Она што е најважно во тангото е прегратката. Јас би отишол чекор понатаму и би рекол дека прегратката е можеби најдобриот начин да пренесеш емоција, човечка топлина или љубов.

Мислам, со вакви факти на маса невозможно е да не посакаш барем еднаш во животот да пробаш па да се препуштиш на танцовите движења и да ја почуствуваш енергијата која ја носи со себе.

Но прашањето е од каде, од кога, зошто и каде е сега тангото во Македонија?

Дел имам прочитано, дел побарав совет кај танго-генијалците, и заклучокот ми е дека тангото во нашава држава е поприлично навлезено во порите на културата, а тоа е поради бројните школи за танго кои опстојуваат и се дом на голем број аматери, професионалци и љубители на тангото.

 

MACEDONIA / Skopje / 10.02.2010 Partners in a closed embrace dancing tango at a milonga. © Ivan Blazhev / Anzenberger

© Иван Блажев

 

Историјата на тангото во Македонија датира од пред 6-7 години и тоа главната инфлуенца била од група на тангероси од Словенија, кои без никаков надомест дошле во Скопје да ја држат првата танго работилница. По овој настан веќе целиот развој течел „органски”.

Почетоците биле тешки, како во секоја работа, па така според зборовите на Петар Павлов (танчер и креатор на Creative Exchange) кога пред 10тина години почнувал со тангото, немало ниту еден човек кој се сметал за инструктор меѓу нив. Наместо тоа, се собирале секој ден и секој го споделувал своето знаење и делел совети околу совладувањето на техниката. Собирањата се случувале во парк, во геодетски институт каде со помош на акумулатор и аудио систем пуштале музика и играле.

Секако, после тоа сцената еволуирала и се отвориле многубројни школи кои помогнале во развивање на танго сцената во Скопје.

Токму поради таа експанзија што се случува последниве години, решив да ги прашам дел од организаторите и главните ликови на танго сцената во Македонија, за тоа што претставува тангото, која е нивната дефиниција и како тие го доживуваат истото.

 

 

Школа: Институт „ТангоМ”

Почеток: 2014 година

Во „ТангоМ” главниот фокус на изучување на тангото се базира на истражување на суштината на комуникацијата и движењето и правилно оддржување на сопствениот баланс збогатувајќи го вокабуларот согласно современите текови и секогаш инспиративниот традиционален дух на овој танц.

Тангото најчесто се опишува како страстен танц, најмногу поради блиската конекција помеѓу партнерите, карактерот на музиката и поради дел од историјата на танцот. Колку и да звучи изненадувачки, тангото не e толку комплицирано одвнатре како што изгледа однадвор – во суштина тоа е слично на пријатен топол разговор помеѓу блиски пријатели.

Кога танцуваме танго не постои минато или иднина, постојат само партнерот/партнерката и музиката, магично движејќи се како едно.

Комуникацијата се одвива исклучиво преку говорот на телото. И мажите и жените придонесуваат во разговорот, го инспирираат другиот и го дополнуваат танцот со сето срце и сета креативност на својата личност.

 

MACEDONIA / Skopje / 10.02.2010 Couples dancing tango at a milonga. © Ivan Blazhev / Anzenberger

© Иван Блажев

Школа: „Фамилија Тангови”

Почеток: 2011 година

Во школата се одржуваат редовни часови по танго за сите нивоа, редовни танго игранки познати како милонги, а неретко знаат да поканат и странски инструктори кои со свои работилници придонесуваат за подигнување на нивото на танго сцената. Еден од нивните најсериозни ангажмани е интернационалниот танго маратон „Маратангон“, кој се одржува наесен, веќе три години по ред, а во план е и четвртото издание.

Тангото е танц којшто нуди шареноликост на стилови и можности за изразување, но и танц којшто еволуира и дише со модерното време, на што се должи неговата моментална популарност во целиот свет.

Стилот којшто го негуваат и пренесуваат се заснова на анализирање на физиката на движењата помеѓу партнерите, што е основата на она што се нарекува Танго нуево (Ново танго), но што не се однесува на конкретен стил или израз туку на начин на совладување на движењата во танцот.

Или поедноставно, фокусот при учењето танго не е само кон едноставно повторување на движењата на инструкторите, туку кон тоа како тоа да се оттанцува. Еден од најсуштинските описи на тангото е тоа дека претставува танц на импровизација. Они веруваат во слободата на тангото и бескрајните можности кои тоа ги нуди и затоа ги охрабруваат нивните ученици да го пронајдат својот сопствен стил и израз во танцувањето.

Конечно во однос нивното гледање и доживување на тангото како лично искуство би сакале да ja парафразираат танчерката и инструкторка по танго, Наоми Хота: „Тангото содржи голема доза на состојки кои предизвикуваат зависност, како на пример, болка, задоволство, страст, возбуда, конекција, слобода, патос и благосостојба. На седум, од десет луѓе целосно им го преокупира животот.“ Тангото е бескрајно и магично.

 

MACEDONIA / Skopje / 10.02.2010 Two girls hanging out and talking during a milonga. © Ivan Blazhev / Anzenberger

© Иван Блажев

 

Школа: „Танго милонгеро Скопје”

Почеток: 2011 година

„Танго милонгеро Скопје“ е една од најстарите школи за танго во Скопје и единствена која го негува исклучиво социјалното танго, она наменето за игранки/милонги (оттука доаѓа и името на школата – милонгеро).

Школата постои повеќе од 5 години и за овој период низ неа поминале повеќе од 1.500 ученици. Покрај часовите и практиките, училиштето активно работи на развојот на танго културата, познавањето на музиката и непишаните правила на однесување во социјалното танго.„Танго милонгеро Скопје“ организира и редовни неделни и месечни милонги, без кои учењето танго нема смисла.

Веруваат дека оние кои танцуваат танго стануваат подобри луѓе и дека општеството во кое живеат такви луѓе е похумано општество. Затоа се стремат да допрат до што е можно повеќе луѓе. Веруваат дека комерцијализацијата и шоу тангото ги отуѓуваат луѓето и затоа го промовираат социјалното танго кое ги почитува традиционалните танго вредности.

 

Comments

comments