#RebornFoodPorn Фотографии: Елена Фиданска

 

Идејата на новиот циклус текстови е едноставна – пробуваме храна за да не мораш ти, и ти препорачуваме. Го отвораме серијалот со Кантина.

Да почнеме пополека и романтично. Во Кантина се заљубувавме безбедно и дозирано, малку по малку, ден по ден. Ќе те излажеме ако ти кажеме дека беше љубов на прв поглед. Да, прекрасно изгледа, што повеќе би сакал човек од бар? Одличен дизајн, супер локација, дури и стикерите на ВЦ-ата се феноменални (дефинитивно сме панда, никогаш носорог). Но, искусно и возрасно, не се затрескавме од еднаш, зашто не ни се веруваше дека еден бар може да биде поеднакво добар за џин-тоник во среда и бургери во четврток. Логично, таа наша љубов еднаш прерасна и во одличен евент.

Менито на Кантина е феноменално. Па би иделе до таму да речеме дека можеби е подобро и од џин тоникот. Прво, огромно е, има повеќе избор од многу мени-а што сме ги виделе досега во животот. И второ, дека нели не беше сè во квантитетот, што и да избереш од менито е прекрасно. Ни требаше време да го сфатиме ова. После долги месеци тестирање, конечно дојдовме до моментот кога ако не прашаш што да јадеш во Кантина, нема да ти кажеме „сè“ или „било што“. Сега имаме фаворити.

Една причина зошто тоа е супер е зашто повеќе не трошиме 15-20 минути во листање на мени-то и двоумење. Втора причина е зашто одлично одговара со нашата нова мисија – потрага по најдобрата храна во Скопје. Идејата ни е едноставна – пробуваме храна за да не мораш ти, и ти препорачуваме. Некако логично ни беше овој циклус на текстови да го започнеме со Кантина. Затоа, voilà, нашите омилени јадења.

 

 

Крем супа од брокула

Ако си нормален возрасен човек, со нормални димензии, а не Дона што денес 7 минути се трудеше да дофати тоалетна хартија во супермаркет и најверојатно ќе ја има на Youtube, тогаш супа ти е предјадење. А ништо не вика „зима“ како добар потаж, нели? Без разлика дали се декларираш себеси како фан на брокула или не (а најверојатно не), ти гарантираме дека ќе ти се допадне супата.

 

 

 

Салата La Satan

Пак, како супата, и салатата можеш да ја третираш како предјадење или главно јадење. Трикот, зошто La Satan е примамлива за широки целни групи е зашто (1) има сланина, а сите ние што држиме диети сме убедени дека салата е салата, дури и кога доаѓа со сланина, и (2) затоа што има кокос во неа, па звучи како логичен избор за другите нас што сме опседнати со кокос последниве три години.

 

 

 

Пилешко Качаторе

Спротивно на популарниот став дека со пилешко не можеш да утнеш – можеш. И имаме доволно причини и сочни сеќавања за да ја побиеме теоријата. Но сепак, признаваме, со пилешко Качаторе во Кантина – не можеш да утнеш. Не само што е неверојатно вкусно, туку и одлично изгледа – спремно за #rebornfoodporn на Инстаграм. А ако мислиш дека е случајност што две од нашите омилени јадења имаат сланина, се лажеш.

 

 

 

Кантина Бургер

На филмовите викаат „најдоброто за крај“. Ние сме доволно силни карактери само кога е во прашање напис и набројување, дефинитивно не јадење, зашто искрено многу често не ни помислуваме на супата од брокула или салатата La Satan – одиме директно на бургер. Нашето скромно мислење е дека бургерот во Кантина е од најдобрите бургери во Скопје моментално. Но бургер-потрагата никогаш не завршува.

 

Comments

comments