Запознајте ја @lilmiquela. Симпатична девојка од Лос Анџелес со оптимален број на пеги, дизајнерска облека и познати пријатели.

Навидум Miquela е типичен инфлуенсер кој можеш да го сретнеш на социјалните медиуми. Но она што ја прави суштински различна од сите инстаграм ликови е фактот дека таа е всушност компјутерска креација.

Нејзината приказна започнува во април 2016, кога е креиран нејзиниот Инстаграм профил. Во своето двегодишно постоење, Lil Miquela го освои интересот на гигантски модни куќи од типот на Prada и Diesel, а се појави и на насловната страна на февруарскиот број од New York Times. Во моментов, нејзиниот Инстаграм профил брои 1.1 милион следачи.

Таа е првиот „виртуелен човек“ од својот вид, 3D модел создаден со помош на CGI (computer-generated imagery). Кој и зошто ја има создадено Lil Miquela е сè уште непознaто, а мистеријата која стои зад овој Инстаграм профил е една од најголемите причини за неговата популарност.

 

Balenciaga Baby for Highsnobiety 📷 @yimmyayo remixed by @itsmaysmemes

A post shared by *~ MIQUELA ~* (@lilmiquela) on

 

Концептот на користење компјутерски генерирани аватари не е нов. Најдобар пример за тоа се Gorillaz кои постојат како виртуелен бенд уште од 90-тите. Јапонската сензација, Hatsune Miku,(која е всушност софтверски вокален синтисајзер, е уште еден пример за cybercelebrity со светски позната кариера. Сепак, во контекст на виртуелни инфлуенсери, @lilmiquela е првата од својата генерација.

Можеби најскокотливата информација за Lil Miquela е тоа што таа во ниеден момент не се декларира себеси како виртуелен аватар. Токму ова ја прави Miquela влијателна во една поинаква смисла на зборот. Илјадници следачи на нејзиниот профил секојдневно ѝ го поставуваат прашањето: „Дали си вистинска?“

Оваа виртуелната приказна ја достигнува својата кулминација во април 2018, кога @bermudaisbae, уште еден CGI инстаграм аватар го презема нејзиниот Инстаграм, ги брише сите фотографии од Miquela, и ги заменува со свои. Bermuda e русокоса американка со отворени симпатии кон Donald Trump и неимпресивен вкус за облека. Целта на овој виртуелен напад, како што изјавува Bermuda, е да се дознае вистината за Lil Miquela.

Дводневната онлајн мелодрама помеѓу виртуелните аватари расветли некои детали околу креацијата на Lil Miquela, но наместо завршница, приказната доби неочекуван пресврт. Новиот развој на настаните ја поврзува @lilmiquela со Brud, стартап базиран во Лос Анџелес, кој се занимава со роботика, вештачка интелигенција и нивна примена во медија бизнисите. Имено, Lil Miquela e многу повеќе од CGI инстаграм модел. Создадена во Силиконската Долина во 2012, од страна на Daniel Cain, таа е робот чиjа првична намена била да биде слуга. Потоа била „украдена“ од страна на Brud, каде што била ре-програмирана по спомените и карактерот на вистинска девојка по име Miquela Sousa. Секако, оваа приказна звучи како почеток на некреативен sci-fi роман и е фактолошки непоткрепена.

 

Thirst Trap season 🍊

A post shared by *~ MIQUELA ~* (@lilmiquela) on

 

Оттука се јавува сомнежот дека сите овие настани се дел од една добро смислено ПР сценарио коe има за цел да ја лансира Lil Miquela како суперѕвезда во виртуелниот свет.

Голем број на брендови се заинтересирани да профитираат од Uncanny Valley шармот на @lilmiquela, што наговестува големи промени во полето на дигиталниот маркетинг. Иако сè уште зборуваме за првата генерација на виртуелни инфлуенсери, не би било изненадувачки доколку компаниите започнат да креираат свои виртуелни аватари како дел од нивниот брендинг.

Можеби звучи бизарно, но во доцниот капитализам веќе постои практика да се „персонифицираат“ брендовите, давајќи им човечки одлики и вредности во кои би се пронашле нивните потрошувачи. Креацијата на дигитални аватари би била само логичен чекор напред.

Од друга страна пак, целиот наратив може да се доживее и како виртуелен сатиричен перформанс, кој ја критикува плиткоста на социјалните медиуми како Инстаграм и го поставува можеби најважното прашање: Што е вистинско во свет на шминка, филтри и спонзорирани постови?

Одговорот на ова прашање оди повеќе во прилог на виртуелните аватари како Miquela и нивната тенденција да стануваат се пореалистични и да ги бришат границите помеѓу софистицираниот CGI и масовното обезличување на „вистинските“ луѓе кои живеат на социјалните медиуми.

 

Comments

comments