Поттикнат од деновите на бојата, графити уметноста и бројните слогани кои само го збогатија општото анти-политичко шаренило кое го обзеде Скопје, се решив да ја споделам приказната за американскиот активист и графити легенда, господин Keith Haring.

Keith Haring беше и сè уште е еден од највлијателните визуелни артисти кои твореа во  20тиот век. Неговите слики и графити кои изгледаат како да се излезени од цртан филм, се круцијален дел од историјата на американската уметничка и поп култура.

„Мојот допринес кон светот е талентот кој го имам за цртање. Јас ќе цртам онолку колку можам, за што е можно повеќе луѓе до крајот на мојот живот.”

 

tumblr_ns3hlwZPXc1rlp58ho1_1280

 

Во 1980 година, Keith сè уште бил млад и надежен артист кој живеел и творел во Њујорк. За животот тогаш и своите почетоци изјавува:

„Еден ден, додека се возев во метрото забележав еден празен црн простор кој беше наменет за рекламирање. Веднаш ми дојде на ум дека ова е совршена локација за шкртање. Истрчав до првата специјализирана продавница за цртање, купив кутија полна со креди и се вратив во метрото. Почнав да го исполнувам празниот црн простор. Од тој момент сè повеќе и повеќе забележував слични црни празни места кои секогаш ги исполнував со некој цртеж. Луѓето беа тотално маѓепсани и фрапирани.”

 

 

Овие негови пориви и изливи на емоции, бунт и несогласување биле инспирирани од делата на Jean Dubuffet и William Burroughs, како и од креациите на Walt Disney и Dr. Seuss. Честопати дел од тематиката на неговите цртежи биле бебиња кои ползат, пирамиди, кучиња што лаат и летечки чинии.

Како што растела неговата популарност, Haring својата работа ја насочил кон grassroots активизам. За анти-нуклеарните протести во 1982 година, тој донирал 20.000 рачно изработени постери. Гласен бил и во борбата против расизмот – во 1985 година го креирал постерот, „Free South Africa”, слика од голема црна машка силуета со бела јамка околу вратот која гази мала бела машка силуета.

Ставот на Haring за уметноста бил дека таа не припаѓа само на привилегираните и луѓето со висок општествен статус, туку таа е универзална, безгранична и единствена.

 

8627732_fullsize

 

Цртал насекаде. Од метроа до јавни места и површини. Неговиот препознатлив симбол, Radiant Baby, се појавил на билборд на Times Square. Имал свој мурал на Берлинскиот ѕид. Честопати го вклучувал и граѓанскиот сектор во изработката на своите дела, па така по повод прославата на 100 годишнината од Статуата на слободата биле инволвирани 10.000 деца во изработката на банер.

Неговата желба за слобода на уметноста го води кон отворање на Pop Shop во 1986 година, продавница каде се продавале маички, постери и други ствари со негов потпис. Целиот ентериер бил исцртан во неговиот уникатен стил.

Во прилог издвоив пар интересни факти за Keith Haring кои само ја надополнуваат сликата за тоа за каква личност станува збор:

  • На 12 годишна возраст бил сериозно фасциниран од одредени членови од „Исусовото движење”
  • Во 1977 година финансирал патување низ Америка преку продавање на анти Richard Nixon маички
  • Првата самостојна изложба му била на 24 години во Њујорк
  • Andy Warhol бил неговата придружба на свадбата на Madonna
  • Во последните мигови од неговиот живот, последното нешто што го нацртал бил неговиот симбол – Radiant Baby.

 

Галерија

 

Comments

comments