Уште од сега помири се дека нема да изгледаш како Alexa Chung на Coachella.

Кампување на фестивал е survival of the fittest. Но од друга страна, искрено верувам дека кампување ти е најдобриот начин за вистински да го доживееш фестивалот, да го расониш тинејџерот во тебе и да се сетиш дека уште има некоја млада коска во ова тело.  

Пред две недели бев на Open’er фестивалот во Полска, а за викендов дел од тимот веќе сериозно се спрема да ги гледа Архангел, String Forces, Кооp Oscar Orchestra, Funk Shui и многу, многу други на Д Фестивал во Дојран. Па со тоа што билетите за кампување се веќе распродадени, мислам дека многу добро ќе ти дојдат овие пар совети за преживување што неодамна ги научив на потешкиот начин.

 

1. Сместување и транспорт

Види, може звучи премногу очигледно, ама многу работи лесно се забораваат. Како на пример кога јас донесов страшно паметна одлука да не го затворам вториот слој на шаторот (мрежата) за да се изветрее. Кога се вратив после неколку саати, внатре најдов повеќе од 8 типа бубачки. Така да, не заборавај:

 

 

Избери шатор кој ќе биде соодветен за кампување во лето

Не ти треба ништо посебно, само нешто што лесно се мести и со добра „вентилација“, значи колку повеќе мрежа има на него – толку подобро. Ако најдеш шатор што има еден слој мрежа и уште еден платно, тој ќе ти биде најдобар. И запамти дека не сакаш да го оставиш отворен со цел да струи воздух (за да нели, не ти се наполни со бубачки), но не сакаш ни да кондензира и да ти снема воздух во 4 сабајле. 

 

Ако доаѓаш на фестивалот со кола запамти многу, многу добро каде си паркирал (запиши си ако треба)

На прва ќе ти изгледа како лесно да се памти, ама откако ќе се наредат уште 4-5 реда позади тебе и колите околу тебе ќе се сменат, може да завршиш барајќи си ја твојата со саати. Исто, за да бидеш безбеден и да не заборавиш каде ти е колата или да снема места за паркинг, најдобро е да не ја мрдаш колата сè додека не треба да си идеш од фестивалот. До градот отиди со автобус (често има организирани автобуси на неколку минути што идат) или такси. Во кола можеш да ги оставаш вредните работи, пример компјутерот ако по некоја случајност како мене ќе треба да работиш сабајлето пред да почнат со свирење бендовите.

 

Избери го местото за кампување стратегиски

Исто како со колата, избери го местото за кампување стратегиски. Сакаш место што е близу до влезот на фестивалот, што лесно се наоѓа и што е близу до тоалетите (но не премногу – не сакаш да уживаш во мирисот на полн тоалет додека спиеш, нели?). За лесно да си го препознаеш шаторот, зашто верувај ми сите се исти особено после неколку испиени пива, понеси нешто што може да го врзеш и да игра улога на знаменце (пример, шарено марамче).

 

Вреќа за спиење

За спиење јас викам дека ти е најдобро да понесеш вреќа за спиење, не душек. Ама ова е лично мој став, јас секогаш подобро се осеќам во вреќа. Иако душек може да биде подобар избор за екстремно топли денови, а некои вреќи за спиење се направени за екстремно ниски температури. Така да, биди паметен и убаво провери го времето пред да се пакуваш.

 

Не се пакувај во куфер, туку во голем ранец

Не сакаш да го влечкаш куферот по земјата и да немаш место каде да го сместиш во шатор. Понеси средна големина на ранец, не ти треба ништо повеќе од тоа што го собира во еден ранец.

 

 

 

2. Облека

Се додека имаш чизми за дожд можеш да идеш и гол. Ок, го повлекувам ова, те молам не иди гол, ама исто така те молам да не забораваш добра опрема за дожд. Понеси добра рибарска чизма (колку повисока, толку подобра), јакна за дожд (кабаница), облека што лесно се суши и многу големи вреќи за ѓубре во кои ќе можеш да ставиш сè во случај да врне многу и да постои ризик да ти пробие дожд низ шатор. Друго од облека не заборавај да понесеш:

 

 

Тенка јакна за под онаа за дожд што ја собира во ранец

Размислувај во слоеви, понеси работи што може лесно да се облечат-соблечат и спакуваат во ранец ако не ти требаат.

 

Марама (или ќебенце)

Марама (или ќебенце) со која можеш да се покриеш и да седнеш на неа на трева додека уште не се собрала гужвата за headliner-от на денот. Треба да сочуваш колку е можно повеќе енергија – опушти се и седни си на трева.

 

Апостолки

Покрај чизми за дожд, подеднакво важни ти се апостолки (или нели, папуча по избор). Не сакаш ни да помислиш да отидеш во тоалет или под туш без апостолка.

 

Добри наочари и шешир/капа

Покрај млеко за сончање како заштита од сонце ќе ти требаат и добри наочари и шешир/капа.

 

Многу чорапи

Да, не заборавај и многу, многу чорапи. Ама многу. Прво, најверојатно ќе врне многу па ќе ти се намократ, а не треба мајка ти да ти каже дека лесно се настинува со мокри нозе. Второ, зашто ако шаторот ти е полн со бубачки, многу побезбедно ќе се осеќаш ако немаш гола кожа на тебе.

 

 

 

3. Козметика

Прво нешто на што треба да бидеш спремен е дека хоророт на фестивалско ВЦ би му предизвикало кошмари и на Hitchcock. Одржување на хигиена (и избегавање на инфекции) на фестивал е сериозно тешко. Затоа:

 

 

Туширај се рано сабајле

Под рано мислам 8, но не подоцна. Сè пред 8 е ок и најверојатно ќе има само неколку луѓе пред тебе. Јас бев на фестивал со 100.000 луѓе, па кога паметно станував рано за под туш се осеќав особено гордо. Друг трик ти е, ако си од оние храбрите, да се тушираш наутро во 4-5 по завршувањето на музиката.

 

Со себе понеси:

Пешкир што брзо се суши, многу (тоалетна) хартија, уште повеќе влажни марамчиња, шампон за суво миење на коса, 10-ина шишенца (се шалам, едно) средство за дезинфекција на раце после ВЦ, кондоми (нема кај да се купат на фестивал!), крема за сончање, спреј за против комарци и други бубачки, и девојки – тампони (верувајте ми, не сакате да ви снема тампон на сред фестивал!).

 

 

 

4. Алат (не, не штрафцигери)

На кампување се потврдува онаа добро познатата која вика дека – има два проблеми на светот: оние кои можат да се решат со салотејп и оние што не треба ни да пробаш да ги решаваш. Покрај салотејп со себе понеси:

 

 

Швајцарско ноже

Скриј го убаво некаде помеѓу облеки, најверојатно ќе ти го одземат на врата ако го напипаат во ранец. Ептен ќе ти се најде, ако ништо друго за отворање на вино.

 

Ламба за на глава

Ако не можеш да најдеш онаква „рударска“ што стои на чело, побарај некоја друга малецка батериска ламба. Супер ќе ти биде корисна кога ќе ти снема батерија на телефонот во 3 сабајле, а ќе треба да си го најдеш шаторот во морето зелени триаголници.

 

Екстерни батерии за мобилен

Никако, никако не иди на фестивал без екстерни батерии за мобилен (power banks). Да, во множина. Затоа што, се разбира, пристап до струја скоро и да ќе немаш, а ако се изгубиш од другарка ти подобро откажи се од барање. Затоа, понеси неколку полни екстерни батерии и одреди место на наоѓање во случај да се изгубите. На некои фестивали има соби за полнење телефон што се најтажното место на светот, верувај, ќе сакаш да ги избегнеш.

 

Zip-lock кеси

Ќе ги најдеш во DM или друг супермаркет и на неколку наврати ќе ти го спасат животот. Во нив можеш да го спакуваш телефонот кога врне дожд, нечистата облека која не сакаш да ти ја умириса чистата, пасошот и документите што не сакаш да ти наврнат и козметиката за кога идеш под туш. Се разбира, не сè ова во истата кеса.

 

Comments

comments