Секој кој ме познава добро го знае овој не-толку-популарен факт за мене: I ❤️ Kanye West.

Да, знам. Сељак е (понекогаш), егоманијак и Кардашиан. Свесен сум за сè. Ама и покрај тоа храбро изјавувам дека од денот кога го објави албумот Graduation (пред скоро 10 години, во 2007), сè до денес, опсесивно ја следам кариерата на Mr. West и континуирано сум инспириран од неговата креативност и развој во вистински модерен артист. Не сум заинтересиран за сите драми, заинтересиран сум за финалниот производ кој тој го создава. 

Израснав со рок и алтернатива – музика на бендови, базирана на инструменти – татко ми има неверојатна колекција на плочи, и сакал-нејќел, на 10 години го знаев текстот на „Smells Like Teen Spirit“ а на 11 отидов на првиот мој концерт (Архангел во Универзална сала). И така, никогаш не се навлеков на хип-хоп во мојата адолесценција. Уствари, не само што не се навлеков, туку сметав дека е празен и сиромашен.

За мене, Kanye го смени тоа. Ми ги отвори очите (ушите, поточно) кон поезијата, духовитоста, креативноста и потенцијалот на хип-хопот. Kanye беше мојата карта кон подлабок интерес и запознавање со хип-хоп како една субкултурата, движење и модерна уметност. Дефинитивно е музички посебен, па јас би рекол дека е и генијален (особено како продуцент). Ќе треба да пишувам реферат за темава, затоа најдобро ѕирнете го ова видео кое ќе ви објасни малце повеќе за уникатноста на неговиот талент и после тоа дојдете ми на кафе да го слушаме My Beautiful Dark Twisted Fantasy.

 

kanye

 

Долго време чекав да напишам нешто за него, ама се мачев да го препознаам вистинскиот повод за да можам да кажам нешто приватно и неповрзано со константното присуство на Kanye и неговите скандали по социјалните мрежи.

Оваа година е 5 годишнината од издавањето на Watch The Throne, албумот колаборација на Kanye и Јаy Z, кој според многу критичари е најдобрата рап колаборација на сите времиња. Налетав на напис на Genius кој го раскажува процесот на снимање на албумот, и тоа ме врати назад во времето кога (за прв и последен пат) го гледав Kanye во живо на концерт – пред точно 5 години.

Беше 30ти ноември (2011та година), околу 21.30 среда вечер, кога се обидував да се протнам низ sold out гужвата на United Center во Чикаго (градот од кој доаѓа Kanye, a во кој јас живеев во моментот). После отприлика 2 часа чекање (зашто Kanye и Jay доцнеа), конечно, светлата се изгасија. Двата цара на хип-хопот (а во тоа време можеби и на целата музичка индустрија) се издигнаа над публиката на огромни коцки поставени на спротивните страни од арената и го започнаа концертот кој траеше скоро 3 часа.

 

jay-z-kanye-west-watch-the-throne-tour-paris-1

 

Настапија со песни од Watch The Throne (WTT) а и со многу свои постари хитови. Но хајлајтот на вечерта беше крајот на концертот – на најбизарниот начин во Kanye-стил, тие го завршија својот настап со нивниот најголем хит од WTT, Niggas In Paris, кој го отсвиреа неколку пати еден по друг.

Нема зборови што можат да ја опишат реакцијата на публиката додека ова се случуваше. 20.000 фанови на Kanye и Jay Z го претворија United Center (каде Michael Jordan играл и каде Bulls сè уште играат) во ноќен клуб. И секој пат кога Niggas In Paris ќе завршеше, публиката се стивнуваше, не знаејќи дали навистина заврши концертот овој пат или сепак ќе ја слушнат песната уште еднаш. Ја свиреа 8 пати! Едно по друго! Беа неверојатни манијаци што си играат со публиката на таков начин. Ама публиката беше пресреќна!

Ова беше последниот доказ дека навистина беа цареви – успешно натераа 20.000 луѓе да дадат $80-100 (некои карти беа и по $300) да дојдат на концерт и да ја слушаат истата песна 8 пати. Кој друг би можел да го направи тоа?!

 

kanye-west-watch-the-throne-tour-313

 

Беше еден од најдобрите концерти на кои некогаш сум бил и можеби причината зашто ден-денес можам да ја изрецитирам Niggas In Paris и во сон – нешто на кое не можам да кажам дека сум премногу горд.

Ова прераснало во традиција на турата на Watch The Throne. Kanye и Jay Z секој концерт го завршувале со Niggas in Paris, достигнувајќи го рекордот на концертот во Париз, каде ја свиреле 12 пати.

Покрај турата за промоција на албумот, уште поинтересна/фасцинантна/уникатна работа за албумот е начинот на кој е снимен. WTT не е сниман во студио. Снимен е во неколку луксузни хотелски соби низ светот.

Снимањето започнало во 2010 во Лондон, за од таму да отиде во Австралија, па Париз, па Лос Анџелес. Најголемиот дел од албумот бил снимен во Нујорк каде Kanye го претворил хотелот Mercer во главното седиште на WTT. Тие букирале неколку соби, ја донеле целата потребна опрема и работеле деноноќно за да го завршат проектот. За целата приказна позади снимањето и коментарите на продуцентите, прочитај го написот на Genius.

 

Comments

comments