Ова е текст од новиот серијал во кој нашите другари кои отсекогаш се облекувале подобро од нас ќе ги споделуваат личностите заслужни за нивниот изострен осет за естетика и стил.

 

Пишува: Катја Штркова
Фотографии: Елена Фиданска

 

Стил е збор кој ретко го употребувам, од причина што е менлива слика, зависна од безброј влијанија, па затоа ќе се задржам за поимот „појава”.

Појавата е врзана со карактерот на една личност, со периодот, историјата, уметноста и ставот. „Стил“ ми звучи шаблонски, како сместено во рамки. Појавата од друга страна остава впечаток, ти дозволува да бидеш гласен и без да прозбориш, преку она што го носиш на тебе или во тебе.

Секогаш сум се водела според тоа како се чувствувам, едноставно сум била јас. Маж ми, моите родители, сестра ми, пријателите и дизајнерот Христина Деспотовска, се само дел од оние кои ми покажале што значи да зрачиш. Останатиот дел од мојата листа го сочинуваат јавни великани, кои не мора да значи дека направиле модна револуција, туку кои за мене ги претставуваат горенаведените поими. Секогаш е тешко кога треба да наброиш само неколку, но се обидов.

 

 

Brigitte Bardot

Кокетна, дива и сензуална. Нагласени облини, црнило на очи и препознатлива руса коса. Голотија во револуционерни времиња. Брижитка е божица, синоним за самоуверена жена. Здолништа и корсети, панталони со висок струк и тесни фустани дури и за дневна варијанта.

 

 

Audrey Hepburn

Не знам од каде да започнам, можеби со изјавата дека Audrey е „ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА“, да, така звучи најправилно. Класика во мал пакет, со глас што се слуша низ универзумот. Софистицирана магија што струи низ воздухот.

Најпознатиот нејзин изглед, во Breakfast at Tiffany’s и црниот Givenchy, според мене се само ситница од она што претставува појавата на Audrey Hepburn. Белата кошула во секаков облик, долга, кратка, широка или тесна, со/без ракави, едноставни кроеви, едноставни бои, црни панталони до глужд, црна припиена блуза и црни балетанки. Сите се овие лекции за женственост.

 

 

Shirley Maclaine

Ако некогаш се шишам кратко, ова е фризурата која ќе ја направам. Портокалова коса, порцелански бел тен, небесни очи, нагласени само со маскара. Едноставна, шармантна, хумористична, силна жена.

 

 

Jimi & Janis

Легенди што стојат заедно. Дуо на слободниот дух. Појави што го отсликуваат времето, движењето и музиката во нивна оригинална форма.

Додека кај останатите на листава важешe тоа дека – што помалку толку подобро, овде важи сосем спротивното – сè е премногу. Бои, дезени, измешани материјали, накит и разно разни додатоци. Jimi и Janis се безвременски и вредни за инспирација.

 

 

Comments

comments