Оваа сабота (03.03.2018), помеѓу 15.00 и 18.00 часот, во кафе барот Кашмир во Скопје ќе се одржи првиот пивски салон на домашни занаетчиски (крафт) пива во Македонија.

Посетителите на првиот Пивски Салон во Скопје ќе имаат шанса да се запознаат со дел од активните придонесувачи на домашната пивска сцена и да пробаат од пивата кои тие ги произведуваат во домашни услови, а кои се достапни во ограничени количини и вообичаено само за сопствени потреби.

„Homebrewing“ подразбира производство на пиво во домашни услови пред се за лична употреба и во некомерцијални цели. На овој начин пивото се произведувало уште во старите времиња и народи пред 9000 години пред да влезе и во комерцијалната продажба.

 

 

На настанот ќе може да ги пробате пивата на производители од Грција, Србија, Естонија, Велес, Куманово, Битола и Скопје, кои ќе допринесат за поголема афирмација на пивската сцена во Македонија.

Настанот е во организација на порталот sakampivo.mk кој се грижи за промоција на пивото и пивската култура во Македонија, а подржан од конвивиумот Slow Food Vodno (огранок од мрежата Slow Food Macedonia), која се грижи за зачувување на традиционалните вредности и гастрономски начини.

Идејата за ваков настан доаѓа пред сè како логичен резултат на настаните кои се случуваат на регионалната пивска сцена, која е во енормна експанзија. До пред неколку години можеа да се избројат само неколку занаетчиски микропиварници, за да денес оваа бројка речиси секојдневно расте.

Освен пивската дегустација, на првиот пивски салон ќе има дегустација на традиционална домашна кујна, продажба на рачни дизајнирани маици со пивски апликации изработени од модната дизајнерка Мелани Дигит, изложба на креации со пивски тапи изработени од модната дизајнерка на накит и облека Александра Велјановска, како и изложба на првата домашно-изработена дрвена кригла за пиво.

Влез: Партиципација од 200 денари, со што добивате чаша на врата со можност за дегустација на сите изложени пива. Доколку сакаш да се напиеш цело шише, постои можност да го купиш, секако во договор со сопственикот на пивото.

 

Comments

comments