Направен за патници на кои соба со големина на кутија за кондури не им е доволна, новиот хотел Leman Locke ги поместува критериумите за тоа како може да изгледа еден современ „апартхотел“ во кој гостите може да изнајмат соба/апартман за да живеат подолго време.

Архитектонското студио Grzywinski+Pons застанува пред предизвикот да создаде простор кој ќе ги понуди удобностите на домот и притоа ќе се вклопи во културниот епицентар на Лондон, со своите простори за работа, барот Hyde и ресторанот Treves. Како и во други нивни проекти, така и во овој, Grzywinski+Pons посветуваат големо внимание на деталите. Освен L-shaped софата која сега е заштитен знак на Leman Locke, тие го дизајнираат и останатиот мебел кој гостите може да си го купат.

Leman Locke е лоциран во источен Лондон, во непосредна близина на зоните кои се центри на современата уметност, модата и на културата воопшто (Shoreditch, Hoxton, Hackney). Ваквата негова локација, во дел од градот каде што се мешаат култури, вкусови и трендови на живеење, ги става архитектите на хотелот пред голем предизвик – да го вклопат неговиот дух во оној на локалниот контекст.

Њујоршкото студио Grzywinski+Pons си поставија задача да го „спакуваат“ хотелот во постоечката висококатница и да му дадат на просторот квалитет кој ќе соодветствува на современиот начин на живот.

 

 

Grzywinski+Pons, како и нивните клиенти од Leman Locke, имаат на ум дека младите и креативни професионалци, кои живеат номадски заради природата на нивната работа, би сакале да имаат опција за престој која е комбинација од двата света – оној на домувањето и оној на привременото сместување.

Водени од сликата за современиот патник и неговите секојдневни потреби, тие прават спој на гостопримливата атмосфера од малите бутик-хотели и удобностите на подолгиот престој односно на домот.

Leman Locke има 105 пространи студија и 63 апартмани, секој од нив со спална соба, целосно опремена кујна и дневен простор, со речиси двојно поголема квадратура од типичните хотелски соби (<30m2).

 

 

Повеќето хотелски соби низ светот се направени така што активностите во нив се одвиваат околу креветот како основен, и некогаш единствен, елемент во собата. Во ниедна од нив нема доволно добро место каде што може да го ставиш лап-топот и да работиш, да гледаш филм и да јадеш чоколадо, да скролаш на Инстаграм облечен во јакна и фармерки додека чекаш да ти се јават за да излезеш, дури и да поканиш пријател на гости, а тоа да не го правиш легнат во креветот (добро сега, зависи од пријателот).

Grzywinski+Pons дизајнираат парче мебел, кое потоа станува и заштитен знак на Leman Locke, L-shaped софа на која што може да го поминеш најголемиот дел од времето кога не спиеш, а си во собата.

Тие сметаат дека принципот на „пакување“ и трансформирање на елементите кој е често употребуван во микро-домувањето (кревети на расклопување, бироа на вртење и сл.) не е соодветен за хотелските соби. Задачата да се раскрене масата по јадење или фотелјата пред легнување, за потоа тие парчиња мебел да се движат и склопуваат, дополнително го комплицира користењето на истите и го зголемува непријатното чувството кај гостите.

 

 

Успешноста во дизајнирањето на овие соби произлегува од поимањето на архитектите на хотелската соба како простор кој не е само кабина за спиење, туку простор кој треба да даде чувство на припадност, удобност во работењето, готвењето, средбите, одморот и се она што човек може да си го дозволи дома.

Покрај постигнувањето на најголема функционалност и економичност на просторот, архитектите вешто внесуваат униформна естетика и хармоничен стил во сите соби со употребата на пастелна палета на бои и топли текстури. Освен софата, Grzywinski+Pons го дизајнираат речиси целиот мебел, вклучувајќи ги креветите, масите и светлата… Се во собата е на продажба. На рецепција има каталог со парчињата од собата што може да си ги нарачаш.

Листата на неопходни работи што ти требаат во собата додека си на пат – фен, пегла и машина за перење, Leman Locke ја надополнуваат со јога мат, Nutri Bullet, книга со рецепти за готвење Hemsley and Hemsley, Locke Box со органско кафе и Т2 чаеви, Doisy and Dam чоколадо, Martin Miller Gin и Fever Tree Tonic во кујната, производи со мирис на хибискус и ванила од лондонската компанија за нега на тело Kinsey и жолто гумено пајче во бањата. Ваквата посветеност на детали го прават привремениот престој да личи на возвишена варијанта на дом, лоциран во некој друг град.

 

 

Сместен во гастрономскиот епицентар на Лондон, во близина на Som Saa, Hot Box, Gunpowder, Taberna Da Mercado итн., Leman Locke се труди да биде нивна добра конкуренција со своите Treves & Hyde.

Ресторанот Treves, кој се отвора во февруари 2017, е место предвидено за читање книга со чаша добро вино во рака, работа на лап-топ со шолја кафе, состанок со колеги или вечера со партнерот. Доволно удобен за да го поминеш цел ден седејќи таму, доволно кул за да ги поканиш пријателите во него, со доволно вкусна храна за да не мораш да јадеш на друго место, но и доволно непретенциозен за да немора да правиш ништо од ова.

Барот Hyde, како што можеби наговестува името (Dr. Jekyll and Mr. Hyde), има две лица: дневното лице на одмерен и здрав бар кога служи органски салати, гранола, кафе и свежи сокови, и вечерното кога се трансформира во бар со голем избор на пива, вина и коктели.

Просторот за правење скара на отворено со капацитет од над 50 гости; просториите за креативни средби и состаноци со харибо бонбони и шишиња Rioja Crianza Vina Cerrada; салата за вежбање со лични тренери; салата за медитација и спа центарот се само дел од дополнителните простори сместени во висококатницата на Leman Street кои придонесуваат за подобрување на секојдневниот животен стил, здравјето и продуктивноста на гостите во Leman Locke.

 

Comments

comments