно. Ziggo Dome е сала која собира 17.000 луѓе. Изгледа прекрасно, акустиката е маестрална, и личи на коцкаста Универзална Сала. Пивото кошташе колку пиво на концерт во Скопје (а не беше Скопско од пластика), туку убав, ладен, точен Хајнекен. Нормално, концертот беше sold out. Јас ја имав честа да бидам дел од првиот ред, заедно со сите тинејџерки и млади девојки, како и еден легендарен тип што од Марс се глеаше дека не е некој фан, али е таму ради девојка му, и пробуе да се забавува. Јебига, све за лабиа.

Имаше некоја тотално нехаризматична квази Аrctic Monkeys/Franz Ferdinand „рок“ предгрупа, која што поштено издрве пола саат без никаква реакција од публиката. Лоши pay to play фраери. Но како што привршуваа, знаев дека се ближи моментот кој што го очекував со треперење во срцето, како млада средношколка која што теоретски би ја изгубила невиноста со Johnny Depp или Nick Carter.

Многумина ме прашуваат како јас (скапан приградски металчуга) ги слуша Florence & The Machine? – Просто, добрата музика е секаде, металот е секаде. Некогаш тоа значи дека се среќава во форма на британска-поп-дива со црвена фарбана коса. Јас ги имам утнато Hatebreed на Exit, само за да ја гледам Erykah Badu. И ИЧ НЕ СЕ КААМ! Добра музика е добра музика. КРАЈ!

И после 20 минути чекање, по крајов на горенаведниве, излегоа The Machine по што излезе и божицата.

3659

Oтвораат со „What The Water Gave Me”, јас почнувам да се ежам од глава до пети, ко да ме удрил најдобриот acid на светот. На само 2 метри воздушна линија од нејзе, ми се потврдува она што го видов од слики. Florence Welch е најубавата жена во постоењето. Продолжуваат со песни генерално од „How Big How Blue How Beautiful”, последниот албум за кој што и ја прават оваа турнеја. Ги уклучуваат и нивните класици „Spectrum”, „Shake it Out” (срцево во тој момент пача ми се напраи), „Cosmic Love” и завршуваат со „Dog Days Are Over” и нивната класична рутина „симнете парче облека и сакајте се сите“ што ја прават на секој концерт. Си одат. Ама мора бис, публиката збеснува. По 5 минути се враќаат и на мое големо задоволство ја свират heavy metal баладата „Mother”, и завршуваат со „Drumming Song”. Си одат, си одиме и ние накај Лајден. Вечерта заспивам, знаејќи дека сум посведочил совршенство. Се прашувам, како може смрдлив металец да заслужи ваква работа во животот? Ама не ми е гајле!

Следното утро станувам, малку незадоволен, и си помислувам – „Абе мамето, ми ги дужат „Only If For A Night”, „Never Let Me Go”, „All This And Heaven Too”, „Seven Devils”, „No Light No Light”…“ и тука прекинав зошто знаев дека набројувањево ќе се претвори во мање-више нивната цела дискографија.

 

П.С.

Додека го пишував текстов, дознав дека умрел Ian Frasier Lemmy Killmister, Rock & Roll БОГ! До сите браќа по рок и метал линија, сакам да ми препорачам дека, ако доживееме 5% од тоа што го доживеал Lemmy, уште утре може да се гине! Rest in Power Lemmy, фала ти за сиот метал, животите што ги допре, и најдрскиот рок звук кој што некогаш се свирел! Бескомпромисно копиле до самиот крај!

 

П.П.С

Space cookie, никад више!

 

Comments

comments