Баскерфест, единствениот циркус под отворено небо кој веќе 11 години носи свежина и смеа во животите на Скопјани. Секоја година месец јуни (оваа година од 10-19ти) е домаќин на многумина артисти од целиот свет.

Возбудливи акробатски точки, одење по жица, танцување со оган и многу други активности се само дел од атмосферата и амбиентот кој владее секоја година на „Баскерфест”.

Накратко „Баскерфест” е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија, признат како најголем настан од ваков вид во регионот. Дебито на „Баскерфест” се случи во 2006 година и се покажа како успешно заокружување, со програма во која беа вклучени повеќе од 50 артисти, акробати, танчери, магионичари, музичари, жонглери.

Нашето внимание околу „Баскерфест” беше привлечено од неколку интересни приказни до кои стигнавме преку нашите блиски извори.

 

 

Приказни кои се огледало на љубовната и роматичната страна на „Баскерфест”. Токму на овој настан судбините на многу луѓе се испреплетоа, а некои од нив го препознаа и своето happily ever after.

Првата љубов помеѓу двајца артисти која се случи токму на „Баскерфест” во Скопје, беше онаа помеѓу акробатката на трапез Mimi Wyatt од САД и магионичарот Ben Burland од Канада, далечната 2009та година. Тие денес се во среќен брак и имаат ќерка.

Пред две години, таа среќа ја имаа и Софи и Немања.

Иако дојдоа како дел од различни трупи, годинава освен што го делат истото презиме, ќе ја делат и сцената.

„Баскерфест Македонија секогаш ќе има посебно место во нашите срца, бидејќи пред две години не спои и од тој момент сме неразделни. Во меѓувреме, стапивме во брак, развивме нови вештини и го направивме и изведовме незаборавното заедничко шоу — „Foolosophy Entertainment”. Среќни сме, што после две години, се враќаме во местото каде што се запознавме и ќе имаме можност да го презентираме нашето шоу со оган „The joke’s on you!”. Се гледаме наскоро” — Изјава на Немања од „Foolosophy Entertainment”

Минатата година повторно беше среќна година и за нашиот Грицко (Небојша Додевски) и Violeta Luncaşu од Романија.

„Виолета ја запознав пред две години на „Баскерфест” Скопје, но претходниот „Баскерфест” станавме поблиски и одлучивме дека сакаме да бидеме засекогаш заедно. На „Баскерфест” гледам како на голем поле за позитивна енергија и многу сум му благодарен на Пане, кој и покрај теретот што оваа работа го носи, тој сепак не се откажува од него. Но за убавината на „Баскерфест” можеме да зборуваме и пишуваме долго, бидејќи многу е лесно да се зборува за такво прекрасно нешто…” — изјава на Грицко

 

Comments

comments