Месец јануари како погоден за реминисценција во секоја смисла и во секој животен контекст. Тој период од годината секогаш љубиме да се навраќаме на она што поминало, на оние коишто „ни поминале“, на оние кои оставиле само трага и оние кои останале тука и за во Новата.

Она што ја одбележа Старата, во театарска смисла, беше огромниот успех на поставката на „Мајсторот и Маргарита“. Љубителите на симболиката, надреализмот, сатирата на општественото живеење, знаат дека Булгаков е најдобрата ознака за она што (ни) се случува.

За реминисценција, во онаа или онаа смисла, секогаш препорачуваме некого од руските класици. Овојпат Михаил Булгаков, лично, во „Кучешко срце“. Оттаму и поривот да се зборува токму за него баш сега.

михаил

Синопсис

Едно куче – скитник (симболично за слободоумник – без околувратник) барајќи колбас за да се прехрани, дури и премногу остроумно за да ги забележува нештата околу себе и знае за дактилографката која трча на работа во чорапите од љубовникот и во гаќички од тантела, дури знае да ги чита денотативните и конотативните симболи на „месо, месарница“, целиот очаен во болка бидејќи умира, го наоѓа еден познат доктор во Москва кој ќе му изврши операција на тестисите и хипофизата. Едноставно ќе му ги замени со човечки, кои му припаѓале на млад 27 годишен пијаница, демократ по убедувањата, лумпен-пролетер во размислувањата, достоен репрезент на слободарскиот дух во време на пролетеријатот во Русија. Она што ќе произлезе од кучето Шарко е слично на Франкештајн, но во пролетерска смисла. Лекарската етика не се доведува во прашање кога треба да победи разумното наспроти фантазмагоричното. Хипофизата, кучешка, е вратена на место на крајот од наративот, со цел да се победи неразумието, не само во индивидуална смисла, туку и во колективната свест на сите ликови. Па и на Читателот, ако веќе сакате. Но, срцето останува кучешко. Силно, храбро, индивидуализирано, до крај.

Нешто малку компаративна анализа

Колку и да звучи необично, несекојдневно, а сепак и не е до толку, романот започнува со вокативен апел за помош, очај од кучето, од кучешки аспект, заради неговите изгореници од жешката вода со која е полиено од страна на вработен во Централен совет за народно стопанствo. „Каков скот – а ваму пролетер! Господе боже, колку боли“. Тоа е воведната и основната тематика на целото дејствие. Не боли системот, колку што болат постапките на оние што го водат, или следат слепо системот.

И сé уште се чудам дали наративот на Булгаков се однесуваше на кучешкиот или скапаниот човечки дух во такви квази-пролетерски услови, ама во денешно време: „Ве удирале ли со чизма? Да. Сте добиле ли тула по ребрата? И тоа е многупати пробано. Сé сум испробал, се помирувам со својата судбина, и ако сега плачам – тоа го правам поради физичката болка и студенилото, поради тоа што мојот дух уште не потклекнал… Витален е кучешкиот дух.“ Ама до кога? – прашувам јас, првенствено како Читател, второ како Граѓанин на едно општество, коешто себеси се отсликува дека е демократско само во одредени медиумски контексти и се загубило во преводот на одредени квази новинари.

Книгата во голема мера заинтригирува со постапката на нараторот да ни го долови кучешкиот аспект на нештата, на животот воопшто. Не осудувајќи се да си признаеме отпрвин, секако веќе запаѓаме во длабок порив понатаму во текстот, да се преиспитаме и сами себе кога последен пат сме удриле некое куче на патот, онака крвнички или се однесувал некој кон нас „како куче“, индивудално, или во општествени и културолошки рамки.

„Што е всушност слободата?“ се прашува кучето кое веќе господски живее во станот на докторот, без да насети што му се спрема. „Не, каде би отишол, нема да излезеш во никаква слобода оттука, зошто да се лажам, квичеше тој. Јас сум господски пес, интелигентно суштество, го искусив најубавиот живот. Што е всушност слободата? Чад, фатаморгана, фикција. Дрдорење на огорчените демократи…“ Сосема лесно ја предава сопствената слобода кога се во прашање загарантирани колбаси од утро до вечер. Нешто познато Ви звучи?

Книгата сосема ве тера на рендгенографија на општите секојдневни случувања околу вас, иако се однесува на настани за време на дваесеттите години на XX век.

Очите гледаат, но не можат да видат што точно се случува, сé додека визуелно не се прикаже сцената на хируршката интервенција на замена на тестисите и хипофизата. Оттука Ви надоаѓа и оживувањето на народната: „А бе чип ли имаат во мозок? Како оперирани ли се?“ И не за џабе се заменети репрезентите: силата и моќта, во политичка смисла, а и Фројдовски, лежи токму во машкиот полов орган. „Хипофизата, пак, е затворена камера која конкретно го определува човечкиот карактер…Науката уште не знае да ги претвори ѕверовите во луѓе“, вели Булгаков. Ама затоа системот убаво знае да ги претвори луѓето во ѕверови.

Моментот кога ќе ја прочитате книгата, (може да се најде во издание на „Ѓурѓа“) љубителите на филмот ќе ја побараат екранизацијата, која е најдобро направена во руска изворна варијанта со титл на англиски јазик. Незаменливо е чувството да се гледа филмот по прочитаната книга. Се менуваат аспектите, се менуваат вашите внатрешни фокални точки. Кучето станува дел од Вас и Вие од него, во многу поголема мера. Ние Ви ја препорачуваме оваа филмска екранизација (линк до првата епизода, на следните самите ќе се навлечете)

Во превод на наши услови: веќе сум сигурна дека кучето Борко кое одеше на протести, има педигре од Шарко – кучето во романот на Булгаков, и тоа во времето кога бил со човечка хипофиза…или не, не, уште подобро, кога Шарко сакајќи да избега од станот на докторот Преображенски (колку ли симболика во именувањето на ликот) ја сретнал прабабата на нашиот револуционер – пролетер Борко и така по долг и незаборавен акт на спојување на гените, се родил таткото на Борко, кој па имигрирал во СФРЈ во подоцнежните години. Има нешто пусто човечко во кучето Борко, зарем не Ви се чинеше така?!

И за крај, можеби ќе звучи националистички, патриотски, пензионерски и клише, ама врежано е од колективната свест и мораше да исплива на површина, и не за друго, туку оти Булгаков и Рацин се современици:

…ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други туѓи имоти.

Песна „Денови“ (Напишано: 1939)
Извор: Кочо Рацин „Поетски творби“, „Македонска книга“ (Скопје) 1991.

 

Comments

comments