Кога ќе се присетам на емисиите кои хараа по домашниот ТВ етер, дури некако ми доаѓа да насоберам солзи под очи па да лажам дека е алергија. Каде се „Twisted City”, „99 Акција”, „Бушава Азбука” и ред други каубојци од македонската тв сцена?

Многу ми е жал штo нашите ТВ продукции сè повеќе се заинтересирани за политички дебатни емисии, а оние културните бледеат некаде во позадина. Зашто е тоа така – немам одговор, ќе треба да ги прашаме. Овие беа емисиите кои на еден начин дури ми го модификуваа карактерот и начинот на размислување, беа дел од моето детство и од адолесцентниот „заебан” период.

Се работеше за емисии кои поседуваа квалитет и моќ за да ти го задржат вниманието. Без нив е како да одиш во основно ама без петто, шесто и седмо одделение, освен ако не мислите дека денешниот ТВ репертоар е достојна замена?!?!

 

Twisted City

Во тоа време емисијава ми беше малку „шпанско село”, но од денешен аспект дефинитивно е фантастична. Кратко сиже – се работи за ТВ емисија со времетраење од 30 мин, која се занимаваше со теми од електронската музика, и тоа ги опфаќаше сите поджанрови на овој тип. Во емисијата нема кој нема гостувано: Од The Killers, Franz Ferdinand па се до Massive Attack, The Prodigy и Moby.

ТВ: Телма

Почеток на прикажување: 1999

Водител: Марија Атанасовска

 

 

99 Акција (Action)

На оваа емисија и тоа како ми текнува. Мартин, Миа и Билјана во тоа време ми беа ултра-забавни и многу се радував на нивното појавување. Морам да признаам беа доста харизматични и опуштени во тоа време, со оглед на фактот дека на пр. Миа имаше само 14 години, Билјана 21, а Мартин не успеав да најдам, но сигурно не повеќе од 21 година. Се работеше за емисија која имаше за цел да нè расположи (памтам имаше јаки фори за тоа време), а воедно се занимаваше и со животите на нашите естрадни личности. Но тоа беше така симпатично склопено да не делува кич и досадно во соодветната временска рамка од 30-40 минути.

ТВ: Сител

Почеток на прикажување: 2000

Водители: Билјана, Миа и Мартин

 

 

Дајте Музика

Дојдовме до катчето каде стојат легендите. Емисија која искрено ја фатив при крајот, но овде се работеше за ТВ програма на која работеше сериозен тим од луѓе. Како што би рекле постарите, улиците се празнеа за време на „Дајте музика”. Емисија која нема свој наследник и тоа е многу жалосно. Иако сижето им е познато на повеќето од вас, се работеше за забавна детска емисија, преполна со песнички, игра, детска среќа и безгрижност. Сара Чепишевска, Филип Кипровски, Трајче Црвенов и Ристо Самарџиев беа само дел од проектов за кој со две раце би потпишал да стане дел од националното ТВ богатство на Македонија.

ТВ: МРТВ

Почеток на прикажување: 1993

 

 

Бушава Азбука

Додека сум во холот на славните, ќе морам да се задржам кај ова ремек дело. Не познавам еден човек од државава кој не слушнал за „Бушава Азбука”. Мајкл Џордан од македонските ТВ емисии. Антологиска и од непроценливо значење. Јас сè уште не сум сретнал погенијален начин како да научиш дете да пишува и чита преку ТВ медиум. 31 епизода (колку што има букви) создадени од македонскиот креативен дрим-тим: драмскиот писател Горан Стефановски, режисерот Слободан Унковски, карикатуристот Душан Петричиќ, а со музика од легендарните „Леб и сол“ и пејачката со глас на славеј – Ана Костовска. За екипата на актери нема потреба да зборувам. Сите кои нешто значат и се дел од историјата на македонското актерство беа таму. Пријатна информација е тоа што во последниве години ги дигитализираа епизодите и се достапни на YouTube.

ТВ: МРТВ

Почеток на прикажување: 1985

 

 

Дај Побрзај

Емисииште. Мислам дека нема потреба да објаснувам за што се работи, сите знаете. Но поради целосна информираност, во кратки црти се работеше за трчање и возење низ Скопје, два автомобила, двајца случајни патници (собрани од улица) и кој прв ќе стигне до аеродром добива патување (по пат мора да се исполнат некои задачи). Според мене јадрото на емисијата беше водителот Марко Новески, а голем допринос имаа и згодните  водителки. Дечкото е генијален за пред камера. Но браво и за идејата и реализацијата на продукциската куќа Томато. Огромно разочарување за мене е згаснувањето на оваа емисија.

ТВ: А1

Почеток на прикажување: 2005 (но не сум сигурен, поради недостаток на информации)

Водители: Марко и девојките

 

 

Грајфер

Емисија која ги обработуваше темите од филмската (Холивуд) индустрија и чат-пат некои приватни, сочни детали од животот на светските познати личности. Сите интересни филмови ги запишував на ливче, за да потоа ги изнајмам во видеотеките XXX или Екс Алек. Сепак имам забелешка околу изборот на водителот (чудна гласовна интонација), но си ја знаеше работата дечкото.

 

Можеби споредбата не е целосно соодветна, но генијална емисија која обработува слична тематика, а која сè уште постои (затоа не се наоѓа на листата) и инсистираме да најдеме начин да ја спомнеме е Филмополис на Телма. Скидам капа.

ТВ: Сител

Почеток на прикажување: пред 2006 100 % 🙂

Водители: Игор Мурговски

 

Comments

comments