Од 23 до 27 април, во 5 средни училишта од Скопје, ќе се оддржи второто издание на Конект Фестивал, првиот македонски средношколски фестивал.

Конект Фестивал, во организација на средношколци од четири средни училишта („Никола Карев”, „Орце Николов”, „Јосип Броз Тито” и „Георги Димитров”), на кои од оваа година им се приклучуваат и средношколците од „Раде Јовчевски Корчагин“, е фестивал кој има за цел да ги мотивира и интегрира сите средношколци да учествуваат во настани надвор од училишните активности.

Второто издание на Конект Фестивал својот старт ќе го има во гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде натпреварувачи од повеќе училишта ќе се натпреваруваат во таканаречениот „Skateboard challenge”. На вториот настан, кој ќе се случи во гимназијата „Орце Николов“, учесниците ќе можат да научат да цртаат и купат „Doodle Art“ од професионалци, а воедно ќе можат и рачно да си ги обноват или декорираат своите стари патики и велосипеди, преку креативни работилници.

 

 

Едукативниот, трет настан, ќе се оддржи во „Раде Ј. Корчагин“, каде ќе можете да ги слушнете животните приказни на неколку наши успешни и познати луѓе кои во улога на говорници ќе се обидат да им ги пренесат своите професионални успеси и падови на средношколците. Четвртиот настан ќе се случи во средното училиште „Георги Димитров“ и ќе имате шанса да се испробате во друштвени игри (карти, табла, шах, монополи, ризик итн), а притоа ќе се оддржи и натпревар во Фифа 18 на Сони Плејстејшн 4.

Последниот фестивалски настан на Конект ќе се случи во средното училиште „Никола Карев“ каде учесниците во временска рамка од 5-10 минути ќе учествуваат во рандеву или брзо запознавање/speed dating.

Конект Фестивал ќе биде затворен со музички настан на Школка во Градски Парк.

За подетални информации околу изведувачите следете ги новостите на Facebook страната на Конект Фестивал.

 

Comments

comments