Кон концертот на Јаков Дренковски, 14 февруари 2017 година.

14ти февруари за некого е Свети Трифун, ден кога се крои лозјето и слави љубовта кон добрата капка. Слободна зона за мераклии, пијаници, но и зад’рти реакционери кои го „чуваат” православието од светскиот заговор. За други, овој датум е Свети Валентин – денот на вљубените, па купуваат плишани мечиња и срцевидни чоколадни бонбониери, во обидот да пикнат под тепих години семејно насилство и машки шовинизам. За нас обичните смртници и претставниците на културолошката работничка класа, само уште еден вторник исполнет со редовни работни обврски.

Но вечерта ги наградува оние кои денот ќе го минат одговорно. Јас обично моите денови ги минувам во Младинскиот Културен Центар, посветено музицирајќи во моето студио и трчајќи наоколу по мал милион обврски. Празничното чувство доаѓа тек околу 20:00 часот, за кога е најавен почетокот на концертот на сега веќе легендарниот македонски кант автор, господинот Јаков Дренковски.

Но најпрво се шмугнувам во галеријата МКЦ, каде има отворање на нова изложба на најголемиот мајстор на македонската современа уметност, сега веќе длабоко контроверзна и искомпромитирана личност, господинот Александар Станкоски.

Некогашната хистерична гужва од идолопоклоништво на неговите изложби, денес е рандом прошетка на галерија сомнителни ликови и по некој фан, или критичар на уметноста. Некаде помеѓу новите платна кои зрачат само-казнувачка вибрација, виси неговото дело (сопственост на МКЦ) „Уметникот го растргнуваат медиокритети” од 1979 година и меѓу другото, сведочи за неговата децениска присутност во оваа куќа на културата.

 

 

Оставајќи ја критиката на критичарите, длабок наклон кон мојот идол од младоста маестро Станкоски и правец концерт.

Во преполното кино Фросина атмосферата е веќе сериозно раздвижена.

Господинот Дренковски е придружен од највозрасниот бенд на светот, веднаш по The Rolling Stones. Тоа се стари волци, кои ја кроеле скопската аудио историја во ’70 и 80’ години од минатиот век, свирејќи во тогашните бендови, кои со отворено срце го загревале скопскиот модернистички бетон и асфалт. Самиот Дренковски евоцира дека неговиот прв настап бил на истово ова место, пред 40 години, со неговиот бенд Чуден Крој.

Длабока возбуда и морници ме обземаат при помислата колку историја, но и колку сегашност се преплетуваат во оваа иста куќа (МКЦ) која ни дава кров на сите нам будали кои сме се фатиле за гитара и кист, наместо за пушка и политика.

Одеднаш, како никогаш досега, фантастично прозвучува „Миднајт Каубој”, евергрин кој е предмет на потсмев на генерации скопски копиљаци, а мене топло на душата. Одеднаш откривам дека всушност сум имал и душа!!! Неверојатно.

 

 

Песните се редат, а јас се чувствувам како да патувам со временска машина, лебдејќи во топлината и сигурноста, кои уникатно ги чувствував во моето детство на преминот од ’70 во 80’, слушајќи ја истата оваа музика на Радио Скопје 1.

Солзите почнуваат да се тркалаат на крајот на концертот со бравурозната изведба на „Скитник”, која буквално залепена за врелиот скопски ноќен воздух, чека да ви го искрши срцето на милион парчиња, за никогаш повеќе да не си со составите како треба. Јаков Дренковски пее од срце и тоа се гледа од авион. Бендот составен од вистински пријатели е негов верен придружник, а публиката (главно повозрасни од мене) е возбудена, на нозе, ту се смее, ту се расплакува. Ова е можеби најоправданата експлозија на носталгија која сум ја доживеал со години. Многу сум среќен.

Професорот по историја на уметност, почитуваниот господин Небојша Вилиќ, во неговиот критички осврт кон изложбата на Ацо Станкоски, напиша дека оваа вечер, 14ти февруар 2017та, во Младинскиот Културен Центар, очекувал младите барем да протестираат против настаните каде „старците” Дренковски и Станкоски имаат централно место.

 

 

Јас пак сметам дека младите требаше да дојдат и да го апсорбираат вајбот на овие двајца возрасни резонатори на култура, од причина што тие се не само историја, туку и сегашност на нашава-шашава, но возбудлива локална сцена.

За да се креира современа, мора посветено да се биде на пулсот на историската душа на градот. За жал младите изостанаа оваа прекрасна вечер, но исклучиво на сопствена штета.

И ќе го додадам следново: Можеби утре Македонија ќе стане успешна демократија и просперитетна земја, а можеби и ќе ја снема. Сосем сеедно. Ние е понатаму ќе трчаме горе-долу по просториите на МКЦ Скопје, ќе музицираме, сликаме, снимаме филмови/видеа, ќе организираме настани. Тоа е кровот, тоа е куќата, а вие како милувате.

 

Comments

comments