Оваа сабота (24 ноември), со почеток во 22 часот, ќе имаме одлична можност да присуствуваме на уште еден несекојдневно квалитетен собир на Longbus журките во клубот Минус Еден.

Во сабота, вечерта ќе ја отвори едно жешко скопско име – Soul Case, со неговиот широк распон на музички светови кои беспрекорно ги бира и комбинира, а после него ќе слушаме сет на нашето скриено, или сега веќе помалку скриено благо – Herzel кој овој пат е особено инспириран да ја загрее вечерта пред настапот на единствената Lakuti.

Lakuti или Lerato Khathi е артистка/диџејка која моментално живее и работи во Берлин, а доаѓа од Совето, Јужна Африка. Таа е сериозна двигателка на електро сцените во повеќе градови скоро-веќе-па 30 години. Препознатлива е по својот уникатен Чикаго хаус/џез/соул звук кој совршено се комбинира со африканскиот бит. Горда сопственичка е на незаборавни вечери во Панорама Бар/Берхаин, каде често знае да изврти б2б сет со нејзината партнерка Tama Sumo која ден пред тоа, во петок настапува во клубот Епицентар.

Пред да се впуштиме во електро викенд авантура со Lakuti разменивме неколку прашања и одговори, очекувања, мислења и смајлиња, за подобро да се запознаеме со жената која очекуваме да остави серозен белег викендов. Запознајте ја Lakuti, прочитајте колку супер гостинка доаѓа со специјална селекција на музика за нас во сабота!  

Карти во претпродажба во кафе баровите Breakfast Club Skopje и Кино Карпош по цена од 450 денари и на врата 600 денари.

 

 

Драга Лакути, имаш далеку дотуркано за 30 години кариера, каква чест е да те имаме во овој момент. Дали овој јубилеј влијае некако на твојот сет деновиве? Дали копаш повеќе по сопствената колекција на музика, бараш пресвртници, или можеби реферираш на моменти во времето и музиката?

Супер е што доаѓам во Скопје, баш сум возбудена што ќе можам да ги запознаам луѓето и да уживам во ноќниот живот. Мислам дека живееме во супер момент кога станува збор за музиката, зошто таа е многу подостапна сега од било кога. Јас пораснав во ера во која се славеше музика наместо некој жанр. Супер ми е што можам да пуштам африканска песна веднаш после некоја диско ствар, техно, хаус и над тоа.

 

Совето и Скопје се слични по бројот на население (демографски сосема различни), но многу повеќе по маргиналната и сиромашна позиција што ја имаат во поголемиот контекст. Без непотребни споредби, што си велиш себе си кога одиш на некои места, се враќаш од некои, па дури и кога ги гледаш местата во кои си живеела? Дали сме сите поврзани, како што најоптимистичните од нас сѐ уште веруваат?

Мислам дека сме во критичен момент од историјата кога едноставно мораме да се здружиме како луѓе и да ги нагласиме работите кои ни се заеднички. Треба вистински да научиме едни за други, а и да научиме да извршуваме едноставни задачи, како слушање на што има да каже соговорникот. Секогаш се трудам и одам со отворен ум во секое место на кое сум поканета и имам среќа да кажам дека на голем дел од местата каде сум пуштала музика сум наишла на млади луѓе кои се отворени и сакаат да дознаат повеќе за работите надвор од она што веќе го знаат. Интернетот на многу начини овозможи да се поврземе преку музиката и воопшто преку уметноста.

Овие музички врски се супер почеток од аспект на кршење на бариерите, но уште имам чувство дека треба да направиме многу повеќе околу музичката култура за навистина да градиме мостови и да се осигураме дека имаме фер и отворена музичка заедница, заедница која ги слави жените исто колку што ги слави мажите, ЛГБТИК заедницата, луѓе со боја на кожата (небели луѓе, н.з.), и листата продолжува.

 

Глобалните политички и финансиски превирања како и технолошкиот напредок нѐ променија како луѓе. Како/каде го гледаш нивниот импакт на нашата култура – на журки, собиранки, слобода и играње; но и агенти, хонорари, сопственици на клубови, спонзори и рекетари? Како ти се оформиле твоите преференци, социјални кругови, па дури и музички настапи, под влијание на овие макро и микро настани?

Мислам дека технологијата и нејзиниот брз прогрес е само позитивна ствар и нешто на што треба да се радуваме. Преку технологијата и интернетот сега имаме пристап до толку многу музика која не ни била на располагање во минатото. Но, со работите кои стануваат сѐ поголеми, доколку немаме контрола над нив, често можеме да го изгубиме од вид она што е важно.

Јас силно верувам дека ние сѐ уште можеме да заработуваме за живот од она што го сакаме, а сепак да го правиме тоа на начин кој ги воздигнува луѓето, спиритуално и ментално. Ние, исто така, работиме со разно-разни форми на уметност. Музиката е уметност, а уметноста е живот. И затоа како таква, ние сме должни да ја третираме со должно внимание и почит.

 

 

Кој е твојот став за авторски права, пиратство, платформи за стриминг…? Доаѓаш во место во кое владее пиратство, и иако диџеи, продуценти и публика купуваат/продаваат музика, сите генерално зависат од пиратски даунлоуди, и тоа не само на музика. Како со вашиот лејбл ги адресирате овие работи?

Силно верувам дека сите можаат да имаат корист од имање пристап до музика и воопшто, уметност. Со мојот лејбл Uzuri, ги правиме достапни изданијата дигитално, како и на винил и често ме натажува онаа дискусија винил наспроти дигитал, бидејќи мојот став е дека музиката е пораката, а не медиумот, па зошто да не биде овозможен отворен и слободен музички пристап за сите?

Сепак, мислам и дека треба да плаќаме за работите ако сакаме да ги одржиме, инаку ќе останеме со ништо на крајот. Ако треба да жртвувате едно-две пива за да им помогнете на артистите кои ги почитувате, со тоа што ќе платите за делото/изведбата, тогаш јас би рекла дека тоа е разумна жртва.

 

Доаѓаш во свежа пост-хетеро-националистичка земја со силна модерна традиција во клубска култура, инцидентални фасцинантни квир истории, генерално сиромашна, но желна за слобода и играње. Што носиш ти?

Јас доаѓам со отворено срце, а најважно доаѓам на исто ниво со секој во просторијата. Важно ми е да сме на еднакво рамниште затоа што само така чувствувам дека музиката не е залудно потрошена во некои его филмови, туку восприемена јасно и гласно.

 

Да премотаме напред, до твојот живот и музика сега – бизи викенд во Скопје, што уште имаш во план за до крај на 2018 година? Дали правиш прегледи, евалуации, долгорочни планови? Како го гледаш (твојот) светот следнава година? Животот во Европа ветува дека ќе продложи да биде турбулентен…

Доаѓаат уште многу добри журки во остатокот од годинава. Многу градови за посетување: Наполи, Тбилиси, Лондон, Милано, Хелсинки, Дизелдорф и на домашен терен во Берлин, во една семејно-божиќна афера во Панорама бар. Се чувствувам многу понизно.

Екстремно сум загрижена за правецот во кој светот се движи. Омразата никогаш не донела добро никому и само се надевам дека ќе излеземе од овој мрачен период релативно неповредени. Мојот единствен одговор на омраза е да донесам уште повеќе љубов со тоа што го правам, без разлика дали на персонално или професионално ниво.

 

 

Што се случува во твоите вечери во Панорама бар/Берхаин? Тие подиуми станаа своевидно верско место за многу клабери од Македонија. Што би рекла, каква служба служиш ти таму?

Се чувствувам благословена што сум уште во можност да се изразувам и да имам „послободна“ традиција на излагање во Берлин. Благословена и благодарна што клубот ни препушта на програмирање три вечери годишно во Панорама бар, кои ќе продолжиме да ги правиме во 2019, а исто така во план ни е да го надградиме и нашиот нов настан „Bring Down The Walls“, кој го лансиравме во септември со распродаден концерт во Бергхаин. Легендарниот Larry Heard со Mr. White.

 

Lakuti, доаѓа зима, како се справуваш?

Морам да признаам дека водам борба со зимата во Берлин. Последниве неколку беа прилично меки. Најмногу се борам со темницата. Се стемнува многу рано, па се наоѓате себе си во перпетуална темница и сивило со месеци. Ми треба светлина за да се чувствувам поведро. Во поретките случаи, кога имам слободен викенд, често канам пријатели дома и им готвам вечера, па си седиме и збориме со саати. Обожавам да готвам, па секогаш експериментирам со нови храни. Во некои прилики, кога има нешто возбудливо, излагаме да денсаме.

 

 

Comments

comments