Токму во епицентарот на најголемото светско техно лудило, во 1997, бев на еден фестивал во Англија. Се викаше Tribal Gathering.

Фестивалот траеше 24 часа и претставуваше вистинско собиралиште за глобалното техно племе во тој миг од историјата. Адекватно за религиозен настан од врвен ранг, беше собрана најдобрата постава електронски бендови и диск џокеи на сите времиња. Се најдов просто растргнат помеѓу желбите, потребите и физичките можности да се биде на 2, 3 или 4 места во исто време, што во тие денови и не беше сосем невозможно.

Живо се сеќавам на мојот прв out of body experience, кој го доживеав за време на концертот на моите омилени Orbital, тогаш на врвот на нивната креативна моќ. Лебдејќи на дваесетина метри над местото на ритуалот/концертот, се видов себе си како танцувам со затворени очи, бранувајќи се со толпата добронамерници, во морето од љубов и ултрамодерни битови.

Во тие волшебни 24 часа успеав уште да ги погледнам/послушам и Gus Gus, Fluke, Way Out West, Carl Cox, Empirion, Republica… И покрај моите натприридни способности, сепак не успеав да ги посведочам Daft Punk, Two Lone Swordsman, Faithless, Plastikman, Laurent Garnier, Sven Vath, Paul Oakenfold, John Peel, AUX88, Jeff Mills… ма страшно!!!

Сепак, за мене, но и за сите посетители и артисти на тој gathering, главна атракција беше концертниот настап на Kraftwerk, прв по 17 годишна пауза. Уште кога беа најавени неколку месеци порано, настанот доби сериозен историски значај, всушност една воздушеста аура на некоја прозрачна светост и секако сигурен знак дека мора да се тргне на тој аџилак.

 

 

Дали поради влажната измаглица на англискиот country side, или можеби од пријатниот buzz на свежо екстази; дали беше масовна халуцинација, или навистина атмосферата се капеше во густа свеченост и возбуда поради настапот на боговите на електронската музика и современиот начин на живот.

За време на концертот на Kraftwerk, артистите од Детроитскиот стејџ решија да го затворат шаторот и сите да одат да ги проследат токму нив. На само пола метар од мене (види фото подоле) стоеше Plastikman и ги снимаше со камера. На самиот почеток се појави една проекција на глава која ни соопшти колку радиоактивен материјал годишно во воздухот испуштаат незгодните Sellafield и Hаrrisburg.

Потоа, како во некој неверојатен сон во кој нит веруваш дека го сонуваш, нит си свесен дека ти се случува, тргна она премногу добро познато: Чернобил… Стоев како скаменет и единствено нешто кое ми пројде низ глава беше да ги отпоздравам со војнички/партизански поздрав, она раката на главата, буквално како да сум го видел другарот Тито и морам да реагирам некако. Ма што да ви раскажувам дами и господо… Шок, хистерија, екстаза…

Но да не забегуваме премногу драги мои. Да ги оставиме тие прекрасни, ооо… прекрасни 90-ти таму назад во топлината на мемоарите и да се освестиме во нашата актуелна реалност.

Еј, па и не е така лошо, нели? Ете ги Kraftwerk, боговите на електронската музика, луѓето кои ја поставија формата на современиот начин на тик-так-тик-так постоење, настапуваат во Скопје. Не е ни прв пат, беа тука и во 2005 и оставија длабок траг во меморијата на Македонците прегладнети за врвна музика и естетика.

 

Plastikman ги снима Kraftwerk на Tribal Gathering, 1997 (Фото: Димитар Блажевски)

 

Не случајно, оваа пакосно-иновативна музичка трупа од Дизелдорф ужива тукуречи божествен статус во целиот свет. Kraftwerk се глобално најуспешните и највлијателни од онаа повоена генерација германски уметници, кои сфаќајќи ја тежината на злосторствата кои нивните родители ги направија во втората светска војна, сосем свесно се зафатија со проектирање на сосем нова германска култура.

Храбра, позитивна, креативна, ослободена од стегите на минатото и строгите карактеристики на националното и во дослух со најпрогресивните глобални тенденции на своето време. Krautrock најпрво беше музички стил, па прерасна во движење и конечно трансцендираше во начин на размислување на ниво на медитација.

Од психоделијата на 60-тите и иновативниот транс на 70-тите, преку оригиналните експерименти со електронски машини кои произведуваат звук, Kraftwerk испливаа со неверојатно едноставно, потентно и креативно сонично решение. Во втората половина на 70тите тие веќе звучат како што цел свет ќе звучи 10, 15, 20 години потоа. Можеби изгледаа шашаво кога пееа љубовна песна за радиоактивноста, или кога ги воспеваа компјутерите, денес веќе природна екстензија на човековото битие.

Можеби за некого беа четири ексцентрични Германци во 1979, но денес веќе никој не се смее. Директно влијателни врз луѓе како Bowie, Brian Eno, Africa Bambataa, Hip-Hop, New Wave, Electro, Hause, Techno, Trance и сите видови и подвидови музички и животни стилови кои можете да ги наброите. Овие 4 фанки момчиња од Германија направија машините да точат слатки слатки мелодии, кои се слушаат и пуштаат со децении без воопшто да изгубат од првобитниот шарм, интригантност и cool.

Kraftwerk се и понатау модерни, цитирани, крадени, преработувани, обожувани, следени. Kraftwerk се современа мудрост, која без никаква пречка се пренесува од генерација во генерација. Масивно субстанцијални и секогаш свежи за да го задржат вниманието и почитта кај сениорите, а сè уште модерни и ultra-cool за да ги привлечат најмладите љубители на сериозните културни текови.

 

 

Некако смирувачки делува фактот дека Скопје, во последниве две децении успеа да стане речиси редовна попатна станица за сите порелевантни светски музички имиња. Тоа јасно зборува за растот на апетитите, амбициите и потребите на неговите граѓани, но и агилноста и културниот напредок на оние кои од уметничко-претприемачки причини се грижат да понудата поприми една фина нагорна линија. Kraftwerk се повторно во Скопје. Ете ве и вас, прекрасно заробени во овој ружен град, преполн џебови кои вријат со отпор кон простотилакот, подгреан и сервиран од “водачите на нациите”, а спроведуван од нивните субвенционирани квази елити и секако простата маса. Вистински е миг, гордо да го прошетате вашето убаво лице на концерт, да ги истретирате вашите напатени уши со звукот на цивилизацијата во прогрес. Вашите сетила ќе ви бидат благодарни, а боговите ќе продолжат да гледаат на вас со благи очи и нежно срце.

 

Comments

comments