На 18ти октомври тимот на Reborn зема слободен ден и вози за Солун.

Не, не зашто октомври е новиот месец на мега попусти во Солун (можеби е, можеби измислувам), туку затоа што октомври е неофицијалниот месец на пост-рок концерти – двe познати имиња во светот на пост-рокот, Explosions In The Sky и Tides From Nebula ќе настапуваат во Солун.

За жал ние нема да стигнеме за Explosions in The Sky, кои свират на 14ти октомври, но триеме прсти за нашиот омилен домашен пост-рок бенд, Khara од Куманово кои ќе бидат предгрупа на полските Tides From Nebula на 18ти октомври.

А пред тргање, паметно е да издвоиме 2 минути на прашањето што (можеби) ти кружи низ главата во моментов – „што по ѓаволите е пост-рок?“ (да, тоа беше најдобрата пцовка која ми текна). Во право си, при прва средба со изразот звучи неверојатно претенциозно, ново и хипстерски. Но тоа не е случајот.

Според Stereogum (еден од најдобрите светски музички портали), пост-рок датира од пред повеќе од 20 години, а некои за кумови на правецот ги именуваат Velvet Underground. Ако си слушал бендови од типот на Sigur Ros и Mogwai, тогаш веќе знаеш што е пост-рок.

 

khara-thessaloniki-2 copy

Khara

 

Но реално, секој обид да се дефинира жанрот е осуден на неуспех. Слично како и обидот да се дефинира било кој жанр. Не целиот пост-рок е инструментален, иако голем дел од него е, дел од пост-рокот позајмува од џезот, друг дел и од Led Zeppelin. Колку церебрална и да е музиката, на моменти потпаѓа под влијанието на панк-рокот: сака да почуствуваш нешто, интензивно, сега.

Седнавме со Филип Стојковски, гитаристот на Khara и го прашавме да ни објасни како го разбира пост-рокот. Ок, излажав. Седнавме со дечките од Khara, и ги прашавме многу работи (сите можеш да ги прочиташ овде), ама не ги прашавме за пост-рок. За среќа, некој од Бугарија, поискусен во спроведувањето на музички интервјуа го прашал тоа, па јас го „крадам“ одговорот и го копирам тука. Фала Цветан!

„Јас го разбирам на следниов начин – две гитари, бас, тапани. Или три гитари, бас и тапани. Ретко вокал, и една градација, бавна и долга градација на една мелодија, полна со емоции. А можеби само ние во групата така го разбираме. Многу луѓе ни се чудат зошто баш ние? Зошто баш пост-рок? Тоа го прават луѓе над 30 години, луѓе со искуство, не само во музиката туку и во животот. Сметам дека не е ова правилото, следењето баш на овој модел – кај нас сè се води од големата желба да се создава овој тип на музика.“

До сега ја сфати поентата. Може да продолжиме цел ден да зборуваме за ова. Стварно може. Ама ајде да се потпреме на златното правило на музиката — Музиката може најдобро да биде научена и разбрана преку… (drumroll)… слушање! Затоа оди и слушај пост-рок. Слушај го новиот албум на Khara. А додатно, ти ја препорачувам и оваа листа од 30 суштински пост-рок песни.

 

tfn-thessaloniki-1

Tides From Nebula

 

Ок, тоа одзема повеќе од 2 минути. Извини за дигресијата, може да преминеме на важната работа – идеме за Солун.

За оние кои не знаат кои се TFN (читај: Tides From Nebula), тоа е бенд чиј звук перфектно одговара на нивното име и презиме (небула = облак од меѓуѕвезден гас и прашина која делува како родно место на ѕвездите во вселената). TFN се познати по своите турнеи на кои ја делеле бината со бендови од рангот на: The Ocean Collective, Shining, After The Burial и многу други. А како гости се појавуваат на концерти на легендарните Deftones и Dream Theater.

За тие што не стигаат во Солун на 18ти, Khara ќе свират на 20ти во Атина заедно со WAλVES и Message in a Cloud.

 

Comments

comments